Повик до Министерството за здравство за соодветен закон за медицинска употреба на канабис

​Денес 24.12.2015, во Холидеј Ин се одржа прес конференција од страна на ХОПС. Како причина е новиот закон во врска со медицинската употреба на канабисот. ХОПС смета дека треба да се донесе посебен закон со кој ќе се регулира медицинската употреба на канабисот во Македонија.  За таа цел ги повикуваме надлежните институции да креираат простор за стручна и јавна дебата во насока на изнаоѓање на најсоодветен модел за регулирање на медицинската употреба на канабис во Македонија. Како организација која долги години ја следи состојбата во Македонија и трендовите во светот, спремни сме да придонесеме во овој процес со своето искуство и експертиза.

Ставот и видеото од прес конференцијата на „ХОПС – Опции за здрав живот Скопје“ за медицинската употреба на канабис во Македонија можете да го најдете на овие два линка:

Содржините можете слободно да ги превземете.

ХОПС – Опции за здрав живот Скопје за медицинската употреба на канабис во Македонија

​ХОПС – Опции за здрав живот Скопје  на денешната прес конференција го повикаа Министерството за здравство да креираат соодветен закон кој ќе одговори на потребите на сите кои ќе го користат канабисот при различни здравствени состојби.

ХОПС смета дека треба да се донесе посебен закон со кој ќе се регулира медицинската употреба на канабисот во Македонија.  Истиот треба да озвозможи лесен пристап до евтини лекови, вклучително и масло од канабис, во аптеки или специјални продавници, но и можност за сопствено одгледување за оние пациенти кои не се во состојба да ги купуваат лековите или имаат желба сами да го подготвуваат сопствениот лек. Начините и формите на употреба на канабисот се разликуваат во зависност од видот на болеста или здравствената состојба, затоа канабисот за медицинска употреба треба да биде достапен во различни форми (за пушење, вапоризирање, во капсули, за јадење или во форма на масло од канабис). Исто така, употребата на канабисот во медицински цели не треба да биде условена со конвенционалната медицинска пракса. Официјалниот став на организацијата може да го преземете од тука.

Одбрани трите статии на тема: „Сексуалната работа во Македoнија“

​Здружението „ХОПС - Опции за здрав живот Скопје“ по повод 17 декември - Меѓународен ден за борба против насилството врз сексуалните рабтоници, спроведе јавен повик за новинарски статии на тема: „Сексуалната работа во Македoнија“.  

Од пристигнатите текстови, Комисијата за избор ги награди следните:

Прва награда: Билјана Зафирова - „Сексуални работнички-достоинствени во изборот, а не обележани од општеството“.

Втора награда: Сунаи Сабриоски - „Декриминализација на сексуалната работа во Македонија“.

-Трета награда: Александар Самарџиев - „Здравјето на сексуалните работнички во рацете на невладиниот сектор“.

Им честитаме на наградените новинари, а воедно им забалгодаруваме на сите оние кои покажаа интерес и испратија текстови кои ги објавиле во медиумите, а со тоа и се обидоа да дадат придонес во промена на перцепција за  работата и правата на сексуалните работници од страна на медиумите.

Иднината на програмите за намалување на штети од употреба на дроги во Македонија

Програмите за намалување на штети од употреба на дроги во Македонија датираат од 1996 година кога Асоцијацијата за социокултурни активности „МАСКА“ ја отвори првата Програма за размена на прибор за инјектирање, што следната година ја продолжи ХОПС – Опции за здрав живот Скопје. Оттогаш до денес во Македонија се развиени вкупно 16 програми за намалување на штети, од кои четири се во Скопје и по една програма во други 13 градови. Програмите за намалување на штети од употреба на дроги во Македонија се карактеризираат со нивната комплементарност, односно тие нудат повеќе услуги на едно место – стерилен прибор за инјектирање, кондоми, услуги од медицинско лице, социјален работник, теренска работа, тестирање за ХИВ и хепатит Ц, а во 6 градови и бесплатна правна помош. Токму поради оваa карактеристика овие програми се препознаени како добра пракса не само во регионот туку и пошироко, и голем број на студиски посети се реализирани во Македонија каде што учесници од разни земји ги посетиле програмите на ХОПС во Скопје и стекнувале знаење за тоа како да се развива успешна програма за намалување на штети од употреба на дроги.

Тортура не е култура!

​Денес е 17 декември, меѓународен ден за борба против насилството врз сексуалните работници. Сексуалните работници во светот се соочуваат со насилство. Македонија не е исклучок од ова.

Според последното истражување на  ХОПС за оваа година, од 310 сексуални работници, 211 сексуални работници или 68,1% од испитаните потврдиле дека биле малтретирани поради сексуалната работа. Загрижувачки е што повеќе од 12% од испитаните сексуални работници навеле дека барем еднаш биле подложни на сексуално насилство, додека 10% од испитаниците биле присилени од страна на клиентите да имаат сексуален однос без кондом. Спротивно на нивната волја, притоа изложувајќи ги на ризик од пренесување на заразни болести.

Oбука за теренски истражувања поврзани со туберкулоза

На 11 декември 2015 во НВО центар Скопје, ХОПС организираше обука на теренски истражувачи за потребите на Истражувањето за процена на знаењата, ставовите и практиките поврзани со туберкулоза застапени помеѓу групите најранливи за туберкулоза во Република Македонија. Со оваа обука и официјално започна фазата на собирање на податоци која ќе трае до крајот на јануари 2016. Истражувањето ќе се  спроведува во 9 градови низ државата и ќе опфати луѓе кои употребуваат дроги, клиенти на супституционен третман, сексуални работници/-чки, бегалци / внатрешно раселени лица / баратели на азил, осуденици кои издржуваат затворска казна, луѓе кои живеат со ХИВ и припадници на ромската заедница. Се очекува резултатите од истражувањето да бидат објавени во мај наредната година и да се користат за унапредување на контролата на туберкулоза во Македонија. 

Обука за претставници на локалната самоуправа за одржливост на програми за намалување на штети од употреба на дроги и превенција од ХИВ/СИДА

Здружението „ХОПС - Опции за здрав живот Скопје“ во рамки на своите активности организираше тродневна  обука за претставници на локалната самоуправа за одржливост на програми за намалување на штети од употреба на дроги и превенција од ХИВ/СИДА, која се одржа во периодот од 14 до 16 декември во Охрид.

Интернет платформата за донирање

​Затоа што секое дете заслужува исполнето и среќно детство „ХОПС“ заедно со уште  16 граѓанските организации кои спроведуваат превентивни активности за ХИВ и туберкулоза, како дел од нивната програма за самоодржливост, преку Националниот координативен механизам(НКМ), денес ја започнува кампањата за собирање средства наменети за клучните заедници. Градењето на оваа платформа е неопходен чекор бидејќи во 2016 година завршува проектот на Глобалниот Фонд (ГФ) и финансирањето на превентивните програми за ХИВ и туберкулоза во Македонија, со цел обезбедување на одржливост на сервисите за превенција,третман, грижа и поддршказа ХИВ/СИДА и туберкулоза во Македонија.

10 декември - „Меѓународен ден за човекови права“ и состојбата со правата на сексуалните работници

​Денес, 10 декември - „Меѓународен  ден за човекови права“ сакаме да потсетиме за состојбата со правата на сексуалните работници во Македонија.

Во почетокот на оваа година беше спроведено регионално истражување “Потфрлање на правдата: Институционално и вон - институционално насилство кон сексуалните работници и потрага по заштита и праведност“. Во овој извештај се говори за пристапот до правда на сексуалните работници каде беа опфатени 16 земји меѓу кои и Македонија, и  се направени вкупно 320 интервјуа со жени (цис и транс трансродови) и мажи сексуални  работници.

Резултатите од Македонија покажуваат дека минатите искуства со полициското непостапување или малтретирање сериозно влијаело на одлуката на сексуалните работници да не го пријават насилството од страна на клиенти или брачни партнери, со што се создава услови истото да  продолжи, а притоа  сексуалните работници сепак да останат незаштитени.

„Ако го пријавам [сопругот], тој ќе дознае и ќе имам поголеми проблеми со него. Го имам пријавувано во минатото, но полицијата не презеде никакви мерки“. (сексуална работничка на отворена сцена од ромска припадност, Македонија).

Конференција - “Предности и предизвици во медицинската употреба на канабис”

​ХОПС-Опции за здрав живот Скопје и Здружението на токсиколози на Македонија на 27.11.2015 година одржаа еднодневна конференција на тема “Предности и предизвици во медицинската употреба на канабис” . На Конференцијата учествуваа преку 60 преставници од државни институции и министерства релеватни за ова прашање а свои излагања имаа Д-р Нико Беќаровски од Здружението на токсиколози на Македонија, Влатко Деков од ХОПС и Валентина Бислимовска од  Јавно Обвинителство.  Говорниците  зборуваа за историјатот на употребата на канабисот во медицински цели, за постоечките клинички испитувања, законската регулатива и можните модели за регулирање на канабисот ( модел за дистибуција само на регистрирани лекови или модел кој дозволува и сопствено одгледување  на канабис). Главен заклучок беше дека моменталната ситуација на несоодветно регулирање на употребата на канабисот во медицински цели не е во корист на граѓаните на Република Македонија. Затоа е потребно што побрзо да се преземат конкретни чекори за донесување на нов закон со кој ќе се регулира ова прашање и ќе им се помогне на луѓето кои имаат потреба од користење на канабис заради здравствени причини.

Pages