Визија, мисија и профил

Визија на ХОПС: Oпштество во кое на сите луѓе подеднакво им се почитуваат човековите права и слободи и уживаат социјална, здравствена и економска благосостојба. 

Мисија на ХОПС: Промоција, почитување и заштита на човековите права и слободи заради унапредување на здавјето и социоекономскиот статус на сите луѓе, а особено на корисниците на дроги, сексуалните работници и други маргинализирани заедници базирано на принципите за намалување на штети, преку еднаков пристап до сервиси и услуги, зајакнување на заедницата, подигнување на капацитети, истражувања, анализи и застапување. 

ХОПС – Опции за здрав живот Скопје е здружение на граѓани што од 1997 година активно ги спроведува своите програми и активности во Скопје и во останатите градови во Република Македонија. Во 1997 година првпат ги воведе програмите за размена на опрема за инјектирање во Р. Македонија, со цел превенција на ХИВ/СИДА помеѓу корисници/чки на дроги и нивните семејства, а три години подоцна, во 2000 година, почна со имплементација на првата програма за поддршка на сексуални работници/ чки во Скопје. Оттогаш наваму успешно развива и спроведува програми за намалување штети од употреба на дрога, превенција на ХИВ/СИДА и други сексуално и по крвен пат преносливи инфекции, како и програми за социјално вклучување на ранливите и маргинализираните заедници во Република Македонија.

​ХОПС е добитник на Меѓународната награда за ХИВ/СИДА и човекови права за 2010 година, што ја доделуваат Канадската правна мрежа за ХИВ/СИДА – www.aidslaw.ca и Хјуман рајтс воч – www.hrw.org.

Маргинализирани заедници и засегнати страни со кои работи  ХОПС

Во своето делување ХОПС првенствено своите активности ги спроведува со цел подобрување на статусот на корисниците на дрога и сексуалните работници, како и на сите останати маргинализирани групи во општеството и во тој контекст сите тие се директни корисници или целни групи во работењето на здружението. 

Од друга страна ХОПС дава поддшка за основање и работа на други граѓански здруженија во Скопје и пошироко низ Македонија, со слична мисија како ХОПС и кои имаат потенцијал да работат со слични целни групи. ХОПС делува како ментор и помагач во функционирањето на овие здруженија и во нивниот подобар пристап до корисниците.

Во своите напори за застапување, креирање, измена и донесување на политики во полза на корисниците на дрога и сексуалните работници како и на останатите маргинализирани групи, ХОПС соработува со јавните институции носители на политиките (на пр. Министерство за здравство, Министерство за труд и социјална политика), донатори и меѓународни организации кои се присутни во Македонија и кои делуваат на истото поле на работа.