Ве покануваме на дебата и промоција на новиот број на „Дроги – Политики и практики“

На 30ти септември (вторник), во 19:30 часот, во просториите на Автономниот Културно Социјален Центар, ќе се организира дебата на која ќе биде отворено прашањето за соодветна законска регулација на употребата на дроги. 
 
На дебатата ќе зборуваат: Мариглен Демири (Солидарност), Влатко Деков (ХОПС), Филип Достовски (Зелена алтернатива) и
Јака Битенц (Словенечки социјален клуб за канабис). Модератор на дебатата: Ирена Цветковиќ (Коалицијата СЗПМЗ). 
 
Истовремено, во рамките на отворената дебата ќе биде промовирано новото издание на списанието „Дроги – Политики и практики“, чијашто носечка тема е „Дроги и законодавство“, овојпат достапно и во електронска, онлајн верзија.
 
Во продолжение ви презентираме дел од воведниот текст на Влатко Деков, кој укажува дека казнените мерки самостојно, без оглед колку се тие строги, не ја постигнуваат целта за намалување на употребата на дроги. Уште полошо, во многу случаи оние закони што ја криминализираат употребата доведуваат до негативни последици како што се: стигматизација на корисниците, нарушување на човековите права, отежнат пристап до третман и ресоцијализација итн.
 
​Законска регулатива за дрогите
 
Имајќи предвид дека употребата на дроги може да предизвика штетни последици како на индивидуално така и на општествено ниво, државите низ светот спроведуваат различни стратегии и закони за да се превенираат или намалат овие последици. Во повеќето држави во светот е забрането производството, поседувањето, купопродажбата и употребата на дроги. Меѓународната правна рамка се заснова на три конвенции за наркотични дроги и психоактивни супстанции (во 1961 год., во 1971 год., во 1988 год.) донесени од Обединетите нации,  а потпишани и ратификувани од земјите-членки на ОН. Како што е наведено во Конвенцијата од 1988 година со самата ратификација земјите се обврзуваат да воведат санкции за секое производство, продажба, транспорт, дистрибуција или набавка на супстанциите кои се забранети со конвенциите од 1961 год. и од 1971 год. 
 
Сите три конвенции овозможуваат земјите-потписнички да спроведуваат мерки за третман, едукација, посттретманска грижа, рехабилитација и социјална реинтеграција за тие кои сториле казнени дела поврзани со дроги, а самите се зависни од дроги.
 
Иако постојат различни толкувања, сепак, во конвенциите не постојат специфични членови и детални одредби кои се однесуваат на криминализација на употребата на дроги и е оставена можност за флексибилност во националните политики, во однос на санкционирањето на личната употреба на дроги.
 
Сепак во најголемиот број земји-потписнички забрането е производство, продажба, транспорт, набавка и употреба на дроги. Исто така, голем број држави ја криминализираат употреба на дроги како: Русија, Грузија, Сингапур, Кина итн.
 
Во 2008 год. извршниот директор на УНОДЦ - Канцеларијата на ОН за дроги и криминал укажа на следниве негативни последици на постоечката меѓународната правна рамка за дрогите која е прилично рестриктивна.
 
Креиран е голем доходовен црн пазар на дроги кој го експлоатираат моќни криминални организации.
 
Географска замена на производството, односно успешната акција против производството на дрога во еден дел од земјата или регион во светот доведува до балон-ефект и зголемување на производството на дрога во друг дел од земјата или регион во светот. Производството не се намалува, туку само се преселува.
 
Замена на супстанцијата – односно кога одредени акции и стратегии доведуваат до намалување на производството и побарувачката на еден вид дрога, дилерите и лицата кои употребуваат дроги се префрлуваат на друг вид дрога која честопати е многу поштетна од претходната.
 
Криминализацијата на лицата кои употребуваат дроги ја зголемува нивната маргинализација и стигматизација што доведува до отежнат пристап до здравствени и социјални услуги и намалување на нивната продуктивност во општеството.
 
Евиденцијата укажува дека казнените мерки самостојно, без оглед колку се тие строги, не ја постигнуваат целта за намалување на употребата на дроги. Уште полошо, во многу случаи оние закони што ја криминализираат употребата доведуваат до негативни последици како што се: стигматизација на корисниците, нарушување на човековите права, отежнат пристап до третман и ресоцијализација итн. 
 
Во други земји, пак, како: Португалија, Чешка, Холандија, Шпанија итн. фокусот е ставен на јавното здравје, социјалната политика и човековите права, а законите не ја криминализираат употребата на дроги. Во 2013 година Уругвај отиде чекор понапред и го легализираше и производството за лична употреба, но само за марихуана. Имено, нивните граѓани откако ќе се лиценцираат можат да бираат меѓу следниве три опции: сами да си произведуваат до 6 стебла годишно, да се зачленат во марихуана социјален клуб каде што заедно со останатите од 15 до 45 членови можат да одгледуваат најмногу до 99 стебла годишно или пак да купуваат до 40 грама месечно од лиценцирани аптеки. 
 
Некои земји, како што се неколку федерални единици во САД, ја легализираат само медицинската употреба на марихуана или пак дозволуваат да се формираат социјални клубови на корисници на марихуана (Словенија, Белгија и др.), кои заднички можат да одгледуваат или да поседуваат марихуана за лична употреба. 
 
Како и да е, движењата и иницијативите за промена на законите во правец на декриминализација на поседувањето и употребата на дроги, како и за легализација на марихуаната се сè побројни, веројатно поттикнати од резултатите што ги покажаа овие политики во некои земји, а за кои поопширно беше пишувано во првиот број на Дроги – Политики и практики.
 
Македонски искуства​
 
Во Македонија поседувањето на дрога за лична употреба не е кривично дело, а употребата на дроги се смета за прекршок против јавниот ред и мир и се казнува парично. Поконкретно, во Македонија поседувањето на дроги за лична употреба и употребата на дроги се декриминализирани. Кривично дело е поседувањето на дрога заради продажба. Сепак во пракса поседувањето на дрога најчесто се третира во рамките на Кривичниот законик. 
 
Уредувачкиот одбор на списанието Дроги – Политики и практики за потребите на овој број спроведе телефонска и интернет-анкета за испитување на ставовите на македонските граѓани за две прашања:
 
1. Дали сметате дека поседувањето на дроги исклучително за лична употреба треба да биде казниво со закон?
 
2. Дали сметате дека употребата на марихуана треба да се легализира?
 
Повеќе за резултатите од анкетата и за етичките и социјалните дилеми на криминализацијата, може да прочитате тука.