Уште една тажна приказна

Во своето повеќегодишно искуство во работа со луѓето кои употребуваат дроги во Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје често се среќавам со примери поради кои никако не можам да останам рамнодушна на незаинтересираноста на институциите. Постојано гледам како си ја префрлуваат одговорноста едни на други кога ние во името на некој наш клиент или клиентка ќе побараме соодветни услуги и тоа ме исполнува со револт. Не можам да разберам како по толку многу соработка и обуки и понатаму не успеаја да изградат заедничка координација за да го олеснат давањето услуги за општествено маргинализираните заедници. Некако ми се чини дека им одговара здруженијата на граѓани да ја работат нивната работа. Ама и здруженијата не се во многу подобра положба од своите клиенти. На крајот од талкањето низ институционалните лавиринти ни преостанува со горчина да им соопштиме на нашите клиенти дека сме немоќни да им помогнеме повеќе од ова и да гледаме како пропаѓаат нивните животи. Би можела со денови да раскажувам најразлични примери, но сега ќе се обидам преку еден пример барем малку да ја доловам штетата која ја трпат луѓето кои употребуваат дроги поради институционалните бариери.

Р. имаше 16 години кога дојде да побара помош од ХОПС. Во тоа време инјектираше дроги и дојде кај нас за да побара помош за лекување на зависноста од опијати. И тука започна макотрпниот пат низ институционалните лавиринти.


Тимот на ХОПС од Центарот за социјална работа доби потврда дека Р. навистина е сместена во детски дом и дека има 16 години, но дека за лекување на зависноста треба да се добие дозвола од родител/старател. ЦСР се обврза да го побара нејзиниот татко бидејќи немале никаков контакт од мајката. Во меѓувреме ние дознавме дека мајката е замината во странство, што го потврди и Р., и оваа информација ја пренесовме и на ЦСР.

Во меѓувреме дознавме дека Р. е бремена и ХОПС обезбеди гинеколошки преглед во придружба на вработен од детскиот дом со кој се потврди бременоста.

Во телефонската комуникација со раководителката на метадонските центри за сместување на лекување за 16-годишно бремено девојче добивме информација дека во дневните центри за превенција и лекување на болести на зависности не примаат лица помлади од 18 години во согласност со Статутот на  ЈУ Психијатриска болница Скопје -  Скопје. Во меѓувреме ЦСР кажа дека ќе обезбедат согласност за лекување од таткото на девојчето. Следниот контакт беше со Клиниката за токсикологија за можност за лекување на лица зависни од опијати кои се помлади од 18 години. Добивме информација дека на Клиниката може да се лекуваат со бупренорфин лица на возраст од 16 години и повозрасни. Но, услов за лекување на Клиниката за токсикологија е да се обезбеди согласност од родител/старател и психијатриска процена, и по препорака на лекарот од Токсикологија да се вклучат педијатар и гинеколог поради бременоста. Следната бариера беше кој ќе ја направи психијатриската процена. Во дневните центри за третман и лекување на болести на зависности психијатрите не можат да направат процена бидејќи работат само адултна психијатрија. Од друга страна беше укажано дека на Клиниката за психијатрија, Оддел за деца и млади, не можат да ја направат процената бидејќи не работат со болести на зависности. И покрај оваа информација, контактирав со лекар психијатар од Клиниката за психијатрија, го објаснив случајот и тој ја презема обврската да направи процена. Сите овие разговори, состаноци, средби се одвиваа подолго од една недела, а девојчето секој ден од тимот на ХОПС добиваше информации дека бараме институција и начин како да започне со терапија. И кога навидум и последната алка требаше да се затвори, односно да се направи процената од психијатар, девојчето уморно од секојдневното чекање почна да се предомислува тој ден да оди на процена кај психијатар. Уморна, ненаспана, гладна. Ѝ купивме појадок и ја оставивме да размисли за прегледот. По еден час рече дека ќе дојде следниот ден и дека ќе оди на прегледот. Следните денови девојчето не дојде во ХОПС, ниту ние успеавме да го најдеме. По околу две недели таа повторно дојде кај нас и ни ја пренесе информацијата дека имала спонтан абортус. Од детскиот дом ја однеле на Клиниката за гинекологија и акушерство. Девојчето не беше мотивирано повторно да започне со процедурата за лекување на зависноста од опијати.

По ова девојчето и детскиот дом нè контактираа за здравствените проблеми кои ги има поради неправилно и долготрајно инјектирање. Соработката со детскиот дом продолжи. И кога тие немаа решение за проблемите со кои се соочуваше девојчето побараа помош и поддршка од ХОПС. Но, колку ХОПС и другите сродни здруженија можат да помогнат за проблеми за кои нема системски решенија и соодветна законска регулатива, а надлежните институции се оградуваат од одговорности? Ние помагаме да се намалат штетите од употреба на дроги и ги поврзуваме со институциите луѓето на кои им е потребна помош, но лекувањето на зависностите е одговорност на државата.

Ова е една многу тажна приказна за девојчето кое ја загуби „бременоста“ и сѐ уште не се лекува од зависноста од дроги бидејќи нема каде да се лекува. Дали знаеме колку други девојки кои употребуваат дроги имаат вакви или слични проблеми? Знаеме само за оние кои побарале помош во ХОПС. ХОПС ја покрена целата „иницијатива“ за лекување на девојчето бидејќи никој друг не се грижеше за неа. Институцијата во која е сместена знае за проблемот за употреба на дроги, но ништо не презема, а девојчето најчесто не е во домот. Министерството за труд и социјална политика и Министерството за здравство знаат дека се потребни посебни центри за лекување на малолетни лица кои употребуваат дроги, но центри не се отворени. Постоечките центри за лекување на зависности од дроги знаат дека се потребни посебни центри за малолетни лица и укажуваат дека треба да се отворат. Но, дали некој ги слуша? Дали надлежните министерства имаат слух и решение за овие проблеми?

Сите институции „соработуваа“ со ХОПС за случајот, но и се оградуваа од одговорности оправдувајќи се дека проблемот не е во нивна надлежност, дека нивните ингеренции се толкави и дека треба да се најде решение. Кој треба да го најде решението?

ХОПС го бара решението години наназад, има улога на медијатор меѓу институциите и оние на кои им е потребна помош, соработува со надлежните институции, дава препораки, дава информации директно од терен. Додека државата не отвори центри за лекување ќе пишуваме и ќе читаме тажни приказни за изгубени соништа и млади животи.

Силвана Наумова

Силвана Наумова е дипломиран социјален работник. Во моментов е програмска менаџерка на Програмата сервиси, со четиринаесет-годишно искуство во давање и организирање сервиси за корисници на дроги и за сексуални работници.

Целосното списание во ПДФ формат и ОНЛАЈН изданието.

Додека останатите броеви ги имате во Магазин "Дроги - Политики и практики".