Универзален пристап за лекување на хепaтит Ц, вклучително со пристап и за активните корисници на дрога

Во Република Македонија, според досегашните спроведени биобихејвиорални истражувања помеѓу корисниците на дроги, околу 75% од тестираните активни корисници на дроги кои инјектираат се носители на вирусот на хепатит Ц. И покрај оваквите сознанија, активните корисници на дрога немаат пристап до терапија за хепатит Ц, односно како услов за лекување се бара корисниците на дроги најмалку 12 месеци да апстинираат од употреба на дроги и/или да се вклучени во некои од програмите за лекување на зависности од дроги. Како главна причина за овој услов, здравствените работници го наведуваат ризикот од можна повторна инфекција и залудно потрошени средства за лекување.
 
Ова прашање предизвика жестока дискусија и спротивставени ставови на учесниците на вториот ден од конференцијата „Достапност на третманот за хепатит Ц за корисници на дроги во Република Македонија – добри практики и предизвици“ (Охрид - март, 2014). За повеќе информации, погледнете го видеото.
 
Дел од здравствените работници беа против вклучување на активните корисници на дрога кои инјектираат поради ризикот од можна повторна инфекција. Дел од учесниците сметаа дека тие треба да бидат вклучени на третман бидејќи на таков начин не само што ќе се направи третман на лица кои се носители на хепатит Ц туку и се прави превенција од понатамошно ширење на вирусот
 
Зависноста од нелегални дроги е медицинска состојба која врз јавното здравство и на етичка основа, бара спроведување на ефективни мерки за да се спречат заразните болести и да се намали штетата што ја нанесува зависноста од дрога. Ефективни мерки за спречување на инфекциите постојат, но тие или не се нудат или не се достапни за голем дел од оние кои имаат потреба од нив.
 
Според податоците од Европскиот центар за следење на дрога и зависности од дрога (ЕМЦДДА), ширењето на инфекции кои се поврзуваат со користење дрога со инјектирање, се држат под контрола во текот на последната деценија во некои европски држави, а стапките на инфекции опаѓаат, најмногу како резултат на комбинацијата од промената во однесувањето кај популацијата на корисници на дрога, подобрувањето на услугите на превенција, вакцинацијата, како и лекувањето на заразните болести. 
 
Врз основа на доказите и стручното мислење, антивиралната терапија треба да се обезбеди врз основа на клинички индикации за сите оние што се инфицирани со ХИВ, ХБВ или ХЦВ. За сите лекувања се препорачува универзален пристап, вклучително со пристап и за активните корисници на дрога кои инјектираат. Истражувањата покажуваат и дека луѓето што инјектираат дрога може да постигнат резултати од лекувањето на хепатит Ц кои може да се споредат со оние на општото население кое не инјектира дрога, доколку лекувањето било придружено со соодветна поддршка. 
 
Предлог на цитати:
- Eвропски Центар за Превенција и Контрола на Болести и Европски Центар за Следење на Дрога и Зависности од Дрога. Превенција и контрола на инфективни болести кај луѓето што инјектираат дрога. Стокхолм: ЕЦДЦ; 2011.
- ХОПС - Опции за здраво живот Скопје. Дроги - Политики и практики, јуни, 2014. Скопје: ХОПС: 2014.