Универзален пристап за лекување на хепатит Ц, вклучително со пристап и за активните корисници на дрога

Во Република Македонија, според досегашните спроведени биобихејвиорални истражувања помеѓу корисниците на дроги, околу 75% од тестираните активни корисници на дроги кои инјектираат се носители на вирусот на хепатит Ц. И покрај оваквите сознанија, активните корисници на дрога немаат пристап до терапија за хепатит Ц, односно како услов за лекување се бара корисниците на дроги најмалку 12 месеци да апстинираат од употреба на дроги и/или да се вклучени во некои од програмите за лекување на зависности од дроги. Како главна причина за овој услов, здравствените работници го наведуваат ризикот од можна повторна инфекција и залудно потрошени средства за лекување.
 
 
Ова прашање предизвика жестока дискусија и спротивставени ставови на учесниците на вториот ден од конференцијата „Достапност на третманот за хепатит Ц за корисници на дроги во Република Македонија – добри практики и предизвици“ (Охрид - март, 2014). Дел од здравствените работници беа против вклучување на активните корисници на дрога кои инјектираат поради ризикот од можна повторна инфекција. Дел од учесниците сметаа дека тие треба да бидат вклучени на третман бидејќи на таков начин не само што ќе се направи третман на лица кои се носители на хепатит Ц туку и се прави превенција од понатамошно ширење на вирусот. За повеќе информации, погледнете го видеото од вториот ден на конференцијата.