Таканаречена психоделична ренесанса

Во светот денеска, по повеќе од 50 години забрани, повторно се актуелни научните и клиничките истражувања за медицинска употреба на некои класични психоактивни супстанции (ПАС) како МДМА, псилоцибин, ЛСД, кетамин, но и класичните ентеогени како канабис, ајахауска, салвија и ибогаин.

Целта на овој текст не е детално навлегување во секоја ПАС поединечно ниту пак демистификување, промовирање или алудирање на нивната употреба, туку осврт на она што е актуелно во оваа деценија на истражувачкото, а особено клиничко поле во медицината заснована на докази.

Сите психоактивни супстанции или таканаречени дроги без исклучок во еден моментот од нивното откривање до денес биле користени во медицински цели, додека некои од нив сѐ уште се користат.

Од  случајното откривање на ЛСД од страна на А. Хофман во 1943 година, па сѐ до 1968 година таа била предмет на сериозни научни истражувања, што за медицински што за воени цели. Иако со децении научните истражувања биле врвна тајна криена од очите на пошироката јавност, сепак тоа не било доволно, па така стануваат дел од контра културата во 60-тите години од ХХ век, но малку подоцна и дел од мејнстрим културата. Забраните и законите ги ставија во „подрумски плакар“ потенцијалните и евидентирани ефекти на некои класични ПАС.

Но, времето оди напред, а во последниве десет години се појавија стотици нови, недоволно проучени ПАС и дојде моментот кога  самите авторитети признаа дека класичните добро проучени дроги се многу побезбедни за користење од новите недоволно проучени потентни психоактивни супстанции.

Повторно актуелизираните научни истражувања на класичните ПАС како и сѐ поголемо присуство во многуте влијателни светски медиуми создадоа простор за менување на досегашните забранувачки политики во поглед на истражувањето на дрогите и нивниот медицински потенцијал. Истражувачите во светот, од реномираните универзитети како Џон Хопкинс, Харвард, Јејл, УКЛА, Њујоршкиот универзитет, Стенфорд, Универзитетот во Цирих, Империјал колеџ Лондон, Норвешкиот универзитет за наука и технологија, отидоа преку границите на нормативните културни вредности во проучување на супстанциите кои долги години биле табу тема во академскиот и политичкиот свет.

Во овој момент клучните супстанции во психоделичните истражувања се МДМА (активна состојка во екстази) и псилоцибин (активна состојка во халуциногените печурки). Поради интензивните и долготрајни ефекти на ЛСД, клинички се ограничени во примената, слично како и ајахуаската која е тешко да се стандардизира во терапијата.

Една пилот студија од 2010 година покажала намалување на анксиозноста и депресијата кај пациентите во напреден стадиум на канцер на кои неколку терапии со псилоцибин им помогнале полесно да го надминат и да го пребродат стравот од смртта.  Неодамнешна студија спроведена во 2016 година на Универзитетот Џон Хопкинс, како и на Њујоршкиот универзитет покажала дека околу 80 % од пациентите со канцер клинички значително ги намалиле депресивното расположение и анксиозноста по само 1 до 2 третмани со псилоцибин, дури и 6 месеци по терапијата.

Псилоцибинот се покажал ефективен и за третман на зависности. Во студија заснована на докази, истражувањето покажало намалена желба за алкохол и подобрување на апстиненцијата по третман со псилоцибин. Дури и по 9 месеци сѐ уште постоеле докази за бенефитите од терапија со псилоцибин. Слични резултати биле постигнати и кај апстиненција од пушење кај долгогодишни пушачи кај кои не помогнале други начини на одвикнување. Во една студија од 2014 година, 80 % од учесниците 6 месеци не пушеле по само 3 терапии со псилоцибин, додека 60 % не пушеле 30 месеци по третманот.

Во споредба со класичните психоделици, психотерапија со МДМА се состои од разговор и од дискусија меѓу докторот или психотерапевтот и пациентот, што се покажало одлично за третман на посттрауматско стресно растројство (ПТСР). Во клиничките истражувања кои се актуелни и денеска,  се одвиваат во САД и се во фаза 3 и се одобрени од ФДА, но и во Англија, во Израел, во Швајцарија и во Австралија, 61 % од 107 учесници во истражувањата повеќе немале симптоми на ПТСР два месеци по психотерапија асистираната со МДМА. Шеесет и осум проценти биле без симптоми на ПТСР една година подоцна, што доведе до тоа МДМА да е на чекор до легализација за медицинска употреба во САД за што се потребни дополнителни клинички истражувања и финансиски средства до 2021 година.

Истражувачите укажуваат дека овие супстанции дејствуваат на длабоко емоционално и ментално ниво, на начин што пациентите доживуваат или искусуваат трансформирачки состојби кои се рефлектираат во позитивност, добродушност и унија за време на сесиите и на терапиите, а опстојуваат и со месеци подоцна.

Медицинскиот потенцијал на психоделичните дроги не е магично стапче кое прави чудa, впрочем можат да бидат и опасни ако се користат несоодветно, но нивниот потенцијал може да има полза кај состојби кај кои други начини на лекување не довеле до подобрување или до излекување.

Од појавувањето на некои од класичните ПАС поминаа повеќе од педесет години. Некои од овие популарни супстанции иако се илегални поминуваат низ нов циклус на сериозни научни и клинички истражувања. Психоделична ренесанса, како што се нарекува, е само доказ дека потенцијалот на овие супстанции не е искористен во целост, а влијанието врз поп и мејнстрим културата само придонело за нивно опстојување.

Давор Смиланов

Авторот е доктор по медицина. Дипломирал општа медицина на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Република Македонија. Д-р Давор Смиланов раководи со Медицинскиот сервис во Центарот за намалување на штети во Капиштец, кој е дел од Програмата за намалување на штети на Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје. Има учествувано во бројни национални и регионални проекти, конференции и кампањи за намалување на штети од употреба на дроги.