Светска кампања за борба против СИДА-та: Мое здравје, мое право!

Една од кампањите кои го одбележуваат „Светскиот ден за борба против СИДА“, е кампањата на УНАИДС наречена:„Мое здравје, мое право". Кампањата се фокусира на правото на здравје и ги истражува предизвиците со кои се соочуваат луѓето во светот во остварувањето на нивните здравствени права.

„Сите луѓе, без оглед на нивната возраст, пол, каде живеат или кого сакаат, имаат право на здравје. Без разлика на тоа какви се нивните здравствени потреби, секој бара здравствени решенија кои се достапни и ослободени од дискриминација, и со добар квалитет". - Мишел Сидибе, извршен директор на УНАИДС.

Кампањата ги потсетува луѓето дека правото на здравје е многу повеќе од пристапот до квалитетни здравствени услуги и лекови, што исто така зависи од голем број важни гаранции како  соодветна санитација и домување, здрави работни услови, чиста животна средина и пристап до правдата.

Ако правото на здравје на едно лице е компромитирано, тоа лице најчесто не добива пристап до лекување и нега. Најмаргинализираните луѓе во општеството, вклучувајќи ги и сексуалните работници, лица кои инјектираат дроги, мажите кои имаат секс со мажи, луѓето во затворите и мигрантите како најранлива категорија, најчесто имаат најмал пристап до правото на здравје.

Завршувањето на епидемијата на СИДА како закана за јавното здравје до 2030 година, ќе зависи во голема мера на обезбедување на правото на здравје за сите. Кампањата „Мое здравје, мое право“ - ги охрабрува луѓето да ги споделат своите ставови и грижи околу обезбедувањето на сопственото право на здравје и здравствени услуги и создаваат движење кое ќе ја истакне важноста за бришење на нееднаквостите во здравството. #myrighttohealth