Судот во Стразбур недостатокот на третман во затворите го спореди со тортура

Постојат повеќе паралели што можат да се направат помеѓу ХИВ и ХЦВ инфекцијата и доколку се осврнеме назад, ќе видиме дека можеме многу да научиме од историјата на лековите за ХИВ и од обезбедувањето на пристап до истите. 
 
Се чини дека Грузија е еден чекор напред пред останатите во овој процес. Огледувајќи се на добрата пракса со масивните набавки на ХИВ лековите, Владата на Грузија успеа да добие попуст за масивна набавка на лекови за хепатит Ц во 2013 г. и да ја намали цената на истите за 60 проценти. 
 
Како резултат на тоа, Грузија е втора земја во светот, после Египет, со најниски цени на лекови за хепатит Ц и важи за лидер во борбата против оваа болест. 
 
 
Во земја каде што просечната месечна плата е 400 долари и 17 насто од населението е невработено, многу не се во можност да си дозволат лекови, ниту да си дозволат да плаќаат за дијагностика. За споредба, до сега само 300 до 400 пациенти годишно примале терапија и тоа на свој трошок. 
 
Според новата националната програма, 10 000 луѓе ќе добијат пристап до лекување за хепатит Ц, додека за лицата што се на одслужување затворска казна, лекувањето ќе биде бесплатно.  
 
Со обезбедување бесплатна терапија во затворите, Грузија ќе стави крај на ситуацијата во којашто пред Европскиот суд за човекови права загуби четири случаи - поради ограничување на дијагностика и медицински третман во рамките на казнениот систем. 
 
Судот во Стразбур недостатокот на третман во затворите го спореди со тортура.
 
На 1ви февруари оваа година, Владата започна со проценка на подобноста на лица од општата популација за вклучување на терапија за хепатит Ц што ќе ја добиваат со повластена стапка. 
 
И покрај тоа што со тендерот од 2013 г. цената на лековите за хепатит Ц се намали, проблем е дијагностиката која сè уште е скапа и тоа што голем дел од луѓето ги немаат потребните информации како да дојдат до третман, ниту пак знаат дека се инфицирани. 
 
Најважно од сè е што експертите и граѓанскиот сектор се надеваат дека Владата на Грузија во брзо време ќе започне со програма за бесплатно лекување на сите кои имаат потреба за тоа.