Што сме и колку сме ние пораснати?

Разговорот со Жарир секогаш е многу инспиративен и тешко можете да се задржите на една тема кога разговарате со него. Едноставно, тој има толку многу да каже, а во разговорот знае да направи релација со навидум неповрзливи теми. Уште при запознавањето, некаде во 1999 година, Жарир ми остави впечаток на сестрана и слободоумна личност. Со текот на годините на заедничко познанство оваа констатација постојано ми се потврдува. Тој е еден од малкутемина луѓе во Македонија кои имале храброст и доблест отворено да се заангажираат за правата на луѓето кои употребуваат дроги. На почетокот на две илјадитите години, Жарир беше еден од основачите на Македонската асоцијација на корисници на дроги, а подоцна еден од основачите и претседател на Здружението Пасаж, повторно здружение за правата на луѓето кои употребуваат дроги, а активен е и во други неформални групи со исти или со слични цели. Неговото искуство и познавањето на активистичкото расположение меѓу луѓето кои употребуваат дроги се причина за ова интервју. Жарир работи како теренски работник за намалување на штети од употреба на дроги, а себеси се претставува како полидруг јузер, активист и слободен уметник.

Потребна е исклучителна храброст за човек отворено да зборува за дроги во Македонија. Која е твојата инспирација?

Па, у принцип, влагам у причава `96, `97 година, првпат слушнав за МАСКА, шприцеви и игли дека се делат. А `98 година ја упознав целиот концепт на намалување на штети. Претходно немав уопште чуено и не знаев што е намалување на штети, дека тоа не е нешто засновано на морални и етички вредности туку на факти, „evidence based“. Факт е дека на луѓето им требааат чисти шприцеви и игли и факт е дека ако не им ги да`еш нема да престанат да зимаат (дроги, н. з.). Ќе зимаат, само ќе се испоразболат. И како идеја држи вода, ептен. Е остварливо. Само треба да се сака, кој би сакал да работи. Во тоа време за мене тоа беше супер идеја затоа што тука имавме слобода, можевме да седиме, да пра`име муабет, да дискутираме без никој да не гњави. Зборувам за „дроп инот“ на МАСКА. За нас тоа тогаш беше, охо-хо, новитет и место на кое никој не те закача. Не те судат. Не те гњават. Ги кажуваат работите како што се, вистинити.

Подоцна почна еден проект на ХОПС, во 2000/2001 година, за млади, Цане го водеше и нешто и јас му помагав. Тоа беше исто како „дроп ин“, само што правевме и свирки таму. Имаше инструменти и такви работи. Не ми текнува како беше точно, ама правевме свирки и беше многу интересно. Мислам, најубав период во животот.

Дали ова те наведе отворено да истапиш и да се застапуваш за правата на луѓето кои употребуваат дроги?

Да, после овој проект имаше иницијатива на неколку луѓе за Македонска асоцијација на корисници на дроги, која малку покасно ја преименувавме у Пасаж за да напра`име некоја невладина (организација, н. з.). Е се`а, таа екипа што бевме тогаш функционираше додека функционираше. Поради икс причини, не знам зашто, почнавме да се разидуваме во идеите и првата групација се подели скроз и тука прекинавме. После почнав Пасаж јас да го водам. Тогаш добивме еден грант од Њујорк и со тие пари напра`ивме по`ише, три проекта напра`ивме. Издававме весник, флаери. Правевме едукации за инјектирање, за раководење со организација и со проекти. Садевме дрва во спомен на починатите корисници на дроги. Ги одбележувавме деновите за дроги, СИДА, хепатит.

У ствари искочи дека и тоа не добро, не се пра`ат така работите. И дојде Жан-Пол Грунд да провери како со истите пари напра`ивме три проекти. Мислеа дека лажеме. Не им се веруваше. А ние што напраи`вме, платите ги враќавме во организацијата зошто идејата ни беше да покажеме дека можеме да работиме и дека сакаме да работиме. Во Њујорк имаа разбирање за нас, ама ова не им беше сфатливо и нè предупредија дека така не се работи. Ама после овој проект активностите се намалија.

Зошто се намалија?

Зашто се намалија не сум сигурен. Можда поради здравствената ситуација, моја. Можда поради тоа што прегорев, едноставно. Немав желба или немаше можда ни луѓе. Сè уште нема, очигледно. Зашто, не може да пра`име само за свое добро. Треба да пра`име да биде добро за сите.

Како што те разбирам сега, демотивиран си поради внатрешни односи?

Јас лично, да. Искуството ми покажа дека е така.

А можеш ли да ми објасниш какво е актуелното расположение за активизам за дроги во Македонија?

Сѐ што функционира, функционира ка`о затскриено. Се плашиме. Не разбирам. Некако многу сме себични. И луѓето се невнимателни. Се работи за дроги и лесно можеме да заглавиме во Полиција. Не смее да се дозволи ни најмала грешка зашто државава не нè третира како ш`о треба.

Углавном успесите на ова досега е што се видовме до кај сме - што сме и колку сме ние пораснати. Не знам што е финтата. Може е до поднебјето? Ама еве и во Србија не функционира активизмот. Бугарија не функционира. Во 2000 година функционираа, сега не функционира ниедна од овие организации балкански што се „друг јузер“. Барем јас колку што знам. За „друг јузер“ активизам сме за „кец“, недоволно. Немаме ништо. Реално. Сега за канабисот има повеќе активности, ама има и многу комерцијални интереси. Мене не ми се допаѓа тоа. Не сакам така.

Може ли да се каже дека барем малку сме созреале и дека има луѓе што можат да се застапуваат за заедницата?

Знаеш што? Не сакам да звучам песимистички, и јас сум дел од таа заедница, сакам да иде на подобро работата, ама мислам дека нема со кого. Бар` не се нашле правите луѓе или сме поделени сè уште. Многу сме его, ваљда, и не можеме да се споиме. Ние измеѓу себе ако не контактираме и не се држиме, кој? Од страна некој ќе стане и ќе каже соберете се? Не знам зашто многу индивидуалистички ги гле`аме работите, пристапот. Не викам дека е лошо. Индивидуализмот е многу добра работа, али за активизам индивидуалноста не функционира и треба да се здружиме. Здружувањето е креирање на општо добро. Не само мене добро да ми биде. Активизмот е акт – првите три букви многу добро ти кажуваат што треба да направиш. Делувај! Платата, наградата ќе си дојде понатака со тоа што ќе видиш кога ќе се свртиш позади себе дека имаш нешто оставено. Бар` јас така гле`ам. Не знам како да ти кажам. Е, тука така не се гледа. Прво што ти вика: Колку пари ќе ми дадеш? И јас тука се скарав со сите. Нели не беше за пари муабетот? Сега како одеднаш – плата? Такво нешто не правам. Не сакам ни да изградам. Значи не е проблем, ќе најдам луѓе. Со дванаесет илјади денари плата ќе најдам војска на лица што ќе прават по наредба што сакаш. Ама не е во тоа поентата. Досега не запознав некој што е спремен за ова.

Оние што активно употребуваат дроги, што не се на терапија, негираат дека имаат проблем и мислат дека се над другите. Не разбираат дека сите сме у истиот кош – дрога е дрога. Све е дрога. И екстазито е дрога и есидот и канабисот, сè се третира како дрога. И тоа е тоа. У принцип сите лежат (во затвор, н. з.) за „џоинт“, али ко`а еден ќе затворат никој не иде да се буни, да се собереме 50 луѓе, 200 луѓе. Ќе одиме пред (полициска, н. з.) станица за поддршка. Го нема тоа. Јас да одам сам? Мислам, смешно е ако сите идеи потекнуваат од мене.

Не можам да сфатам дека материјалната корист е најголемата пречка за активен ангажман.

Воглавном, да, ама знаеш, луѓето се тотално скршени, и психички и физички, колку што ги гле`ам. Мислам дека многу погрешно се работело со нив, и со мене и со сите. Сега, некој имал повеќе среќа, некој помалце. Некој имал родители... Знаеш како? Викаме сите сме одговорни за своите чекори. Ама не се исти чекорите што сум ги одел јас и на некое дете што раснело на улица. Мојата отскочна даска е повисоко. И се`а од овие што имале послаби услови се очекува исто. Што да прават? Се уморуваш кога отскочната даска ти е каде -каде повисоко. Намерно е направено сè да биде катастрофа. Некому му одговара да биде хаос. Луѓето немаат најосновни услови за живот. Просат за леб на улица, 70 % од луѓето што се на метадонска терапија. И како можеш да очекуваш од нив да размислуваат за нешто повеќе? Кој може да размислува долгорочно во такви услови?

Има ли некаква надеж за развој на активизмот, во перспектива?

Не знам. Јас бар` досега не сум можел да успеам да променам и се откажувам на крај. Гледам дека не иде и се повлекувам. Не можам да трошам многу енергија. Сега може тоа е мој проблем. Реално и мислам дека е проблем откажувањето.

Проблем е и тоа што мораме да функционираме формално, ама тоа нѐ заглавува. Луѓето не се разбираат од папирологија. И немаат искуство во менаџирање.

Мислам дека можат да профункционираат работите само ако се најде правата екипа на правото место. Кај нас уште екипата не се нашла. Не иде сега, ама можда ќе тргне.

Разговорот го водеше: Вања Димитриевски