Шри Ланка ќе започне со одгледување на канабис за медицински цели кон крајот на оваа година

Шри Ланка ќе започне одгледување канабис за медицински цели кон крајот на оваа година, најави министерот за здравство.

Министерот за здравство Рајита Сенаратне кажа дека планира одгледувањето на канабис да се одвива низ 100 хектари планирано земјиште за плантажи. Се проценува дека ќе произведат 25.000 килограми канабис годишно, кој ќе се користи за медицински цели во државата и за извоз во Северна Америка. Земјоделците ќе бидат ангажирани од државата за да го одгледуваат канабисот, а производството ќе биде надгледувано од војската.

"Доколку на приватниот сектор му се даде зелено светло за одгледување на канабис, ќе треба да се издаваат дозволи и ќе треба да се наметнат други регулаторни механизми. На овој начин, нема да има потреба да се издаваат дозволи, бидејќи не се вклучени приватни страни ", изјави Сенаратне за неделникот „Обсервер“.  

Забраната за канабис е иницирана од британските колонизатори во Шри Ланка (тогаш наречена Цејлон) кон крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век. И покрај тоа што земјата добила независност во 1948 година, ја задржала забраната за канабис.

Сепак и покрај незаконитоста на канабисот, властите го признаа медицински потенцијал. Кога се запленува канабис од страна на полицијата, често се дава на ајурведските лекари за да го развијат во лек.

Сенаратне сака лекарите да имаат пристап до свеж и висококвалитетен канабис, кој како што вели, треба да се развие во лек.  Ова е револуционерен потег за земјата и континентот. Во моментов не постојат земји во Азија кои дозволуваат производство и продажба на канабис за медицински цели (иако Сингапур неодамна започна медицински истражувања за синтетички канабиноиди).

Плановите на Сенаратне се одобрени од страна на советодавниот комитет на Министерството за здравство и сега чекаат конечно одобрување од кабинетот. Тој очекува одгледувањето да започне пред крајот на 2018 година.