Сексуална работа во Република Македонија

​Сексуална работа (д​ефиниција)

Сексуалната работа се дефинира како непринудна продажба на сексуални услуги за пари или други материјални добра помеѓу согласни возрасни лица. Сексуалната работа вклучува улична проституција, ескорт услуги, сексуални услуги преку телефон, порнографија, егзотично танцување и друго. Сексуален работник може да биде маж, жена или трансродно лице.

(SWAN, основачки принципи - http://swannet.org/principles)

​Термините „сексуална работа“ и „сексуален работник“ се создадени од самите сексуални работници/чки со цел да се редефинира комерцијалниот секс, не како социјална или психолошка карактеристика на одредена група на жени, туку како дејност што носи приходи или форма на вработување на жени и мажи. Како таква, може да биде разгледувана заедно со другите форми на економска активност. Перспективата на вработување или труд е непходен, ако не доволен, услов за сексуалната работа да стане дел од главната дебата за човековите права, правата на жените и правата на работниците на локално, национално и интернационално ниво.

(“Redefining Prostitution as Sex Work on the International Agenda”, Jo Bindman, Anti – slavery International, 1997 http://www.walnet.org/csis/papers/redefining.html#2 ).

Национална законска регулација на сексуалната работа

Законите играат клучна улога во формирањето на изборите на сексуалните работници/чки, надминување на социјалната стигма и дискриминација на сексуалните работници/чки и нивните семејства, намалување на насилството и експлоатацијата во сексуалнта работа или менување на условите за работа во сексуалната индустрија. Во Република Македонија, индивидуалната проституција е нелегална и претставува административен прекршок. Изведувањето на сексуална работа, односно „оддавање на проституција” се смета за нарушување на јавниот ред и мир (член 27 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир во Р.М.), додека некои други активности поврзани со сексуалната работа (подведување, охрабрување, заработување од посредување за сексуални услуги) се третираат и казнуваат како кривични дела (член 191 од Kривичен законик на Р. М. 1996).

Во реалноста: “МВР не прави разлика меѓу проституција и експлоатирање на проституција, така што презема мерки за „елиминација на проституцијата” наместо за „елиминација на експлоатирање во проституцијата“, па затоа презема драстични полициски мерки против жртвите на оваа експлоатација наместо против експлоататорите”.

Големина на популацијата

Во Македонија се случија комплексни политички, економски и социјални промени од 1991 година па наваму што резултираше со значителен пораст на бројот на луѓе вклучени во сексуална работа, најмногу како последица на тешката економска ситуација и големата невработеност. Иако нема релевантни и систематски истражувања за степенот на сексуалната работа во Македонија, врз база на изјави од експерти и јавни медиуми, 3.000 до 4.000 луѓе се вклучени во сексуална работа во земјава, вклучувајќи ги и оние кои се присилени да вршат сексуални услуги, односно оние што може да се идентификуваат како жртви на трговија со луѓе.

Според бихевиористичката студија за ХИВ/СИДА преку Respondent Driven Sampling (RDS) и проценката за големината на популацијата на сексуални работници/чки во Македонија, која беше спроведена во 2010 година, бројот на сексуални работници/чки во Македонија е меѓу 2.200 и 3.500. Студијата е спроведена од Институтот за јавно здравство, во соработка со ХОПС и со финансиска поддршка од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија.

Но, органичувањата во рамките на реализација на оваа студија, во која мнозинството учесници беа припадници на ромската заедница кои имаат слични карактеристики, како и недостатокот на пристап до други подгрупи на сексуални работници, отвори простор за дискусија дека овој број не може да се однесува на целокупната популација на сексуални работници во Македонија и дека вистинскиот број е всушност поголем.

​Потреби и проблеми

Сексуалните работници/чки остануваат меѓу најмаргинализираните членови на општеството. Креаторите на политики и властите повеќе ги смеаат за непријатна појава што треба да се игнорира или за неморални прекршители на законот отколку за индивидуи кои може и треба да бидат заштитени од насилство и кои треба да добиваат социјална и економска помош и поддршка. Во исто време, растечката ХИВ/СИДА епидемија во регионот го зголемува ризикот од инфекција кај сексуалните работници/чки, не само за ХИВ, туку и за други потенцијално опасни услови поврзани со сексуалната работа.

  (Sex Work, HIV/AIDS, and Human Rights in Central and Eastern Europe and Central Asia, July 2005; http://www.harm-reduction.org/special-groups/sex-workers.html )

ППП – Пореби и проблеми на сексуалните работници/чки во Скопје, Македонија (ХОПС)

Национален одговор на сексуалната работа

Иако има некои информации дека во Македонија сексуалната индустрија постои, расте и се шири во последните петнаесет години: „државата се уште нема изградено јасен нормативен систем со прецизно дефинирани мерки и органи за превенција и следење на проституцијата и сите нејзини странични појави. Како резултат на тоа, во моментов се наоѓаме во ситуација во која проблемот на проституцијата се третира од страна на органите на Министерството за внатрешни работи како проблем на нарушување на јавниот ред и мир, тесно поврзан со криминални активности, како и од центрите за социјална работа, кои се занимаваат со проблемот на проституција само во специфични ситуации поврзани со социјални прашања. Согласно со оваа диференцијација, двата органи имаат различни дефиниции и пристапи кон оваа општествена појава, не ја следат систематски и немаат никакви записи ниту какви било други податоци во врска со тоа. Здравствениот аспект на проституцијата е уште повеќе занемарен.”