Се одржа тренинг за буџет мониторинг и буџет застапување во Сараево

Од  5 до 7 септември во Сараево се одржа тренинг за буџет мониторинг и застапување на здруженија на граѓани активни во областа на превенција на ХИВ од Босна и Херцеговина. Главна цел на обуката беше да се изработи едногодишен план за застапување во насока на одржливост на превентивните програми за ХИВ во Босна и Херцеговина чие финансирање од Глобалниот фонд престанува во месец ноември. 

Засега Босна и Херцеговина нема обезбедено финансиски средства за продолжување на овие програми кои ги спроведуваат здруженијата на граѓани. Тренингот го организираше ДПНСЕЕ – Мрежата за политики за дроги во Југоисточна Европа , а тренери беа Влатко Деков од ХОПС и Дарко Антиќ од ЕСЕ.

Обуката резултираше со изготвување на национален план за акција кој треба да се спроведе до крајот на 2019 година. Тоа вклучува создавање на платформа на НВО за одржливост на услугите за намалување на штети, обезбедување на политичка поддршка, создавање на буџетска линија во буџетот за здравство на субјектите на земјата, воспоставување механизам за социјално договарање, согласувајќи се со критериумите и стандардите за услугите.