Реакција: Лекувањето со коноп да биде достапно за сите

Здружението ХОПС - Опции за здрав живот Скопје го поздравува развојот на стопанската гранка за производство на лекови од коноп која произлезе од законските измени направени во 2016 година, а со кои се овозможи достапност на конопот за медицинска употреба во Македонија. На 11 април 2017 година беше објавено дека претпријатие од САД ја отвори првата фабрика во Македонија која ќе се занимава со одгледување на коноп и со производство на лекови од коноп (од семе до продукт), и се надеваме дека интерес за инвестирање ќе покажат и други домашни и странски компании. Веруваме дека зголемувањето на пазарната конкуренција ќе отвори нови можности за пристап до поширок избор на лекови од коноп со повисок квалитет, форми и концентрации соодветни за лекување на различни болести и здравствени состојби, но и за значително намалување на продажните цени до ниво достапно за сите граѓани, со што би се намалил и црниот пазар.

Сепак, сакаме да потсетиме дека политиките поврзани со конопот мора да ги стават интересите на граѓаните кои имаат потреба од овие лекови над интересите за профит. Затоа и сме загрижени од најавите на новите инвеститори за примарен пласман на нивните производи надвор од Македонија, со што достапноста до лекови од коноп кај нас и понатаму би останала ограничена. Како здружение сметаме дека во актуелната законска регулатива за медицинска употреба на коноп во Македонија има простор за значително подобрување, а со цел да се унапреди пристапот до квалитетни и евтини лекови. Затоа ги повикуваме надлежните:

●      Да подготват ново законско решение со кое ќе се уреди медицинската употреба на коноп во Македонија. Новиот закон треба да даде само општи насоки и одредби, додека, пак, производството, преработката, дистрибуцијата и препишувањето на препарати од коноп треба да биде уредено со правилници изготвени од надлежните институции.

●      Новото законско решение да ги изостави сегашните строги услови наложени за одгледување медицински коноп со кои се заштитуваат крупните инвеститори и да овозможи законска рамка во која пациентите со медицинска препорака ќе можат сами да одгледуваат коноп и да ги приготвуваат своите лекови, или за тоа да ополномоштат други лица.

●      Министерството за здравство треба да покрене иницијатива за креирање на соодветна листа на болести и на специјалистички гранки надлежни за препишување на препаратите од коноп, заснована на научни докази и на искуствата од Македонија и од светот. Министерството за здравство треба да креира и функционални протоколи за постојано надополнување на овие листи, како и јасни прописи за издавање на медицински препораки/рецепти.

●      Агенцијата за лекови и медицински средства во регистарот на лекови треба да додаде масло од коноп со различни концентрации на активни супстанции, согласно потребите за третман на различни болести. Во листата треба да се додадат и други препарати од коноп корисни за лекување (за вапоризирање, пушење, јадење, за надворешна употреба и сл.).

●      Министертвото за здравство и Агенцијата за лекови и медицински средства, во соработка со Медицинските факултети и со Лекарската комора треба да обезбедат можности за (до)едукација на здравствените работници од медицинските гранки надлежни за препишување на лековите од коноп.

●      Фондот за здравствено осигурување да ги додаде препаратите од коноп на позитивната листа на лекови за да бидат подостапни за граѓаните.

●      Собранието на РМ треба итно да ги укине одредбите од Законот за контрола на дроги и психотропни супстанции со кои се криминализира поседувањето на коноп или негови препарати за лична употреба.

Овие препораки се засновани на  деталната анализа на регулативата во Македонија, искуствата и ставовите на клучните засегнати страни, како и преглед на моделите за регулација на медицински коноп во неколку земји. Резимето од овој документ за јавни политики е достапно на МАКЕДОНСКИ и на АЛБАНСКИ јазик, додека целосната анализа може да ја прочитате ТУКА.