Програма - Сервиси за поддршка на сексуални работници/чки

Оваа програма опфаќа директна работа со сексуалните работници/чки и нивните семејства на терен што се одвива на територијата на Град Скопје, како и во дневниот центарот на ХОПС. Програмата опфаќа широк спектар на услуги чијашто главна цел е да овозможи зголемување на достапноста на здравствената заштита и да ги унапреди правата поврзани со здравјето на луѓето, како и да придонесе во процесот на нивно социјално вклучување како полноправни граѓани на Р. Македонија коишто ги уживаат своите човекови права и активно учествуваат во животот на заедницата.

Целни групи:

  • Сексуални работници/чки (мажи, жени, трансродни/транссексуални)
  • Интимни партнери и семејства на сексуални работници
  • Клиенти на сексуални работници
  • Заштитници, посредници, подведувачи (ограничување на правните услуги, претежно во делот на кривичниот закон)
  • Професионалци кои работат во областа на здравството, социјалната заштита и човековите права (Центри за социјална работа, здравствени инситуции, здруженија на граѓани).

Цели на програмата:

  • Подобрен здравствен статус на сексуалните работници/чки (СР) и нивните семејства;
  • Социјално вклучување на СР во општеството;
  • Промоција и заштита на човековите права на СР;
  • Зајакната и мобилизирана заедница на СР за застапување на сопствените интереси и права;
  • Зголемен опфат на корисниците на услуги, надградени постоечки сервиси и нивен подобрен квалитет.

Целите на програмата сервиси опфаќаат неколку аспекти и тоа: здравствена и психолошка поддршка на СР, социјална и економска поддршка на СР, правна поддршка на СР и зајакнување на заедницата на сексуални работници/чки за застапување и лобирање за сопствените интереси и права.

ХОПС - Услуги за сексуални работници/чки

Со оглед на опишаната ситуација, во јануари 2000 година невладината организација ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, која развива програми за намалување на штети од употреба на дроги уште од 1997 година, креираше сеопфатна програма за превенција на ХИВ/СИДА и СПИ меѓу сексуалните работници/чки кои работат на отворено (на улица) во Скопје, а подоцна и меѓу сексуалните работници/чки во ромските населби во Скопје, како и сексуалните работници/чки кои работат во затворен простор (приватни станови, салони за масажа). Во согласност со утврдените потреби на контактираните сексуални работници/чки, кои постоечките институции не можат да ги задоволат, ХОПС ги надгради своите услуги со воведување на услуги за социјална, здравствена и правна поддршка, разви дроп ин центри за сексуални работници, започна програми чија целна група се клиенти на сексуалните работници/чки, но и нивните семејства, партнери и деца, и континуирано работи на зајакнување на заедницата што доведе до основање на нова неформална група на сексуални работници/чки СТАР.

Владините и политичките авторитети не сметаат дека сексуалната работа треба да биде прашање за дискусија, освен можеби само како проблем на јавното здравство и превенцијата на ХИВ/СПИ (Министерство за здравство и грант поддржан од ГФАТМ), медиумите го третираат овој проблем само преку неговата поврзаност со криминалот и поради сензационализам, општата јавност е игнорантна и заинтересирана само за моралната перспектива, додека перспективата на човекови и работнички права е отсутна на сите нивоа.

Сево ова ја нагласува потребата од идна поголема инволвираност на сексуалните работници/чки и нивните сојузници во застапувањето и поставувањето на прашањето на сексуална работа на политичката и јавната агенда не само како здравствен, туку и како проблем поврзан со човековите права и трудот.

ППП – Услуги за поддршка на сексуалните работници во ХОПС