Програма - Сервиси за намалување на штети од употреба на дрогa

Оваа програма опфаќа директна работа со корисници/чки на дроги и нивните семејства, на терен што се одвива на територијата на Град Скопје, како и во центрите на ХОПС што се лоцирани во областите Капиштец, „Мавровка“, Шуто Оризари и Центар. Програмата опфаќа широк спектар на услуги чијашто главна цел е да овозможи зголемување на достапноста на здравствената заштита и да ги унапреди правата поврзани со здравјето на луѓето, како и да придонесе во процесот на нивно социјално вклучување како полноправни граѓани на Р. Македонија коишто ги уживаат своите човекови права и активно учествуваат во животот на заедницата.

Целни групи:

  • Лица кои употребуваат дроги, лица кои се на третман за зависност од дроги, лица кои  апстинираат или се стремат кон апстиненција од употреба на дроги и нивните семејства;
  • Професионалци кои работат во областа на здравството, социјалната заштита и човековите права (Центри за социјална работа, здравствени инситуции, здруженија на граѓани).

Цели на програмата:

  • Подобрен здравствен статус на корисници/чки на дроги (КД) и нивните семејства;
  • Социјално вклучување на КД во општеството;
  • Промоција и заштита на човековите права на КД;
  • Зајакната и мобилизирана заедница на КД за застапување на сопствените интереси и права;
  • Зголемен опфат на корисниците на услуги, надградени постоечки сервиси и нивен подобрен квалитет.

Целите на програмата сервиси опфаќаат неколку аспекти и тоа: здравствена и психолошка поддршка на КД, социјална и економска поддршка на КД, правна поддршка на КД и зајакнување на заедницата за застапување и лобирање за сопствените интереси и права.

Сервиси во ХОПС за корисници/чки​ на дроги

Првата програма за размена на опрема за инјектирање во Македонија е отворена во 1996 година, на иницијатива на корисници/чки на дроги, а по препораките од истражувањето за хероинска епидемија во Македонија (Грунд, Нолимал, Хероинска епидемија во Македонија, 1995) во насока на превенција од ХИВ/СИДА меѓу лица што инјектираат дроги. Од 1997 година ХОПС ја води програмата за размена на прибор за инјектирање. Со стартувањето на програмата се увидува дека, освен размена на опрема за инјектирање, клиентите имаат и други потреби (остварување на здравствени, социјални права, почитување на човекови права) и програмата се надградува со медицински, социјален, правен сервис, советување и тестирање за ХИВ, различни едукации на корисници на дроги. Во 2005 и 2006 година ХОПС ги проширува активностите со отворање на уште два дроп-ин центра во Скопје и развива теренска работа на повеќе локации, опфаќајќи ги и приградските населби. Функционирањето на три дроп-ин центри на различни локации во градот и опфатот со теренската работа овозможува контактирање на различни субгрупи на корисници/чки на дроги според етничката припадност, возрасната припадност, социјално-економскиот и образовниот статус, субгрупи според дрогите што ги употребуваат итн.

ППТ-презентација – Сервиси за КД во ХОПС