Програма - ЦЕДИ

 

ЦЕДИ е програма во ХОПС, чијашто цел е да организира едукации/обуки, да документира и да спроведува истражувања. ЦЕДИ нуди и консултантски услуги за подготовка, развој, мониторинг и евалуација на: стратегии, акциски планови, проекти, програми, семинари, работилници, конференции, студиски патувања.

Оваа програма треба да овозможи поддршка во функционирањето на програмата Застапување и програмата Сервиси и услуги преку прибирање и анализа на податоци и документирања што ќе даваат ажурен преглед на состојбата и на потребите кај целните групи/корисниците, како и преку изработка на документи, студии, извештаи и предлози за подобрување на постоечките и/или за воведување на нови политики од важност за корисниците. Исто така, оваа програма треба да овозможи едукација на претставници на институции, студенти, новинари, други здруженија и персоналот на организацијата со цел зголемување на нивните знаења, но и јакнење на нивните вештини за работа со корисниците. Програмата се реализира преку три посебни програмски аспекти: едукација, документирање и истражување.

Целни групи: ангажирани лица во ХОПС, здруженија, фондации, институции и организации.

Цели на програмата:

  • Систематизирани податоци за потребите и практиките на маргинализираните заедници и влијанието на постоечките политики и стратегии врз маргинализираните заедници
  • Креирани алатки и препораки за подготовка и спроведување на хумани и ефективни политики, програми и стратегии за областите на делување
  • Зајакнати капацитети на донесувачи на одлуки, професионалци и здруженија во однос на принципите, знаењата и практиките за работа со маргинализирани заедници и промоција на нивните права
  • Функционална програма за едукации и консултантски услуги 

Едукација

Цел на одделот за едукација е: зајакнати капацитети на донесувачи на одлуки, професионалци и здруженија во однос на принципите, знаењата и практиките за работа со маргинализирани заедници и промоција на нивните права.

Јакнење на капацитетите на здруженијата на граѓани и на неформалните групи

Досега ХОПС учествуваше во изградба на капацитетите на сите 11 здруженија на граѓани што спроведуваат програми за намалување на штетите од употреба на дроги и програми за поддршка на сексуални работници во Македонија, како и на организации од Црна Гора, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Албанија итн.

Eдуцирани се и повеќе од сто лица од заедниците на корисници на дроги и сексуални работници за застапување на нивните права.

Јакнење на капацитетите на професионален кадар од институциите и носителите на одлуки

Во изминатите 15 години ХОПС организираше преку сто обуки за професионалци кои работат на теми поврзани со работата на организацијата. Овие обуки ги посетиле преку 500 лица – социјални работници, лекари, психијатри, инфектолози, медицински сестри, психолози, полицајци.

Исто така, организирани се голем број обуки за носители на одлуки од соодветните министерства и од локалните самоуправи, како и обуки за новинари во насока на соодветно известување за темите поврзани со дроги, сексуална работа, ХИВ/СИДА и човекови права.

Едукација на студенти и млад стручен кадар

Едукацијата на младите стручни кадри, пред сè студентите, е посебен приоритет на организацијата и во таа насока ХОПС развива соработка со повеќе факултети за едукација на студенти преку одржување на практична работа и волонтирање во организацијата. Досега преку 200 студенти биле дел од оваа соработка.

Летна школа за зависности

Од 2012 година ХОПС ја организира и првата летна школа за зависности во Р. Македонија. Оваа седумдневна летна школа нуди мултидисциплинарен пристап за учење за зависноста од дроги, пристап што ги зема предвид социјалните, медицинските, но и политичките прашања. Целта на летната школа е да ги едуцира младите стручни кадри за работа на полето на зависноста од дроги. Школата посебно се фокусира на моделите на политика за дроги, третманите базирани на докази, намалување на штетите, психосоцијална поддршка и концептот на човекови права на корисниците на дроги.

На школата учествуваат дипломирани или студенти од завршните години на студии од: Институтот за социјална работа и социјална политика при Филозофскиот факултет во Скопје; Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје; Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје; Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола; постдипломци на наведените факултети и млади стручни работници кои веќе работат на полето на зависностите.

Студиски посети

ХОПС има организирано и бил домаќин на голем број студиски посети за стручни кадри од министерства, институции, здруженија на граѓани, како од Македонија, така и од други земји – Русија, Украина, Белорусија, Казахстан, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Словенија, Црна Гора итн.

Документирање

Одделот за документација се занимава со систематизирање на податоците за релевантните потреби, трендови и проблеми на општествено-маргинализираните заедници, како и на податоците за влијанието на постоечките политики и стратегии врз општествено-маргинализираните заедници. Овие податоци се сумираат во соодветни бази на податоци, фото, видео и електронска библиотека.

Документирањето се спроведува преку тековно водење на матични и дневни листи на корисниците, документирање кршења на човекови права, студии на случај, документирање настани, ситуации, лични приказни, процеси преку аудио-, видео- и фото-материјали, спроведување прес-клипинг од областа на работа на организацијата, како и документирање на стратешки документи издадени од други организации и институции, што се релевантни во работата на ХОПС.

Во октомври 2013 година Здружението ХОПС -- Опции за здрав живот Скопје и Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници" го објавија првиот број на списанието ДРОГИ -- ПОЛИТИКИ И ПРАКТИКИ. „Дроги -- Политики и практики" се стреми да понуди поинакви гледишта на политиките и практиките за дрогите и употребата на дрогите, да образува поширока публика, да обезбеди поголема видливост на корисниците на дроги и да поттикне интердисциплинарен дијалог за изнаоѓање соодветни и хумани решенија за наведените општествени предизвици.

Целта на темата на првиот број, „Третман на зависности од дроги", е да се развие дијалог за улогата на пациентите во лекувањето на зависностите од дроги и да се нагласи потребата за интердисциплинарен пристап во третманот на зависностите од дроги. 

Списанието може да го преземете на следниов линк: 

Истражување

Од почетокот во ХОПС се развиваат и капацитети за истражување на општествено-маргинализираните групи/заедници, поради поддршка во планирањето на нови активности и за застапување. Сите истражувачки проекти реализирани од ХОПС се, потесно или пошироко, поврзани со социјалните, здравствените, правните и културните аспекти на употребата на дроги и сексуалната работа и ги ја следат примарната ориентација на организацијата. Настојувајќи да ја пополни празнината во социјалните проучувања на општествено-маргинализираните групи/заедници, ХОПС одлучи да го мобилизира сопствениот потенцијал за истражување и да ги изнесе пред јавноста претходно споменатите прашања, со надеж дека ќе го привлече вниманието на стручната јавност и студентите од општествените, хуманистичките и медицинските науки за проучување на општествено-маргинализираните групи/заедници. Унапредувањето на познавањата за општествено-маргинализираните групи/заедници треба да овозможи развивање механизми за поефикасна социјална вклученост и креирање на соодветни политики.

Досега се реализирани следниве истражувања:

  • 2012. Унапредување на квалитетот на програмите за лекување зависности од дроги во Скопје, финансирани од буџетот на Република Македонија. 
  • 2011. Проценка на родово поврзаните прашања со ризикот од ХИВ/СИДА и на пречките што го условуваат рамноправниот пристап до соодветни услуги за превенција и лекување на ХИВ/СИДА. 
  • 2010-2011. Знаења, ставови и практики поврзани со туберкулоза застапени меѓу групите најранливи на туберкулоза.
  • 2011. Унапредување на правото на пристап до социјални и здравствени услуги за Ромите што употребуваат дроги. 
  • 2010. Мапирање и проценка на условите и можностите за спроведување програми за рехабилитација и ресоцијализација на осуденици зависни од дроги во КПУ – ИДРИЗОВО.
  • 2008. Брза проценка и одговор на потребите и можностите за спроведување активности за превенција и помош при употреба на дроги меѓу средношколската младина во Град Скопје. 
  • 2006. Опијатно предозирање: Преваленција, ризични фактори и интервенции. 
  • 2001-2003. Проценка на ризичното однесување на лицата кои инјектираат дроги и ризичните фактори поврзани со употребата на дроги и ХИВ/СИДА и останатите крвно и сексуално преносливи инфекции во Република Македонија.
  • 2000. Проценка на ризичното однесување на лицата кои употребуваат дроги меѓу Ромите од скопската населба Шуто Оризари.