Привремен шатор за безбедно инјектирање во Мос Парк

Група активисти и вработени вo програмите за намалување на штети од дроги во Торонто, подигнале привремен шатор за безбедно инјектирање во Мос Парк. Како причина за ова се неодамнешниот серијал на смртни случаи со предозирање во Торонто и ГТА. Корисниците на дроги користат хероин налепен со фентанил и карфентанил во најновиот бран на брутална опиоидна криза во Северна Америка.

Карактеристично за овој момент е што шаторот е подигнат без претходно одобрување од полицијата или федералната влада. И покрај грижата дека полицијата ќе го отстрани шаторот сепак со разговор им дозволиле да останат на локацијата иако не ја охрабруваат и не ја поддржуваат употребата на дроги, но сепак не ги апселе корисниците што влегувале или излегувале од шаторот.

Во самиот шатор имало и медицинско лице достапно цело време за целиот процес и 140 налоксон прибори за спречување на предозирање од фенантил. Тој ден 15 луѓе ја искористеле локацијата и 30 луѓе земале налоксон и стерилни игли.

„Кога имате 12 лица кои умираат во текот на пет дена, тоа е итна здравствена состојба", - Зое Дод од Алијансата за намалување на штети во Торонто.
 
Со овој чекор им ја испраќаат пораката на властите и на сите до кои ќе допре оваа порака дека се во криза која ескалира од минатата година, во парковите се случуваат смртни случаи, луѓе умираат секој ден.  Дод вели дека работниците за намалување на штети мора да ги земат работите во свои раце, бидејќи трите одобрени места за безбедно  инјектирање во градот нема да бидат подготвени и отоворени со месеци.