Прес конференција по повод кампањата "НЕ КАЗНУВАЈ - ПОДДРЖИ!

​Според Испитувањето на Институтот за Јавно здравје во нашава земја има околу 10.300 – 10.900 лица кои проблематично употребуваат дроги од кои најголемиот дел инјектираат дроги. Од нив на третман се околу 1.500 или 15 %,  што е многу низок степен на покриеност на популацијата. Според европски стандарди државата има добра политика ако барем 60% од популацијата на корисници биде во контакт со некоја програма за лекување. Очигледно е дека  ние сме далеку од тој стандард. Исто така комплетно изостануваат програмите за ресоцијализација кои ги има во само 4 града во Македонија.

Посебен проблем кој сакаме да го потенцираме е недостатокот на програми за лекување и грижа за децата кои употребуваат дроги. Во Македонија овие програми комплетно изостануваат. 

Минатата недела во Скопје се одржа Конференција за третман на млади лица кои употребуваат дроги. На Конференцијата присуствуваа претставници од Министерството за труд и социјална политика, Градот Скопје, Психијатриска Болница, Завод за социјални дејности, Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, Светската здравствена организација и здруженија на граѓани.

На конференцијата беше презентирана моменталната состојба со проблемот на употреба на дроги кај децата преку податоци од истражувања, но и од искуства на работата на институциите и здруженијата. Податоците покажуваат дека 42,2%% од интервенциите за опијатно предозирање на Клиниката за токсикологија во периодот 2001-2005 се однесуваат на случаи на предозирање кај малоленти лица. Само ХОПС во изминатите години има контактирано со 55 деца кои употребуваат дроги меѓу кои 8 годишно дете кое инјектира дроги и 3 годишно дете кое инхалира лепак. Од нив 3 се починати во 2011 и 2012. 

Наспроти оваа состојба во Македонија нема програми за третман за деца кои употребуваат дроги и нема програми за ресоцијализација на тие деца. Според податоците добиени од центрите за превенција и третман на лица кои употребуваат дроги во послендиве три години нема ниту едно дете под 18 години кое е на третман со метадон и бупренорфин. 

Ние сметаме дека неможноста за лекување и социјализација е еден вид на казна и упатуваме апел до сите надлежни институции и носители на одлуки, што е можно поскоро да ги преземат сите потребни мерки и да создадат услови за отворање на програми за третман, грижа и социјализација на децата кои употребуваат и/или се зависини од дроги.