Прес конференција на Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ

​Вчера, претставници на платформата од 16 здруженија коишто секојдневно работат на превенција, грижа и поддршка за ХИВ помеѓу ранливи групи граѓани, организираа прес конференција за да го изнесат својот став во врска со новите случаи на ХИВ, начинот на известување на јавноста и пренесувањето на пораките за пренос и превенција на ХИВ.
 
На прес конференцијата упатија апел до сите дека сензационалстичкиот начин на известување за местото на живеење, возраста, образовната средина, сексуалното однесување и сл. не само што можат да доведат до индиректрно разоткривање на нечиј идентитет, туку и сериозно ги обесхрабруваат луѓето да се тестираат за ХИВ; а оние што веќе се тестирале и се ХИВ-позитивни, ги одвраќаат од тоа да побараат здравствена грижа и да пристапат кон лекување. 

 

До стручната јавност упатија апел во јавните известувања да користи информации коишто ќе понудат сеопфатно информирање на јавноста за начините на пренос и превенција на ХИВ, и нема да ја доведат јавноста во паника и да поттикнат стигма кон дел од граѓаните во земјата, додека јавноста ја потсетија дека нема простор за паника доколку во нашето семејство, образовна и животна средина некое лице има ХИВ. 

 
Потсетија дека е од огромна важност, луѓето кои биле во ризик, што порано да го дознаат својот ХИВ-позитивен статус, бидејќи навремената терапија значи долг, здрав и квалитетен живот. Исто така, терапијата значи и превенција, бидејќи т.н. антиретровирусни лекови ја намалуваат веројатноста за пренос на вирусот по сексуален пат за дури 96%.
 
На крајот упатија апел до Владата на Република Македонија дека по заминувањето на Глобалниот фонд во 2016 година, кога Македонија ќе престане да прима донациски средства за програмите за ХИВ, државата ќе треба да изнајде начин како овие клучни јавноздравствени програми да продолжат да функционираат во форма на успешна соработка помеѓу граѓанскиот сектор и Министерството за здравство. 
 
Учесници во Платформата се здруженијата: ХЕРА, ХОПС, Заедно посилни, ЕГАЛ, Доверба, СТАР-СТАР, Црвен крст, Опција – Охрид, Зона – Кавадарци, Центар за унапредување на јавен живот – Тетово, ХЕЛП – Гостивар, Младински Клуб –Штип, Избор –Струмица, ПУЛС – Куманово, Интер етник проект –Гостивар,  Виа Вита – Битола.