Препорачуваме

Книга
Стонираниот философ од Ц. Алан Тејлор
The Stoned Philosopher, by C. Alan Taylor

Врз основа на една вистинска приказна, книгата дава интроспективен поглед на животот на еден корисник на опијати кому не му одговораат конвенционалните третмани. Оваа книга служи како ефикасен додаток на која било програма за лекување на зависности од дроги. Искуствата се изложени на начин многу поразличен од кој било друг и на читателот му покажува нова надеж. Препорачлива е за сите заинтересирани за терапијата, третманите со бупренорфин, третманите од злоупотреба на супстанции, алхемија и многу повеќе. Таа е важен извор на информации за членовите на семејствата на луѓето кои користат дроги, како и за оние кои се наоѓаат во затвор или што се соочуваат со затворски казни. Ова е исто така важен учебник за оние кои се занимаваат со намалување на штети од употреба на дроги, оние кои сакаат да знаат за внатрешните состојби на корисникот / затвореникот / поранешниот ум. Во оваа творба авторот ве става во совозачкото седиште и ве води низ пеколот и назад.

Филм
Лице со лузна во режија на Брајан де Палма
Scarface, directed by Brian de Palma
 
Оригиналниот филм „Лице со лузна“ (Scarface) е снимен во 1932 година и е продуциран од Хауард Хјуз, а приказната е заснована врз ликот на Ал Капоне. Целта на овој филм била да ја крене свеста за организираниот криминал кој во тоа време доминирал, но општо земено се смета дека оригиналот е послаб од римејкот во 1983 година, кој е реализиран со заедничката работа на режисерот Брајан де Палма, сценаристот Оливер Стоун и неповторливиот актерски талент на Ал Пачино. Римејкот се претвора во модел во криминалниот жанр. Филмот го следи подемот и падот на гангстерот Тони Монтана кој како сиромашен кубански имигрант доаѓа во Флорида и започнува да гради криминална кариера. Тој и неговиот пријател Мани Ривера (Стивен Бауер), иако прават многу грешки, од ситни „копилиња“ стануваат едни од најголемите гангстерски шефови на Америка. Убивајќи го секој кој му стои на патот, Тони Монтана станува најголем господар на дрогата во државата, контролирајќи го речиси целиот кокаин што доаѓа во САД преку Мајами. Но, истото она што ќе го воздигне меѓу моќните бргу ќе му пресуди. Гламурот, интригите и заблудите на величественост кај Тони предизвикуваат параноја, очај и аверзија поттикната од зависноста од кокаин. Зголемениот притисок од полицијата, војните со колумбиските нарко картели и неговата параноја го води кон пропаѓање и смрт. Веројатно Тони го „достигна“ американскиот сон.

Подготвува: Ирена Јовановска