Препорачуваме

Графички роман
7 милји во секунда“ од Дејвид Војнарович, Џејмс Ромбергер и Маргарет Ван Кук
„7 Miles A Second“ by David Wojnarowicz, James Romberger and Marguerite Van Cook
Дејвид Војнарович е американски сликар, фотограф, перформанс уметник, филмски автор, писател и активист за правата на луѓето кои живеат со ХИВ. Роден во 1954 година, дел од тинејџерските години ги поминал како уличен продавач на дрога, но по завршувањето на Високата школа за уметност и музика во Њујорк, во средина на седумдесеттите години, станува еден од најистакнатите претставници на уметничката авангарда на Менхетен. „7 милји во секунда“ е  автобиографска приказна на овој легендарен уметник, напишана последните години пред неговата смрт од СИДА, во 1992 година. Овој графички роман ја опишува младоста на Војнарович исполнета со проституција и дрога на улиците на Менхетен преку неговите зрели години на животот со СИДА и неговиот гнев поради незаинтересираноста на Владата на Америка и здравствените институции. Oваа книга e култна класика меѓу љубителите на книжевните стрипови. Визуелните прикази на Ромбергер и на Ван Кук ѝ дадоа живот на приказната на Војнарович, спојувајќи го тврдиот натурализам на животот на улиците на Менхетен со халуцинантната, психоделична имагинација, совршено за претставување во форматот на графичка новела.

Филм
„Кенди“, режија Нил Армфилд
Candy“, directed by Neil Armfield
Австралискиот режисер Нил Армфилд, со поддршка од авторот на романот „Кенди: Роман за љубовта и зависноста“ (Candy: A Novel of love and addiction), Лук Дејвис, ја екранизирал оваа сугестивна приказна за двајца хероински зависници избегнувајќи ја патетиката, без пренагласени драмски моменти. Во фокусот се двајца млади и вљубени луѓе, Ден и Кенди, кои ги спојува интересот за уметноста. Но, животот исполнет со желба за експериментирање брзо го доведува младиот пар до опијатите и дрогата станува единствената смисла на нивниот живот. И покрај советите од професорот, хомосексуалец и самиот склон на дрогите, младиот поет Ден и талентираната сликарка Кенди се уверени дека совршено владеат со ситуацијата. Но, Кенди, девојката со исто име како дрогата, ќе го помине патот од сликарка преку стриптизета, проститука до ментално болна. Брзината на дејствието ѝ овозможува на режијата баланс меѓу романтичното и субверзивното и како контраст на  младешката љубов, да  проговори за реалноста исполнета со беспарицата и конфликтите со семејството како дел од осамостојувањето на двајцата млади. Хероинот владее со секој нивен животен потег сè додека не одлучат поинаку...