Познати психотерапевти

 

Станислав Гроф

Станислав Гроф (роден 1.7.1931 год.) е психијатар со чешко потекло и еден од основачите на трансперсоналната психологија и истражувач во областа на студиите за свеста. 

Во научните кругови Гроф е познат по раното проучување на ЛСД и влијанието на оваа супстанција врз психата – психоделична терапија. Создава теориска рамка за пренатална, за перинатална и за трансперсонална психологија во која се мапираат ЛСД и други моќни емотивни искуства врз раните фетусни и неонатални искуства. Откако била забранета употребата на ЛСД при крајот на 60-тите години на 20 век, Гроф развива теорија според која бројни состојби на умот можат да се истражуваат и без дроги, со употреба на одредени техники на дишење. Сѐ уште работи во таа насока под логото „холотропско дишење“ ("Holotropic Breathwork").

Добитник е на наградата „Визија 97“ која ја доделува Фондацијата на Дагмар и Вацлав Хавел во Прага, на 5.10.2007 година.
Гроф е плоден писател. Тој е автор на бројни книги на тема употреба на ЛСД во психотерапијата, променети состојби на свеста и други методи за извршување на длабоко психоспиритуални активности.   

 Извор: Еровид и Википедија



Клаудио Наранхо
 
Клаудио Бенјамин Наранхо Коен (роден 24.11.1932 год.) е психијатар со потекло од Чиле и автор кој се смета за пионер во интеграцијата на психотерапијата со спиритуалната традиција. Со диплома по медицина се здобива во Сантијаго де Чиле. Наранхо студира медицина, психологија и спиритуалност на Харвард, Универзитетот во Калифорнија Беркли и Институтот Есален. Во Есален студира под менторство на таткото на Гешталтовата терапија, Фриц Перлс. Методот на Наранхо, кој се применува за опис на типот на личности наречен протоанализа, подоцна се развива во познатиот систем Енеаграм. По враќањето во Чиле одреден период се занимава со терапевтска работа со употреба на хармалин, на ибогаин, на МДА и на МДМА.         

Наранхо изучува бројни езотерични традиции и религии меѓу кои медитација, суфизам, тантра, таоизам и тибетски будизам. Во 2006 година го основа Институтот Наранхо, кој се јавува во улога на покровител на работилници и семинари низ светот со фокус на проучувањето на психолошки, на спиритуални и на експресивни пристапи кон лекувањето и човековиот развој. Клаудио Наранхо е автор на бројни книги и текстови.

Извор: Еровид и Википедија


Ралф Мецнер

Д-р Ралф Мецнер (роден 18.5.1936 год.) е американски психолог, писател и истражувач, роден во Германија. Повеќе од педесет години се занимава со проучување на изменетите состојби на свеста. Се здобива со докторат по психологија на Универзитетот Харвард. На почетокот на 60-тите години на 20 век учествува во психоделично истражување на овој универзитет со Тимоти Лири и Ричард Алперт познат како Рам Дас. Мецнер е психотерапевт и почесен професор по психологија на Калифорнискиот институт за интегрални студии во Сан Франциско. Работи на проучување на свеста, вклучително и психоделика, јога, медитација и шаманизам повеќе од 45 години. Коосновач е и претседател на Фондацијата „Грин Ерт“ (Green Earth Foundation), непрофитна образовна организација посветена на исцелување и на хармонизирање на односот меѓу луѓето и планетата Земја.

Автор е на делата: Birth of a Psychedelic Culture („Раѓањето на психоделичната култура“, 2009); The Expansion of Consciousness („Развојот на свеста“, 2008); Sacred Mushroom of Visions: Teonanacatl („Светата печурка на визиите: Теонанакатл“, 2005); Ayahuasca: Hallucinogens, Consciousness, and the Spirit of Nature („Ајахуаска: халуциногени супстанции, свеста и духот на природата“, 1999); The Psychedelic Experience („Психоделично искуство“) со Т. Лири и Р. Алперт од 1964 год.
 
Извор: Еровид и Википедија
 

Лео Џ. Зеф

Лео Зеф (14.5.1912 – 13.4.1988) бил американски психолог и пионер психотерапевт од Оакланд, Калифорнија, кој применувал ЛСД, МДМА и други психоактивни дроги во рамките на психотерапијата во 70-тите години на 20 век. Лео Зеф за првпат се сретнал со ЛСД во 1961 година кога работел како јунговски определен терапевт, а подоцна развил метод за давање ЛСД на пациенти за време на психотерапија. По долга работа ја открил ефективноста на психоделичните супстанции при лекувањето на неговите пациенти.  

Во 1977 година, кога Александар Шулгин го запознал со МДМА, оваа супстанција сѐ уште била легална. Откако пробал МДМА се откажал од плановите за пензионирање и патувал низ земјата за да ги запознае терапевтите со МДМА. Зеф ја популизирал оваа супстанција во психотерапевтската заедница, нарекувајќи ја „Адам“, затоа што верувал дека го враќа човекот во состојба на првобитната невиност.   

Автор е на делата: The Secret Chief: Conversations with a Pioneer of the Underground Psychedelic Therapy Movement, MAPS („Тајниот главатар: разговори со пионерот на подземното психоделично терапевтско движење“, МАПС, 1997); The Secret Chief Revealed: Conversations with Leo Zeff, Pioneer in the Underground Psychedelic Therapy Movement, MAPS („Откривањето на тајниот главатар: разговори со Лео Зеф, пионер на подземното психоделично терапевтско движење“, МАПС, 2004).
 
Извор: Еровид и Википедија

Уредува
Давор Смиланов

Целосното списание во ПДФ формат и ОНЛАЈН изданието.

Магазин "Дроги - Политики и практики"