Повик против казнувањето на поседувањето и употребата на дроги

На 9 септември 2014 година во Њујорк Глобалната комисија за политики за дроги го промовираше новиот извештај „Преземање контрола: Патишта кон функционални политики за дроги“.
 
Членовите на Глобалната комисија за политики за дроги преку извештајот повикуваат на прекратување на политиките за прекршочен и кривичен прогон на луѓето кои употребуваат дроги, односно кои поседуваат дроги за лична употреба, и ги повторуваат барањата за декриминализација на дрогите, препораките за алтернативите затворските казни, притоа нагласувајќи го значењето на јавното здравје.
 
Глобалната комисија за политики за дроги се повикува на неуспешноста на постоечките политики за дроги и ја истакнува потребата од воведување политики за дроги засновани на докази, наместо на идеологии.
Од членовите на Глобалната комисија за дроги на македонската јавност попознати ѝ се: Кофи Анан, поранешен Генерален секретар на Обединетите нации, Хавиер Солана, поранешен Висок претставник на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика, Јоргос Папандреу, поранешен претседател на Владата на Грција и Александар Квашњевски, поранешен претседател на Полска.