Потреба за воведување социјални услуги за деца кои употребуваат дроги

Појавата на деца кои користат дроги е комплексен и сериозен проблем кој бара вклучување на огромен број на фактори, како на оние кои се вклучени во креирање на политики, така и на фактори кои се дел од социјалниот, од здравствениот, од образовниот систем. Станува збор за проблем кој бара надлежните министерства, пред сè Министерството за труд и социјална политика, а потоа и Министерството за здравство, сериозно да се позанимаваат со изнаоѓање начин на вклучување на децата корисници на дроги во третман, рехабилитација, ресоцијализација и нивна реинтеграција во општеството.

Постоењето на социјални сервиси и услуги има една основна цел, а тоа е давање поддршка на поединецот, на семејството или на групата воопшто. Кога се во прашање децата социјалните сервиси и услуги постојат со цел да се даде  поддршка за правилен и за нормален психофизички развој на секое дете. Уште со самото раѓање детето учи од непосредната околина. Неговото вклопување во општеството зависи од огромен број на фактори, првично од семејството, од една страна, а понатаму и од социјалните фактори, како на пример врсниците, училиштето и околината воопшто. Позитивното влијание на сите овие фактори  условува развој на здрава и на зрела личност, но не секогаш овие фактори влијаат позитивно на растот и на развојот на детето. Поради надоволно избалансирано влијание, детето може да се најде во состојба на ризик или да се соочува со одреден социјален проблем. Во таков случај на сцена доаѓаат социјалните сервиси со сите свои услуги кои ги нудат, сè со цел да се даде поддршка и помош во надминување на проблемот.

Еден од проблемите за кои со години наназад е алармирано од страна на здруженија на граѓани и професионалци кои работат со лица кои користат дроги е проблемот на деца кои користат дроги.

Во согласност со Законот за заштита на децата и потпишаните меѓународни документи, за дете се смета секое лице до наполнетни 18 години живот, како и лице со пречки во физичкиот и во психичкиот развој до наполнети 26 години живот.

Појавата на деца кои користат дроги е комплексен и сериозен проблем кој бара вклучување на огромен број на фактори, како на оние кои се вклучени во креирање на политики, така и на фактори кои се дел од социјалниот, од здравствениот, од образовниот систем. Станува збор за проблем кој бара надлежните министерства, пред сè Министерството за труд и социјална политика, а потоа и Министерството за здравство, сериозно да се позанимаваат со изнаоѓање начин на вклучување на децата корисници на дроги во третман, рехабилитација, ресоцијализација и нивна реинтеграција во општеството.

Во овој момент, во Република Македонија вакви програми не постојат.

Република Македонија како потписник на Конвенцијата за правата на детето, во согласност со член 33, е должна да ги преземе сите соодветни мерки, вклучувјќи ги правните, административните, општествените и образовните за да ги заштити децата од незаконска употреба на наркотици и психотропни супстанции.

Социјалната заштита во Република Македонија е уредена во согласност со Законот за социјална заштита. Овој Закон се однесува на системот и на организацијата на социјалната заштита, правата од аспект на социјалната заштита, финансирањето и постапката на остварување на правата од социјалната заштита.

Според член 2 „Социјалната заштита е систем на мерки, активности и политики за спречување и надминување на основните социјални ризици на кои е изложен граѓанинот во текот на животот, за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост и за јакнење на неговиот капацитет за сопствена заштита. Носители на социјалната заштита се државата, градот Скопје и општините во градот Скопје, во рамките на нивните надлежности, а во согласност со овој закон.”

Доколку се разгледува овој Закон во насока на предвидени мерки и активности кои би се однесувале за деца кои користат дроги, Законот уште во член 11 предвидува единиците на локалната самоуправа да обезбедуваат остварување на социјална заштита на одредени лица во социјален ризик меѓу кои се и лицата кои злоупотребуваат дроги, други психотропни супстанции, прекурзори и алкохол.

Законот за социјална заштита не препознава категорија деца кои користат  дроги. Во Законот се предвидени мерки и активности кои се наменети за лица кои користат дроги, но  не е прецизирано дали услугите и активностите можат да се однесуваат и на деца кои користат дроги.

Во делот кој се однесува на вонинституционална заштита, поточно правото на дневно прифаќање е со закон загарантирано право и за корисниците на дроги, во согласност сочл. 31, правото на дневно згрижување во дневен центар се обезбедува на лице кое употребува, односно злоупотребува дроги и други психотропни супстанции и прекурзори и на членовите на неговото семејство, меѓу другите набројани ранливи категории. И тука, како и во целиот Закон, не се препознаени децата кои користат дроги како посебна категорија и не е јасно дефинирано дали услугите, мерките и активностите се наменети и приспособени за деца кои користат дроги и дали тие мерки и активности се насочени кон успешно задоволување на специфичните индивидуални потреби кои ги има оваа категорија на деца.

Ако зборуваме за третман на деца кои користат дроги и доколку сакаме да биде успешен, тогаш третманот треба да биде долгорочен и сеопфатен и потребно е вклучување на сите релевантни фактори. Првично потребно е дефинирање на специфична категорија на деца кои користат дроги како посебна категорија независна од сите други категории на деца под ризик, категорија која има свои специфични потреби кои бараат и специфични социјални услуги, мерки и активности. Освен дефинирањето на спецификите на оваа категорија, потребно е и дефинирање на социјални услуги, мерки и активности во кои би ги  вклучиле и родителите и семејството. Овие социјални услуги би се однесувале на решавање на одреден проблем „овде и сега“, но и на низа мерки и активности кои би се однесувале на долгорочно лекување, грижа, вклучување во процесот на образование и реинтеграција во општеството.

Социјалната заштита е специфична област која бара постојано прилагодување и адаптирање кон потребите на корисниците. Иако во блиското минато системот на социјална заштита во Република Македонија се соочи со можност да биде реформиран, се наиде на појава на одредени пречки и слабости кои се одразуваат, пред сè, врз квалитетот на дадените услуги. Ако зборуваме во насока на имплементирање на одредени услуги, мерки и активности кои се предвидени во согласност со Законот за социјална заштита, повеќе години наназад е алармирано од страна на практичарите дека огромен проблем е поставеноста на системот. Професионалните служби (пред сè центрите за социјална работа) имаат тенденција на доминантна работа во насока на остварување на правото на парична помош од аспект на социјална заштита, а огромен недостаток им е занемарувањето на социјалните услуги.

Во практиката се забележува недостаток на одредени услуги кои треба да ги дава Центарот за социјална работа. Овде зборуваме за недоволно идентификување на потребите на корисниците. На сето ова се надоврзува и слабата кадровска екипираност на стручните служби, несериозноста во соочувањето со одредени проблеми, несоодветното управување со човечките ресурси, како и недоволната едукација која од своја страна доведува и до несензибилизираност на самите стручни служби кон одреден проблем или појава, а посебно во делот на давање социјални услуги на децата кои користат  дроги. Во целиот овој процес на промени и на транзиција, поголемо значење ѝ е посветено на вонинституционалната заштита каде што се воведени повеќе нови облици на заштита на одредени нови категории на корисници на услуги, но во моментов не може да се зборува за предвидени и за дефинирани социјални услуги кои би се однесувале директно на деца кои користат дроги, ниту пак веќе дефинираните одговараат во насока на задоволување на основните и на индивидуалните потреби на оваа категорија на деца.

Треба да се развие спектар на социјални услуги преку соработка на локални институции, на организации, на здруженија на граѓани и секако партнерство меѓу владиниот, стопанскиот и граѓанскиот сектор. Ова сè уште недоволно се применува во практиката и треба натамошно да се прошири и да се зајакне во делот на имплементацијата. Доколку размислуваме за креирање социјални услуги кои се однесуваат на децата корисници на дроги, појдовна точка треба да биде издвојувањето на оваа категорија на деца од останатите категории на деца во ризик, категорија која има свои специфични потреби и потребна е посебна сензибилизираност на стручните служби за работа со деца корисници на дроги.

Социјалните услуги треба да се креирани во согласност со потребите на децата кои користат дроги како за задоволување на нивните основни животни потреби, така и за задоволување на нивните здравствени, социјални, образовни и други потреби. Секое дете е единствена и уникатна индивидуа со свои специфични и индивидуални потреби. Социјалните услуги треба да се креирани токму за задоволување на специфичните и на индивидуалните потреби на секое дете поединечно. 

Александра Спасовска

Авторката е магистер по социјална работа. Дипломирала на Институтот за социјална работа и социјална политика при Филозофскиот факултет во Скопје и во 2015 година магистрирала на истиот институт. Од 2010 година работи во Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје. Во моментов е координаторка на Центарот за намалување на штети во Капиштец кој е дел од Програмата Сервиси и координаторка на Дневниот центар за рехабилитација и ресоцијализација на корисници на дроги и нивни семејства.
 

Целосното списание во ПДФ формат и ОНЛАЈН изданието.

Додека останатите броеви ги имате во Магазин "Дроги - Политики и практики".