Post-translational rotten youth no.2

Значи, ти би рекол дека мора да е комплетно нивна вина што се премногу слаби и запаѓаат во зависност, додека ти припаѓаш на племето „силни, рационални, на работа од 8 до 4, фиљан“ луѓе?

Сепак, дали си сигурен дека сакаш толку лесно да осудиш цели генерации на збунети, апатични, автодеструктивни млади луѓе испразнети од импулсот за креација, од кои многумина не можеа да поднесат да бидат дел од немилосрдната, токсична борба за лесни пари и површен престиж, многумина немаа ниту од кого да научат како што побезболно да се адаптираат на неа; млади луѓе кои едноставно наследиле само еден голем, ‘рѓосан вентилатор и голем куп гомна од претходната праведничка генерација?

Пред да избрзаш и да ги отфрлиш како „општествен отпадок кој треба да се уништи“ бидејќи тоа што ним им се случува е само приватен проблем кој единствено може да им се случи на мрзливите, глупавите или/и неамбициозните луѓе и никогаш не би можел да ти се случи на тебе или на твоите блиски, разгледај ја поубаво колективната илузија на контрола, удобност и избор која и самиот питомо ја одржуваш, ден по ден, најверојатно сè додека твоето име не бидне врежано на надгробна плоча над епитафот „Послушен граѓанин кој никогаш не го затресе бродот додека пловеше низ океанот на личниот интерес“.

/Сликано во „Ла Луна“, популарен ноќен клуб во времето кога овој индустриски град уживаше економски просперитет; денес местото е во рушевини и служи како локално свратилиште на наркомани и скитници.
Zmaj Poemography