Порака за негрижа

Во Скопје од 1996 година постојат програми за намалување на штети од употреба на дроги кои ја помагаат заштитата на локалното население од ХИВ и ги застапуваат правата и потребите на луѓето кои употребуваат дроги. Каква е соработката на Град Скопје со програмите за намалување на штети и колку, според Ваше видување, овие програми ги поддржуваат заложбите на градот за унапредување на здравјето на граѓаните?

Со почетокот на децентрализацијата на локално ниво, во 2005 година, започнавме со развивање на програмите за социјална заштита на маргинализирани групи на граѓани, што всушност значеше и постепено запознавање со проблемите на граѓаните. Она што го видовме во делот што се однесува на лицата кои употребуваат дроги се потребите за различни програми, меѓу кои и потребата oд Програма за намалување на штети од употреба на дроги.

Како локална самоуправа сметаме дека најголема одговорност и надлежност имаме во делот на превентивната здравствена заштита при што и можеме да ставиме акцент на превенција од дроги. Меѓутоа, ако размислуваме стратешки, со тоа би опфатиле само еден сегмент од политиката за дроги, а би ги изоставиле сите останати важни сегменти за решавање на проблемот со употребата на дроги како што се: лекување, намалување на штети, ресоцијализација, рехабилитација и други важни области. Она што го увидовме  во делот на намалување на штети е постоењето поголем број програми, односно увидовме дека лицата кои употребуваат дроги имаат потреба од поддршка, но првенствено имаат потреба прво за стерилен прибор, а потоа и за медицинска помош, како и за правна помош. И едноставно, она што е најпотребно е да се оствари контакт со нив за евентуално да бидат мотивирани за доброволно да се вклучат во програмите за лекување на зависности од дроги така што сите наброени аспекти и области во политиката за дроги се многу важни, а намалувањето на штети е нераскинлив дел од целата политика.

Она што исто така го препознавме беа резултатите на овие центри, односно број на опфатени клиенти на годишно ниво, задоволството на клиентите, обезбедување анонимност и доверливост при остварување контакт, бројот на лица препратени на лекување и особено најниската стапка на луѓе кои живеат со ХИВ во регионов.

Дали и на каков начин програмите за намалување на штети од употреба на дроги се застапени во политиките на Град Скопје?

Во делот на политиката за дроги на Град Скопје значајно е да се споменат  Стратегијата за дроги на Град Скопје, како и Стратегијата за заштита од ХИВ на Град Скопје. Во самите стратегии има стратешки области како што се превенција, намалување на штети од употреба на дроги, ресоцијализација, рехабилитација, градска безбедност. Во секоја од овие области Град Скопје се залага да поддржи програми кои се приоритет во даден момент.

Така, на пример, се поддржуваат програми за превенција, односно отворено е Советувалиште за превенција од дроги наменето за средношколската младина, меѓутоа не исклучува и други категории луѓе кои имаат потреба од советување. Се спроведуваат програми за превенција во средните училишта што се во надлежност на Град Скопје. Понатаму се поддржува Дневниот центар за ресоцијализација и рехабилитација на лица кои употребуваат дроги. Се поддржуваат и други програми за превенција и информирање како што е инфо линијата за ХИВ и за дрога. Во таа вкупна слика, дел зазема и поддршката на еден од дневните центри за намалување на штети во Град Скопје.

Покрај тоа што развиваме програми за различни целни групи, можам да кажам дека сите тие се некако меѓусебно поврзани. Така една индивидуа која добива помош во тие дневни центри може да влијае многу пошироко на спречување на ширењето на штетите кои можат да настанат поради употребата на дроги како по самата индивидуа, така и за поширокото население. Сето ова е во смисла на спречување на ХИВ и на други крвно и сексуално преносливи инфекции.

Дали некогаш сте ги мереле резултатите од поддршката што ја давате за овие програми?

Битни ни се информациите за тоа колку клиенти ги посетуваат овие дневни центри, колку од овие клиенти се упатени на понатамошно лекување не само во делот на намалување на штети туку и на ресоцијализација, рехабилитација и превенција. Поконкретно, колкав број граѓани директно опфаќаме со политиката за дроги. Овие резултати се квантитативни, но многу ни се важни и квалитативните показатели кои се однесуваат на тоа какви потреби имаат овие граѓани, колку се задоволни од услугите, како гледаат нивните семејства на ваквите програми, како и прогнозите за во иднина. Според мене овие информации се многу важни и ни кажуваат за тоа колку за овие граѓани се значајни ваквите програми.

Каква е реакцијата на јавноста на ваквата политика за дроги?

Моето искуство кажува дека јавноста е поддржувачки настроена. Пред сѐ, мислам на донесувачите на одлуки кои ги изгласаа стратегиите, кои учествуваа во креирањето на стратегиите, како и за поддршката на Кабинетот на  градоначалникот за сите овие стратегии. Морам да кажам дека навистина сме имале поддршка. Кога почнувавме со сето ова во 2007 година бевме многу поскептични и очекувавме многу поголеми реакции на осуда, на неприфаќање, на стереотипи и на предрасуди. Не дека не наидувавме на отпор во текот на дискусиите, бидејќи во изработката на стратегијата имаа право сите да учествуваат, да го кажат своето мислење и не сите беа благонаклони кон лицата кои користат дроги. Меѓутоа на поголем отпор или на опструкции не наидовме ниту од донесувачите на одлуки ниту пак од граѓаните кои не се директно засегнати, а имаат некаков став за овие прашања. Така беше и понатаму при отворањето на центрите. Мислам, секогаш постои прашањето за одржливоста во смисла дали ќе се обезбедат средства за наредната година. Но, откако прашањето е опфатено во Програмата за социјална заштита, овие програми редовно се реализираат и се финансираат без никакви пречки.

Знаеме какви беа реакциите при отворањето на дневните центри за лекување на зависности од дроги. Министерството за здравство имаше сериозен проблем да ги прошири капацитетите на Центарот за зависности во Кисела Вода. Имаше сериозни реакции од советниците во одделни општини, од граѓани кои не се согласувале и кои спречуваа на дадено место да се отвори ваков центар. Сепак, кога постои јасна политика и постои цел за тоа што треба да се направи, мислам дека нема да има пречки, ниту политички ниту од јавноста.

Во јули 2017 година завршува поддршката за заштита од ХИВ и туберкулоза која програмите за намалување на штети ја добиваа од Глобалниот фонд и постои ризик за укинување на овие програми. Што би значело за Град Скопје доколку програмите за намалување на штети во Скопје се укинат?

За голема група граѓани кои се здравствено засегнати ќе биде многу сериозен проблем од здравствен, од социјален и од семеен аспект. Многу широко тоа ќе се афектира и ќе постои опасност од ширење на заразни болести, а и од поголема злоупотреба на дроги. Исто така нема да имаме можност да ги следиме и да имаме увид во состојбите на терен. Воедно луѓето нема да имаат можност за пристап до други програми така што мислам дека тој затворен круг ќе биде болен за самите граѓани кои страдаат, меѓутоа ќе биде видлив и кај пошироката заедница. И тоа зборува за негрижа, генерално. Значи, едно е што луѓето конкретно ќе се соочат со социјални и здравствени проблеми, а друго е што нешто што функционира, нешто што дава резултати наместо да се задржи со постоечкиот квалитет и да се унапредува, тоа се затвора. Згаснувањето на програмите испраќа порака која не е во ред – порака за негрижа кон засегнатите граѓани.

Град Скопје и во 2017 година преку програмите за социјална заштита поддржува програми за: превенција, рехабилитација, ресоцијализација и пошироко. Ги имаме стратегиите за ХИВ и за дроги кои можат да опфатат и други активности и организации кои ќе се пријават на јавниот повик на градот. Секогаш сме отворени за сите форми на поддршка и верувам дека така ќе продолжиме и во наредниве години. Згаснувањето на програмите ќе се одрази и на Програмата за социјална и здравствена заштита во градот, односно тој значаен  дел на поддршка од Град Скопје нема да биде доволен и нема да го има досегашниот ефект бидејќи нема да ги има средствата од Глобалниот фонд, средствата кои се обезбедуваат од Министерството за здравство или од други извори. Уделот на Град Скопје се однесува на унапредување на овие програми. Во овој случај, доколку се потпреме само на еден извор, се плашам дека нема да има резултати. Град Скопје секако ќе продолжи со финансирање, но тоа е како капка во море.

Со стратегиите за ХИВ и за дроги на Град Скопје, иако се правени врз принцип на споделена одговорност, не успеавме да ги инспирираме другите локални и национални институции да го прифатат истиот модел. За жал, за цело ова време како поддржувач на програмите се јавува само Град Скопје, иако секаде каде што можевме споделувавме, дававме пример за практична примена на нашето искуство во другите општини и институции на подрачјето на Скопје. Едноставно, ваквите активности не се најдоа во буџетите на другите институции. Досега не видовме дека некоја институција го следи нашиот пример, односно изостанува споделената одговорност во финансирањето на програмите потребни на граѓаните.

Што треба да се направи за да се обезбеди ваква соработка и поддршка?

Дефинитивно подобра координација и тоа меѓу донесувачите на одлуки, но и меѓу вработените во одделенијата за социјална заштита како во општините, така и во надлежните институции. Оваа проблематика мора да биде приоритет во програмите за социјална и здравствена заштита. Сепак Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика се клучни за овие прашања и овие министерства треба да предводат во спроведувањето на програмите за намалување на штети и да учествуваат со поголеми финансиски средства. Социјалните и здравствените политики воопшто се слабо застапени во општините и се смета дека тие се во надлежност или на министерствата или на Град Скопје, додека некои општини се сметаат за нанадлежни. Затоа, покрај координацијата, е потребна и едукација и усогласување на разбирањето на законскиот дел. Законите се добри и даваат можност за вклучување на општините. Локалната самоуправа нема надлежност во делот за лекување, но во делот за социјална грижа Град Скопје и општините во Скопје имаат можност да се вклучат и да дадат поголем придонес во оваа област.

Интервјуто го водеше Вања Димитриевски