Пари за програмите за ХИВ има, на потег се политичарите

Иако буџетот на Министерството за здравство на Република Македонија располага со можности за финансирање на програмите за намалување на штети од употреба на дроги, тешко може да се разбере зошто овој дел од буџетот за 2017 година е значително намален. Дали Министерството за здравство сакало да го избегне финансирањето на овие програми, а со тоа и обврските преземени со договорот меѓу Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија и Владата на Република Македонија?

Програмите за намалување на штети од употреба на дроги во Македонија од ноември 2004 година се финансираат од страна на Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија. Преку овие програми на лицата кои употребуваат дроги им се обезбедуваат здравствени, социјални, правни, психолошки и други услуги. Финансиските средства се доделуваат на Министерството за здравство, односно посебната единица во склоп на Министерството како примарен примател, која понатаму дел од овие средства распределува на секундарни приматели (здруженија на граѓани) по претходно утврдени договори кои се потпишани од министерот за здравство, а сѐ со цел за полесно одржување на 16-те програми за намалување на штети распоредени во 13 различни градови во Македонија.

Договорот меѓу Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија и Република Македонија за финансирање на програмите за намалување на штети завршува на 30 јуни 2017 година. Истиот договор налага по завршувањето на финансирањето од страна на Глобалниот фонд, финансирањето на овие програми да го преземе Владата на Република Македонија. Според направените процени за финансирањето на програмите за намалување на штети во Македонија потребни се од 27 392 илјади денари до 34 857 илјади денари во зависност од тоа дали се работи за минималниот или оптималниот модел на финансирање. Сепак последните навестувања од Владата на Република Македонија, преку изгласаниот Буџет за 2017 година, покажуваат дека нема да има доволно средства за продолжување на финансирањето на програмите за намалување на штети.

Што ќе се случи со програмите за намалување на штети од 1 јули? Дали Министерството за здравство може да ги финансира овие програми? Дали Владата на Република Македонија, односно Министерството за здравство не се во состојба да го почитуваат договорот со Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија?

За да се одговори на овие прашања направена е анализа на Буџетот, односно на планираните расходи и на реализацијата на средства на Министерството за здравство.

ПЕРИОД 2011 – 2015 ГОДИНА

Планираниот Буџет, односно планираните расходи на Министерството за здравство, како што може да се види од табела бр. 1, во периодот од 2011 година до 2014 година постојано се зголемуваат за во 2015 година тие да се намалат и со тоа се пониски од планираните расходи во 2013 година. Со извршената пренамена во 2011 година и изгласаните ребаланси, намалување на планираните расходи на Министерството за здравство има во 2011 година, во 2012 година и во 2014 година. Во 2013 година планираните расходи се најголеми, а покрај 2013 година и во 2015 година планираните расходи се над 6 милиони илјади денари. Драстично зголемување на планираните расходи има во 2012 година во однос на 2011 година кога планираните расходи на Министерството за здравство се зголемени за 2 292 907 илјади денари или зголемувањето е за 73,85 %.

Табела бр. 1: Планирани расходи на Министерството за здравство за период од 2011 година до 2015 година (во илјади денари)
 
Година Изгласан буџет Ребаланс/пренамени Разлика
2011 3.128.808 3.104.708 -24.100
2012 5.529.529 5.397.615 -131.914
2013 5.977.749 6.397.806 420.057
2014 6.238.218 5.980.591 -257.627
2015 5.932.704 6.132.124 199.420
 
Реализацијата на средствата на Министерството за здравство, како што може да се види од графиконот бр.1, е единствена година кога се реализирани повеќе средства од што се планирани. Во 2012 година реализацијата на средства е 102,74 % при што се потрошени 147 773 илјади денари повеќе.
 
Графикон бр. 1


Во 2011 година реализирани се 85,30 % од планираните расходи или 456 275 илјади денари помалку. Во периодот од 2013 година до 2015 година реализацијата на средствата е над 90 %. Во 2013 година реализацијата е 94,07 % при што нереализирани се 379 508 илјади денари, додека пак во 2014 година реализацијата е 92,97 %, односно нереализирани се 420 182 илјади денари. Најголема реализација на средства има во 2015 година кога се реализирани 95,41 % од планираните расходи. Нормално, поради тоа што во 2015 година реализацијата на средствата е најголема, најмал е и износот на нереализирани средства (281 295 илјади денари).
Што се случува во 2016 година и во 2017 година?
Првично изгласаните расходи на Министерството за здравство за 2016 година се најголеми во однос на анализираниот период 2011 – 2015 година. Но, во текот на годината се изгласани два ребаланси на Централниот буџет со што и самите планирани расходи на Министерството за здравство претрпуваат промени со тоа што тие постепено се намалуваат за по вториот ребаланс да се намалат за 609 270 илјади во однос на првично изгласаните расходи и планираните расходи да изнесуваат 5 887 719 илјади денари.
 
Табела бр. 2 Планирани расходи на Министерство за здравство за 2016 година и за 2017 година (во илјади денари)
 
Година Изгласан буџет Ребаланс бр. 1 Ребаланс бр. 2
2016 6.496.989 5.915.777 5.887.719
2017 5.596.159 / /
 
Со измените во 2016 година и во 2017 година, планираните расходи на Министерството за здравство се вратени на нивото од пред 2013 година. Намалувањето на планираните расходи на Министерството за здравство не е во согласност со планираните расходи на Централниот буџет по буџетски корисници, кои со последниот ребаланс во 2016 година во однос на 2015 година се зголемени за 9 410 809 илјади денари, а во 2017 година во однос на 2015 година се поголеми за 13 670 524 илјади денари.

Програма за намалување на штети

Планираните расходи на Министерството за здравство се распределени во 11 (единаесет) програми, и тоа: 1. Администрација; 2. Државен, санитарен и здравствен инспекторат; 3. Агенција за лекови; 4. Национална програма за трансплатација; 5. Здравствена заштита; 6. Куративна здравствена заштита за превенција; 7. Детекција за радијациона сигурност; 8. Поддршка на имплементацијата на декадата и стратегијата за Ромите; 9. Агенција за акредитација; И. Реформа во здравството и К. Реформа во јавната администрација. Во Програмата 1. Администрација се сместени развојните програми на Министерството за здравство, додека пак програмите И. Реформа во здравството и К. Реформа во јавната администрација се развојни програми на Владата на РМ. Програмата за намалување на штети се наоѓа во Програмата 5. Здравствена заштита, поточно тоа е Потпрограмата 57. Заштита на населението од СИДА.

Потпрограмата 57. Заштита на населението од СИДА, како што може да се забележи од графиконот бр. 2, се финансира од Основниот буџет на Република Македонија, од донации од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија и во периодот од 2014 година до 2017 година и од средства од самофинансирање. Најголем дел од средствата за финансирање на Потпрограмата 57. Заштита на населението од СИДА се обезбедени од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија и тоа за периодот од 2011 година до 2013 година со учество од повеќе од 90 %. Во периодот од 2014 година до 2016 година, кога планираниот буџет на оваа потпрограма е и најголем, учеството на Глобалниот фонд е намалено на 82,88 % во 2014 година, 87,34 % во 2015 година и во 2016 година на 77,64 %. Во 2017 година планираните расходи на Потпрограмата 57. Заштита на населението од СИДА, планираните расходи се најмали што е и логично поради завршувањето на финансирањето од страна на Глобалниот фонд при што и учеството на Глобалниот фонд во вкупно планираните расходи на потпрограмата е само 63,40 %. Од друга страна, Република Македонија преку Основниот буџет во финансирањето на Потпрограмата 57. Заштита на населението од СИДА во 2012 година и во 2017 година учествува само со 6,62 %, односно 6,39 %, во 2011 година, во 2013 година и во 2017 година учеството изнесува нешто повеќе од 9 %, во 2014 година тоа е најголемо и изнесува 15,57 %, а во 2015 година учеството на средства од Основниот буџет во вкупно планираните расходи на потпрограмата изнесува 11,51 %.
 
Графикон бр. 2


Вкупно планираните расходи на Потпрограмата 57. Заштита на населението од СИДА учествуваат со многу мал дел во вкупно планираните расходи на Министерството за здравство. Во периодот од 2011 година до 2017 година, вкупно планираните расходи на Потпрограмата 57. Заштита на населението од СИДА се движат меѓу само 1,32 % и 2,83 % од вкупно планираните расходи на Министерството за здравство. 

Од аспект на реализацијата на средствата кај Потпрограмата 57. Заштита на населението од СИДА може да се забележи дека во 2011 година, во 2014 година и во 2015 година се потрошени повеќе средства од предвидените. Најголем дел од реализираните средства се средства добиени од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, а реализацијата на средствата добиени од Основниот буџет е незначителна, освен во 2015 година и во 2014 година кога се речиси во целост реализирани. Исто така реализацијата на средства од самофинансирање е премногу мала.
 
Графикон бр. 3


Вкупната реализација на средства на Потпрограмата 57. Заштита на населението од СИДА во вкупната реализација на Министерството за здравство е незначителна. Учеството на реализираните средства на Потпрограмата 57. Заштита на населението од СИДА во реализираните средства на Министерството за здравство се движи меѓу 2,07 % и 2,36 %.

Што можеме да резимираме?

Во периодот од 2011 година до 2015 година имаме зголемување на планираните расходи на Министерството за здравство при што во 2012 година има позначително зголемување на планираните расходи во однос на 2011 година. Во 2016 година со двата изгласани ребаланси планираните расходи се намалени под нивото од 2013 година. И во 2017 година планираните расходи на Министерството за здравство кои се изгласани во 2016 година се под нивото на планирани расходи од 2013 година. Реализацијата на средствата на Министерството за здравство, освен во 2012 година кога се реализирани повеќе средства од предвидените, се движи од 85,30 % до 95,41 % при што нереализираните средства се движат од 281 295 илјади денари до 456 275 илјади денари.

Потпрограмата 57. Заштита на населението од СИДА во периодот од 2011 година до 2017 година се финансира од три извори, и тоа: Основен буџет, самофинансирање (од 2014 година до 2017 година) и од донации. Донациите се финансиски средства добиени од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, кои во периодот од 2011 година до 2015 година учествуваат во финансирањето на Потпрограмата 57 со 82,88 % до 93,38 %, во 2016 година учеството на Глобалниот фонд е намалено на 77,64 %, додека пак во 2017 година на 63,40 %, што е и нормално поради тоа што финансирањето од страна на Глобалниот фонд завршува на 30 јуни 2017 година. Учеството на планираните расходи на Потпрограмата 57. Заштита на населението од СИДА во планираните расходи на Министерството за здравство се движи меѓу 1,32 % и 2,83 %. Реализацијата на средствата покажува дека најмногу се реализираат средствата добиени од Глобалниот фонд, додека пак учеството на реализираните средства на самата потпрограмата во однос на реализираните средства на Министерството за здравство се движи меѓу 2,07 % и 2,36 %.

Во согласност со оптималниот модел на финансирање на програмите за намалување на штети, на годишно ниво се потребни 34 857 илјади денари кои претставуваат околу 0,60 % од вкупно планираните расходи на Министерството за здравство во периодот од 2011 година до 2017 година. Доколку се земе предвид износот на нереализирани средства (со исклучок на потпрограмите 56. Превентивни мерки за спречување на туберкулозата и 57. Заштита на населението од СИДА кои што се финансираат од Глобалниот фонд), тогаш потребните средства за финансирање на програмите за намалување на штети, во согласност со оптималниот модел, претставуваат 8,17 % од нереализираните средства во 2013 година, 9,13 % во 2014 година и 18,36 % од нереализираните средства во 2015 година (износот на нереализираните средства се движи од 281 295 илјади денари до 456 275 илјади денари). Во согласност со ова, потребните средства за финансирање на програмите за намалување на штети не би требало да претставуваат товар на Министерство за здравство. Намалувањето на планираните расходи во некои потпрограми или во комбинација на неколку потпрограми во исти или во различни програми во кои има нереализирани средства би биле доволни за обезбедување средства за финансирање на програмите за намалување на штети. Иако со само мали корекции при планирањето на буџетите, финансирањето на програмите за намалување на штети е возможно. Нејасен е фактот зошто буџетот на програмите за намалување на штети е значително намален во 2017 година при што не се предвидени средства за финансирање на овие програми, а со тоа и не се почитуваат обврските кои произлегуваат од договорот меѓу Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија и Владата на Република Македонија.

Стефан Стефанов

Авторот е роден и живее во Велес. Дипломирал на Економски факултет – Скопје, Насока Финансиско сметководствен менаџмент. Во 2013 година се здобива со титула магистер по финансиски менаџмент при Економскиот институт – Скопје. Од 2011 година работи како финансиски менаџер во Здружението ХОПС Опции за здрав живот Скопје.