„Ноќните дами“ во сива зона - државата глува на повиците за легализација или декриминализација

- Едното е петстотини, другото илјадарка.
- За двајца или за еден?
- За еден.
- Колку време?
- Еден час?
- Вака директно оди, немате макро или директно со вас?
- Немаме макро.
- Во кола може?

Пишува: Никола Крстиќ

Ова е вообичаен разговор во вечерните часови во темните улички околу Македонската радио - телевизија. И пред една деценија и сега сликата е иста - дури и цените се отпорни на поскапувањата, сменети се само дел од „ноќните дами“ на кои овие паркинзи им се работно место.

Освен овде, сексуални услуги се нудат и во некои мотели и ресторани, особено во Полошко. Повремени акции и апсења има, но сексуалните работнички во најголем дел остануваат игнорирани. Ниту добиваат ниту и даваат нешто на државата. Немаат здравствени прегледи, немаат осигурување, немаат заштита од макроата и клиентите, не плаќаат даноци.

ДА или НЕ за легализација - експертите поделени

Прашањето за легализација повеќепати се отвораше, актуелната власт децидно се противеше, експертите останаа поделени –дали позитивните ефекти би ги натежнале негативните.

„Ставањето во законски рамки на користењето сексуални услуги може да биде позитивно бидејќи луѓето што ги даваат и што ги користат овие услуги ќе бидат заштитени... Мојата дилема е општеството кое ќе го дозволи, фактички дава дозвола оној емоционален контакт меѓу луѓето да се изгуби“, вели психологот Ивана Станковска од Институтот за брак, семејство и системска пракса.

„Ако се дозволи отворање на јавни куќи и ако се дозволи легализација на проституцијата, како утре ќе му објасни секој родител на своето дете што е љубовта и како се задоволуваат сексуалните апетити... Всушност, ги сведувате љубовта и сексуалноста на нешто што не е позитивен мотив, нешто што може да се купи со пари, а не нешто што исконски произлегува од вас“, смета проф. д-р Татјана Стојановска – Иванова од Институтот за социологија.

Клучен фактор - заштитата на сексуалните работници и на нивните клиенети

Легализацијата би овозможила сексуалните работници да ги уживаат истите права како и другите вработени - макроата би морале да им обезбедат услови за работа, да им гарантираат безбедност, ним да им платат придонеси, а на државата даноци. Дополнителен бенефит би биле и редовните здравствени прегледи кои би ги заштитиле сексуалните работници, но и нивните клиенти - велат поддржувачите на идејата за легализација.

Граѓанскиот сектор јасен - проблемот не се решава со игнорирање

Игнорирањето само го зголемува проблемот, сметаат здруженијата на граѓани кои со години директно, на терен им помагаат на сексуалните работници. Според нив, дејноста мора да се легализира или во најмала рака да се декриминализира.

„Сексуалните работници ќе имаат можност да ги остваруваат своите права, ќе имаат пристап до институциите и ќе имаат можност да донесат сопствени одлуки да се грижат за своето сексуално и физичко здравје... Сето тоа ја враќа довербата кон институциите и создава позитивна атмосфера во која сексуалните работници имаат можност да бидат вклучени и активни граѓани и да придонесуваат за благосостојбата на општеството“ велат во Здружението „ХОПС - Опции за здрав живот“.

„Полицијата сега само повремено презема драстични и селективни мерки за елиминирање на проституцијата наместо елиминирање на нејзиното експлоатирање што дополнително влијае на достоинството и човековите права на сексуалните работници“, објаснуваат во Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.

Во бизнисот со сексуални услуги се вртат милиони

Никој не може со сигурност да каже колку пари се вртат во овој бизнис, но според одредени процени бројката се движи меѓу 50 и 100 милиони евра годишно. Анализите на невладиниот сектор покажуваат дека во Македонија има меѓу 2.500 и 5.000 сексуални работници - и жени и мажи. Ако секој од нив заработува во просек по 50 евра на ден се доаѓа до овие суми кои не се за потценување, но кои во најголем дел завршуваат во рацете на макроата и подведувачите, а не на сексуалните работници.

Законот предвидува и затворски казни

Според Законот за јавен ред и мир, за оддавање на проституција следува казна од 600 до 800 евра. Кривичниот законик е уште построг - предвидува затворски казни од шест месеци до пет години.

Досега повеќе најави и иницијативи за легализација

Првиот обид беше уште во првиот парламенатрен состав. Предлогот на тогашниот пратеник Тодор Петров наиде на сарказам и исмевање.

Втората иницијатива во 1996-та ја поднесе тогашниот народен избраник, Нано Ружин. Беше отфрлена и од неговите колеги и од најголемиот дел од јавноста.

Трет пат темата се актуалзираше во 2004-та кога пратениците Иван Анастасовски и Есад Рахиќ подготвија и предлог - закон кој не беше усвоен.Во 2011-та пратеникот Самка Ибраимовски најави, но не поднесе предлог - законски измени.

 Државите од регионот со различен пристап

Проституцијата во Грција е целосно легализирана, борделите мора да имаат посебна дозвола. Во Бугарија и во Словенија е декриминализирана, а во Србија, Хрватска и Црна Гора дебатите се уште траат.