НЕМА ПРИДОБИВКИ ЗА ЖЕНИТЕ ОД ПРОЕКТОТ НА ФЗОМ

Мрежата за заштита од дискриминација во денешното соопштение за јавноста, ја изрази својата загриженост за најавениот Владин проект за побрза исплата на надоместокот на родилките, дека истиот ќе биде дополнителна пречка за жените да се вработат и да можат да ги остварат правата од работен однос. Имено, со овој проект исплатата на надоместокот за породилно отсуство треба да ја прават работодавците кои потоа треба да бараат од Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) да им ги врати парите.

Во Република Македонија најголем број од невработени жени се на возраст од 25 – 34 години, односно во репродуктивниот период. Разлики помеѓу жените и мажите постојат и во однос на регулираниот работен однос, односно бројот на формално вработени мажи е поголем од бројот на формално вработени жени, а учеството на вработени жени во приватниот сектор е помал во однос на мажите. Како една од причините кои ФЗОМ ја истакнува при најавување на овој проект е побрза исплата на надоместокот за породилно отсуство, особено во првите месеци од раѓањето на бебето. Имено, доколку ФЗОМ истакнува дека го исплаќа надоместокот за породилно отсуство со задоцнување од два - три месеца, тогаш зошто работодавачите би верувале дека Фондот навремено нив ќе им го рефундира платениот надоместок? За рефундирање на вака платените средства, работодавачот ќе треба да поднесе и барање за рефундирање што само по себе ќе подразбира обременување на постапката за поврат на средства на работодавачот. Во инфомацијата испратена до јавноста ФЗОМ потенцира дека со воведувањето на овој проект нема да постои никаква дискриминација за било кој учесник, како и дека овој проект е најпрво во интерес на вработените.

Како мрежа за заштита од дискриминација, укажуваме на бројните неофицијални докази кои упатуваат кон тоа дека директната дискриминација е распространета, особено во приватниот сектор, во форма на присилување на жените да потпишуваат договори според кои нема да раѓаат за одреден временски период, поставување на лични прашања за семејството за време на интервјуата за работа, како и откази по завршувањето на породилното отсуство.

Поради ова, сметаме дека вака предложеното решение не само што нема да овозможи еднаков третман и навремено исплаќање на надоместокот за породилно отсуство, туку ја поддржува негативна пракса на невработување на млади жени во репродуктивен период. Земајќи го предвид фактот дека во Законот за работни односи нема посебна заштита за бремените жени вработени на определено време, ваквата мерка ќе придонесе кон непродолжување на договорите за вработување на бремените жени склучени на определено време. Дополнителната дискриминација врз младите и бремените жени ќе придонесе кон отежнат пристап до работа и слабеење на и онака слабата економска сигурност на жените во Република Македонија.

Бараме ФЗОМ да го повлече овој предлог и да превземе мерки преку кои на жените ќе го обезбеди правото на надомест поради бременост и раѓање од страна на државата, без досегашните доцнења. Доколку предложените мерки од овој проект треба да бидат вклучени во колективните договори, бараме синдикатите и работодавачите да се спротивстават на евентуалните измени и да не дозволат таква промена.