Намалување на штети во Република Македонија

Намалување на штети (дефиниција)

Употребата на дроги во современото општество може да се разгледува како културолошки, но и како медицински, социјален и економски феномен што бара интервенции на повеќе нивоа: креирање сервиси, програми и политики што ќе ги вклучат сите аспекти поврзани со употребата на дроги, превенција, лекување, намалување на штети од употреба на дроги, ресоцијализација и рехабилитацијa.

Постојат повеќе дефиниции за намалување на штети. Интернационалната асоцијација за намалување на штети (IHRA) дава најопфатна дефиниција:

„Harm Reduction“ refers to policies, programmes and practices that aim primarily to reduce the adverse health, social and economic consequences of the use of legal and illegal psychoactive drugs without necessarily reducing drug consumption. Harm reduction benefits people who use drugs, their families and the community.

http://www.ihra.net/files/2010/08/10/Briefing_What_is_HR_English.pdf

Одредена програма или интервенција се толкува како „Намалување на штетите“ ако: „Примарната цел е намалување на штетата од употреба на дроги, а не употребата сама по себе“ (Деков, В., Игњатова, Л., Јанкулоски, Х., Костовски, Д., Тошева, М., Прирачник за намалување на штети и ХИВ, ХОПС, 2006).

Програмите и интервенциите за намалување на штетите вклучуваат: 1. Достапност и размена на прибор за инјектирање; 2. Супституциски третман; 3. Теренска работа и едукација; 4. Депенализација на употреба на дроги; 5. Медицинска и социјална помош; 6. „Ран систем за предупредување“ и тестирање на дрогите и психоактивните супстанции; 7. Програми за алкохол; 8. Програми за никотин; 9. Мотивациско интервју (Деков, В., Игњатова, Л., Јанкулоски, Х., Костовски, Д., Тошева, М., Прирачник за намалување на штети и ХИВ, ХОПС, 2006).

Во насока на прифаќање на концептот за намалување на штетите и намалување на стигмата и дискриминацијата кон лицата кои употребуваат дроги, важна е употребата на коректна терминологија. Употреба на навредлива терминологија ги стигматизира и лицата коишто употребуваат дроги, но и нивните семејства и најблиски, и ги прави уште поранливи и недостапни за поддршка. ХОПС ги користи термините корисници/чки на дроги и лица што употребуваат дроги.

Национална законска регулација на употребата на дроги

Во македонското законодавство употреба на дроги е регулирана како прекршок – „Kој се оддава на уживање на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори ќе му се изрече глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност“ (член 20 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, „Службен весник“, бр. 66/2007).

Поседувањето и употребата на дроги од кривично-правен аспект е регулирано преку две кривични дела сместени во главата „Кривични дела против здравјето на луѓето“ во Кривичниот законик на Република Македонија (КЗ). Според член 215 став 1 од (КЗ), „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, се санкционира како поседување на наркотични дроги и психотропни супстанции заради нивна продажба, купување или пренесување.

Оваа одредба гласи: „Тој што неовластено произведува, преработува, продава или нуди на продажба или заради продажба купува, држи или пренесува или посредува во продажба или купување или на друг начин неовластено пушта во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, ќе се казни со затвор од една до десет години“. Од 2009 година, член 215 од КЗ е дополнет со нов став (2), според кој, санкцијата за поседување на помало количество заради продажба, купување или пренесување е помала и изнесува од шест месеци до три години затвор.

„Овозможување на употреба наркотични дроги“ е уредено со член 216 став 1, каде што е наведено: „Тој што наведува друг на уживање наркотични дроги и прекурзори или му дава наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори да ги ужива тој или друго лице или ќе стави на располагање простории заради преземено од уживање наркотични дроги и психотропни супстанции или на друг начин му овозможува на друг да ужива наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, ќе се казни со затвор од една до пет години“ од КЗ.

Иако член 215 не предвидува санкција за поседување на дроги за лична употреба, во пракса оваа одредба се применува на начин што секој корисник на дрога кој ќе биде фатен и со најмало количество на наркотична дрога во него е обвинет и најчесто осуден за кривичното дело од член 215 од КЗ без воопшто да биде докажана намерата за промет, односно трговија со наркотични дроги (ова е дело што се врши исклучиво со умисла). Член 216 од КЗ санкционира ситуација во која едно лице му овозможува, односно му дава на друго лице дрога да ја ужива (му подава цигара да ја пуши, спремен шприц за инјектирање и сл.) Исто така, одредбата санкционира ситуација доколку повеќе лица се соберат кај еден од нив дома и заедно употребуваат дрога, лицето чијшто е просторот ќе одговара кривично, додека останатите лица немаат одговорност.

Големина на популација

Според биобихејвиоралното истражување и процена на бројноста на популацијата кај лица кои инјектираат дроги (ЛИД) во Македонија спроведено во 2010 година, проценетиот бројот на лица кои инјектираат дроги во Македонија на возраст од 18 до 45 години е 10.900, а проценетиот бројот на лица кои инјектираат дроги во Скопје на возраст од 18 до 45 години е 3.150, односно најмалку 2.650 до најмногу 4.050 ЛИД. Студијата е спроведена од Институтот за јавно здравје, во соработка со ХОПС, поддржана од Глобалниот фонд за борба против ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија, и УНАИДС.

(Микиќ, В., Кузмановска, Г., Мемети, Ш., Извештај од биобихејвиоралното истражување и процена на бројноста на популацијата кај лицата кои инјектираат дроги во Македонија, 2010, Скопје, 2011).

Во Македонија податоци за корисници на дроги собираат:  

  • МВР – го регистрира секое лице со кое дошле во контакт поради користење на дрога или прекршок поврзан со дрога. Регистарот не прави разлика помеѓу лицата кои првпат пробале марихуана или лицата кои се зависни од хероин;
  • Здружение ХОПС – преку сервисите за размена на прибор за инјектирање;
  • Јавни и приватни установи што овозможуваат супститутска терапија;
  • Казнено-поправните институции за корисници на дроги кои биле на издржување на затворска казна;
  • Министерството за труд и социјална политика преку центрите за социјална работа;
  • Националната фокална точка за Европскиот мониторинг центар за дроги и злоупотреба на дроги (EMCDDA) ги собира податоците од сите извори и ги сумира во годишен извештај: http://www.emcdda.europa.eu/publications/country-overviews/mk

​Воедно, периодично се спроведуваат целни истражувања за различни аспекти на употребата на дрога помеѓу различни групи:

  • Истражување на UNICEF за адолесценти најмногу изложени на ризик од ХИВ (Most at Risk Adolescents MARA) во 2006 година: http://www.iea.pmf.ukim.edu.mk/ENG/UNICEF_MARA_Research.pdf
  • Истражувања на Европскиот проект за анкети во училиштата за алкохол и други дроги (ESPAD), во 1999 и 2008 година: http://www.skopje.gov.mk/images/Image/Brza%20procenka%20i%20odgovor.pdf
  • Биобихејвиорални истражувања на Институтот за јавно здравје кај лица што инјектираат дроги од 2005, 2007 и 2010 година - Истражување на ХОПС и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ за „Подобрување на квалитетот на програмите за лекување зависности од дроги во Скопје“: http://www.hops.org.mk/
  • http://coalition.org.mk/2008/10/makedonija/
  • Истражување на ХОПС „Унапредување на правото на пристап до социјални и здравствени услуги за Ромите што употребуваат дроги“: http://www.hops.org.mk/

Потреби и проблеми

Корисниците/чките  на дроги се едни од најмаргинализираните заедници во Македонија. Казнената законска регулатива, стигмата и дискриминацијата кон нив и нивните семејства, ги прави ранлива и скриена популација. Според истражувањето „Македонски општествени вредности“, спроведено од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), во 2010 година (http://www.mcms.org.mk/mk/za-nasata-rabota/istrazuvana-i-publikacii/istr...), кон корисниците/чките на дроги се покажува најголема нетолеранција, дури 96,8% од испитаниците не сакаат корисници/чки на дроги за соседи.

​Постоечките програми за лекување, пред сè, се наменети за опијатска зависност и се со ограничени капацитети, особено во Скопје. Програми за лекување со метадон постојат во осум градови, но програмата за лекување со бупренорфин е централизирана во Скопје (Универзитетска клиника за токсикологија во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ – Скопје), недостасуваат програми за лекување на други видови дроги, а особено недостасуваат програми за ресоцијализација и рехабилитација. Исто така, нема програми за лекување на лица помлади од 16 години.

Во затворите има метадонска програма, но недостасуваат програми за поддршка на корисници/чки на дроги по излегување од затвор, програми за рехабилитација и ресоцијализација, програма за размена на прибор за инјектирање во затворите.

И покрај недостаток на програми за лекување, ресоцијализација и рехабилитација, како и недостатоците на постоечките програми за лекување, Македонија има добра покриеност со програми за размена на прибор за инјектирање (ПРПИ), односно има 16 ПРПИ во 13 градови во Македонија.

ППТ-презентација – Проблеми и потреби на корисници/чки на дроги во Македонија

​Национален одговор за употребата на дроги 

Програмите за размена на прибор за инјектирање во Македонија постојат од 1996 година. Тие се препознаени од надлежните министерства и овие програми се дел од „Националната стратегија за дроги 2006-2012“, „Националната стратегија за ХИВ/СИДА 2006-2011“, „Националната стратегија за ХИВ/СИДА 2012-2016“. Програмите за намалување на штети во Македонија се влезени и во Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, член 3 точка 6.

Листа на стратешки документи и линкови до нив: