Наднаслов: Дополнителна заработка повисока од месечната плата - Сексуалните работнички жртви на конзервативните вредности

Во Република Македонија досега се неуспешни сите обиди за легализација на сексуалната работа. Третирана како табу тема, проституцијата сепак постои и се одвива тајно, што се должи на отсуството на сериозна дебата. Постојат различни мислења, најчесто про и контра легализацијата на најстариот занат

Пишува: Јана Јосифоска

Иако најстара професија, сексуалната работа во Македонија е сѐ уште табу тема. Присутна во сите општествени системи, оваа професија предизвикувала различни реакции, од морални осуди, па сѐ до законско санкционирање или нејзино легализирање. Кај нас осудата во најголема мера се должи на длабоко вкоренетите традиционални и конзервативни вредности. Но, неспорно е дека во реалноста постојат различни животни приказни  што влијаеле врз изборот на сексуалните работници. Мотивите поради кои се решиле на ваква работа можат да бидат различни, социјални, лични или финансиски.

Дваесетиосум годишната  Тина, сексуална работничка со трансродна сексуална ориентација вели дека од проституцијата заработува многу повеќе отколку од стандардната работа што ја има во примената и унапредувањето на секундарната здравствена грижа. Затоа, попрво би се откажала од регуларната работа отколку од втората, која и овозможува поголем комодитет.

-Се вклучив во сексуалната работа од своето полнолетство, сосема свесна за она што го избирам. Многу често економскиот статус игра значајна улога во она што ќе го одбереме да го работиме. Имам солидни квалификации, знаења и вештини од областа на медицината и тоа и го работам, пет дена во неделата. Слободна девојка сум, и ги користам викендите за да остварам дополнителна заработка, вели Тина.

Таа по сопствена волја, без никаква принуда одлучила да се бави со најстариот занает. Но, факт е дека има и девојки кои не можат да избегаат од канџите на макроата, трпат насилство, физичка и психичка тортура. Некои се изложени на малтретирање од страна на клиентите, кога им ги земаат заработените пари или не ја плаќаат добиената услуга.

Дали е подобро да се легализира ако не може да се спречи?

Во Македонија сексуалната работа е незаконска, односно, претставува прекршочно дело за нарушување на јавен ред и мир. Отсекогаш постоеле поделени мислења за оваа тема. Многумина сметаат дека со нејзината легализација ќе се намали опасноста од сексуално преносливи болести и ХИВ/СИДА, зашто сексуалните работнички ќе поминуваат одредени лекарски прегледи и секако, ќе мора да користат соодветна заштита. Според поддржувачите на оваа иницијатива, на ваков начин ќе се намали насилството врз сексуалните работнички, како и злоупотребата на деца и млади девојки кои нудат сексуални услуги за ситни пари.