Можности за одржливо финансирање на програмите за намалување на штети од употреба на дроги од Буџетот на Република Македонија

Во Македонија постојат 16 програми за намалување на штети во 13 различни градови што овозможуваат здравствени, социјални, правни, психолошки, педагошки и други услуги за луѓето кои употребуват дроги. Од 1.11.2004 до 31.3.2008 година, овие програми се финансираат со средства од „Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија“, како дел од проектот „Градење на координиран одговор за ХИВ/СИДА“. Овој проект продолжува да се развива во две нови проекти. Првиот, под називот „Одржување на ниска ХИВ преваленца во РМ – Зајакнување на капацитети“ се спроведува од 17.4.2008 до 31.3.2013 година, а вториот, под називот „Одржување на ниска ХИВ преваленца во РМ – Одржлив развој“ се спроведува од 1.1.2012 до 31.12.2016 година. Со овие средства, како примарен примател, управува посебна единица во Министерството за здравство на Република Македонија.

Според договорот со „Глобалниот фонд“ финансирањето на овие активности, почнувајќи од 2017 година, треба да го преземе Владата на Република Македонија. Бидејќи здруженијата на граѓани вклучени во спроведувањето на Проектот сѐ уште немаат претстава дали и како Владата на РМ планира да го преземе финансирањето на овие активности, а рокот набргу истекува, сè повеќе се зголемува неизвесноста за понатамошен опстанок на активностите за ефикасна превенција, за третман, за грижа и за поддршка за ХИВ/СИДА во Македонија. Процената на трошоците на програмите за намалување на штети покажува дека оптималниот годишен буџет за одржување на програмите за намалување штети изнесува меѓу 27.391.500,74 денари и 34.853.928,62 денари, во зависност од моделот на финансирање (Деков 2015).

Поаѓајќи од тоа што опстанокот на програмите за намалување на штети е неизвесен, Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје презеде иницијатива за изнаоѓање начин за одржливост на програмите за намалување на штети. Дел од оваа иницијатива е и истражувањето за процена на можностите за одржливо финансирање на програмите за намалување на штети од буџетите на поединечните програми на Министерството за здравство на Република Македонија и на Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија. Резултатите од процената и можностите за одржливо финансирање на програмите за намалување на штети се прикажани во извршното резиме што може да го преземете тука и во целиот текст од истражувањето што може да го преземете тука.