Модерната култура на канабисот во Амстердам и првите кофишопови

Историјата за модерната култура на канабисот во Амстердам се протега назад од 60-тите години. Психоактивните дроги биле во пораст заедно со потешките дроги како што се хероин и опиум. Американската хипи култура од 60-тите има големо влијание врз употребата на дрога во Холандија. Канабисот влегувал во Амстердам преку Американците, морнарите, северноафриканските трговци.

Законите против дрогата диктирани од Владата на Холандија биле поприлично репресивни. Во 1953 година канабисот станува забранета дрога. До 1960 година бројот на сите прекршувања со дроги кои биле донесени пред судовите, вклучувајќи ги и ЛСД и опиумот, бил многу низок: 10 до 25 случаи годишно, додека во 1966 година бројот на прекршувања со дроги експлодирал.

Употребата на канабис била распространета и во интелектуалните кругови кои се јавуваат со реакции во јавноста тврдејќи дека канабисот не предизвикува зависност и дека затворските казни за прекршување со канабис се премногу ригорозни. Во 1965 година, малото хипи  движење Прово (Provo) почнало да ги провоцира властите со манифестации, со активности и со пушење канабис на отворено. Подоца тоа движење прераснува во културен феномен. Водачот на Прово (Provo), Роберт Џаспер Гротвелд (Robert Jasper Grootveld), почнува да одгледува канабис на врвот од неговиот брод. Дилерите на канабис продавале трева и хаш во клубовите во Амстердам како што биле Парадизо и Мелквег, а многу хипици пушеле канабис на отворено во Амстердам Вонделпарк (Vondelpark).
Во првите години, холандската полиција ги гонела корисниците на канабис. Амстердамската полиција за наркотици, составена од 6 полицајци, апсела луѓе кои поседувале 5 грама канабис или повеќе. Бројот на прекршувања со дроги донесени пред холандските судови од 74 случаи во 1966 година расте на 544 во 1969 година. Наскоро ставот на Владата се променува поради зголемената зависност од хероин во земјата, па Владата на Холандија одлучува да стави приоритет на нејзиното искоренување. Во 1969 година, Јавното обвинителство објавува конкретни упатства за приоретизирање на спроведувањето на Законот за наркотици.

Холандскиот поп-фестивал во Ротердам во јуни 1970 година може да се смета за прва голема имплементација на упатствата за спроведување на Јавното обвинителство од 1969 година. Наместо апсење на корисниците на канабис, властите одлучуваат да ја набљудуваат тамошната публика. Оттука започнува и неформалната политика на толеранција.
 
Таму многу полицајци за првпат биле сведоци на употреба на дрога, како дел од новата култура на младите, и според зборовите на полицаецот Отевангер (Ottevanger): „Ние едноставно не можевме да го пријавиме тоа како нешто лошо или непријатно бидејќи атмосферата беше прекрасна и немаше причина да веруваме дека нешто лошо ќе се случи“.

Распространетоста на канабисот се движела пребрзо, а полициските службеници забележале дека целата сцена со канабисот е многу мирна и пријателска. Репресијата се чинела речиси невозможна, а исто така и неоправдана. Наскоро политичарите и правниците почнуваат да тврдат дека канабисот треба да биде декриминализиран или дури и целосно да се легализира. Луѓето кои употребувале канабис стекнале особини на посебна супкултура.

Подемот на кофишоповите

Решителноста на луѓето да употребуваат канабис наспроти рестриктивните закони на државата поттикнало создавање нови културни модели – кофишопови. Мелоу јелоу (Mellow Yellow), првиот кофишоп, во тоа време наречен чајџилница, се појавил во 1972 година. Вернард Брунинг (Wernard Bruining), еден од сопствениците на Мелоу јелоу, во документарец на ВПРО вели дека започнуваат прво како пекарница. Биле често посетувани од пријатели кои доѓале да земаат лесни дроги, да пушат џоинт, да се напијат шолја чај. Отпосле им доаѓа идејата да почнат како кофишоп или чајна куќа. Вернанд земал канабис од дилер по име Цезар, купувале килограм, го делеле на мали парчиња и им го продавале на муштериите. Тоа се покажало како златна формула за кофишоповите. Понекогаш пред кофишопот имало редица долга и по 100 метри, луѓе кои чекале да влезат внатре.

Услугите на чајџилницата биле нелегални, ама поради политичката клима Владата не ја затворила. Мелоу јелоу на почетокот се труделе да го задржат нискиот профил (избегнување на публицитет). Отворале само по 18 часот и не се рекламирале. Почетниот успех на Мелоу јелоу ги инспирирал и другите да одат по истиот пат. Во 1975 година се основани уште два кофишопови во Амстердам: Булдог (Bulldog Coffeeshop) во сопственост на Хенк де Врис и Русланд (Coffeeshop Rusland).

 Во 1976 година, Законот за опиум бил ревидиран, правејќи јасна разлика меѓу „супстанциите што претставуваат голем ризик за здравјето на поединецот“ и „производи од канабис“. Во 80-тите години, кофишоповите се во пораст. Во 1991 година се креирани специфични прописи за кофишопови кои се усвоени во 1994 година.

Освен националните правила, Амстердам не дозволува кофишоповите да служат алкохол, забранет е влез за лица под 18 години, за еден муштерија е дозволено до 5 грама канабис, кофишоповите не смеат да се рекламираат и забранета е продажба на тешки дроги.
Кон крајот на 2008 година е одлучено дека кофишоповите во рамките на 250 метри од училиштата треба да се затворат во текот на наредните години. Ова е причината зошто Мелоу јелоу е затворен во јануари 2017 година.
Кофишоповите во Холандија не претставуваат симбол за слобода и за демократија само за оваа земја, туку се и инспирација за луѓето од цел свет кои во своите земји почнаа да бараат право за слободна употреба на канабис. Не верувам дека Холанѓаните го планирале ова, ама денес гледаме како политиките на една земја променети под влијание на една супкултура денес го менуваат светот.

Ирена Јовановска

Авторката e на магистерски студии по биологија на Универзитетот Лунд во Шведска. Од 2015 година работи на односи со јавноста и како менаџер на социјалните медиуми во Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје. Организатор е на кампањата Будење посветена на луѓето со ретки состојби. Ирена Јовановска е фотограф и активист за човекови права на маргинализираните заедници.