Меѓународна конференција за намалување на штети од употреба на дроги

Да се биде дел од Харм ридакшн (Harm reduction) заедницата значи да се бориш за правата на луѓето кои употребуваат дроги, но и на сите останати заедници, подразбира пасија, заедништво и љубов кон човекот. Сепак на отворањето на 25. конференција за намалување на штети од употреба на дроги која се одржа во мај оваа година во Монтреал, Канада, Седалија Кавенотас Фацио (Sedalia Kawennotas Fazio), како припадничка на Мохавк народот, нѐ потсети на нивните вредности дека без грижа и без почитување на мајката Земја и природата не можеме да имаме доволно љубов ниту за луѓето. Монтреал е град во Квебек, територија која традиционално му припаѓа на домородниот народ Мохавк, и по тој повод Седалија како домаќинка со нејзиниот поздравен говор и традиционална Мохавк молитва за добредојде нѐ врати во друго време каде што концептот на човековите права бил изедначен со правата и почитување на природата. По нејзиниот говор се обрати министерката за здравство на Канада, која пак нѐ врати во друго надреално време во кое низ градовите во светот луѓето умираат бидејќи нема доволно програми за лицата кои употребуваат дроги. Ова е време во кое политичарите одлучуваат дали некој ќе умре или ќе живее гласајќи идеолошки и без љубов кон луѓето. Голем дел од канадските учесници на конференцијата протестираа додека траеше говорот на министерката барајќи политичарите наместо да зборуваат со месeци да почнат да носат конкретни одлуки. „They talk – we die“ („Тие зборуваат – ние мрееме“) беа најчестиот транспарент и парола присутни во салата.

Канада иако важи за земја со добро развиени програми за намалување на штети, во последнава година се соочува со епидемија од употреба на фентанил. Тој е моќен опиoид, сличен на морфинот, но 50 до 100 пати помоќен од него. Лесно е достапен бидејќи може да се набави на рецепт и бројот на смртните случаи од предозирање со фентанил во Канада и во САД постојано се зголемува. Затоа се и повиците кон Министерството за здравство дека е крајно време да се преземат повеќе мерки за заштита на населението.

На конференцијата присуствуваа над 1 000 учесници од целиот свет. На 48 сесии и дополнителни работилници, дискусии, филмски фестивал итн. се опфатија најразлични теми поврзани со употребата на дроги. Итан Неделман (Ethan Nadelmann) нѐ потсети дека мора да градиме сојузи со сите движења за човековите права, додека Дебора Петерсон Смол (Deborah Peterson Small) во инспиративниот говор зборуваше за потребата од нормализација на употребата на дроги како начин за борба против стигмата и дискриминацијата, како и за тоа дека војната против дрогите е всушност алатка за борба против луѓето, а тоа во САД се Хиспанците и пред сѐ луѓето од црната раса.

ИНПУД – Интернационалната мрежа на луѓето кои употребуваат дроги заедно со канадските организации на луѓето кои употребуваат дроги организираа повеќе сесии на кои се пренесуваше искуството во организирањето и активизмот, но и за проблемите со кои тие најмногу се соочуваат.

На сесијата посветена на младите и на децата кои употребуваат дроги се потврди созананието дека границата на употреба на дроги е сѐ пониска, а специјално дизајнирани програми за нив се многу ретки.

Употребата на канабисот како пристап за намалување на штети привлече посебно внимание и интерес. Се презентираа искуствата на социјалните клубови во Шпанија, иницијативите за легализиција во Јужноафриканската Република, како и два модела (профитен и непрофитен) за легализација на канабисот во Канада каде што во тек е јавна дебата и се очекува Владата на Канада многу брзо да донесе закон со кој ќе се легализира употребата на канабисот.
Учесниците имаа можност да посетат повеќе видови програми за луѓето кои употребуваат дроги во Монтреал. Лично посетив 6 програми за млади и деца кои употребуваат дроги и можам да констатирам дека Канада е социјално развиена држава. Сите социјални и здравствени услуги се бесплатни, а бројот и разноликоста на ваквите програми е фасцинантен. Постои и посебна клиника за здравствени и психосоцијални услуги за деца и млади на улица во која преку 200 вработени секојдневно се грижат за нивните проблеми и потреби.

На крајот сакам да истакнам дека посебно ми е драго што на оваа конференција долгогодишните партнери на ХОПС, Петер Сароши (Peter Sarosi) и Иштван Габор Такаш (Istvan Gabor Takacs,) познати  по веб-порталот Drug Reporter и нивното долгогодишно видео застапување, ја добија Меѓународната Ролстонова награда (International Rolleston Award). Оваа награда се доделува на една личност,  во конкретниов случај на тим поради нивниот придонес за намалување на штетите од употреба на дроги на меѓународно ниво.

Влатко Деков