Медиумите со предрасуди за сексуалните работници

Информациите за сексуалните работници најчесто се сместени во Црна хроника и се поврзуваат со криминалот, а новинарите употребуваат навредувачка терминологија без да водат грижа каков ефект ќе има тоа во јавноста 

Пишува: Менче Точи 

Дискриминаторски, навредливи, полни со говор на омраза се текстовите во најголем дел од медиумите во Македонија кога известуваат за сексуалните работници.  Доволно е да се отвори интернет и да се погледнат насловите за да се види како медиумите во државата известуваат за оваа проблематика.

 

Македонските медиуми, во ера на голем наплив на портали каде ретко се почитуваат новинарските стандарди, најчесто со навредувачка терминологија и сензационалистички известуваат за темите поврзани за сексуалните работници.  Информациите најчесто се сместени во Црна хроника, со што оваа категорија граѓани директно ја поврзуваат со криминалот, без да водат грижа каков ефект тоа ќе има врз јавноста.

 

Медиумите имаат силно влијание врз создавањето на јавната свест. Свесни за тоа дека насловот ја продава веста, со примамливи и сензационалистички наслови и информации се обидуваат да ја придобијат читателската публика.   

 

„Скопје врие од проституција“„Дали има проституција во македонската естрада“ „Елитни проститутки најчесто се интелигентни студентки“, „Десет причини против легализација на проституцијата“, „Белградските елитни курви“, се само дел од насловите во некои медиуми кои бодат очи уште пред да се прочита текстот.

 

Дел од овие теми се пласирани во национални телевизии или во етаблирани весници во македонскиот медиумски простор. Токму темата “„Дали има проституција во македонската естрада“ која деновиве одеше во живо на една национална телевизија предизвика бура од реакции на социјалните мрежи, што  беше доволен показател како не треба да се известува.

 

 Според професорката и експерт за човекови права, Мирјана Најчевска новинарите делуваат во контекст на општо-прифатениот традиционален вредносен систем кој повеќе води грижа за семејните вредности и религиозните норми, отколку за достоинството, еднаквоста и слободата на луѓето. Доколку пишувањето на новинарите се стави во рамките на концептот за човековите права и основни слободи, тоа само по себе ќе значи еден поинаков приод и сосема поинаков речник.

 

„Кога се известува за сексуалните работници тоа е вообичаено поврзано со криминално делување, со нелегелна работа или е од аспект на неморалноста на чинот на сексуалната работа. Текстовите се вообичаено насочени кон омаловажување, навредување и потсмев на сексуалните работници и како такви се дискриминирачки. Сензационализмот е присутен кога во сторијата станува збор за познати личности или за активности преземени од страна на Министерството за надворешни работи“изјави Најчевска. 

 

На ваков начин,  се кршат правата на човекот и неговите основни слободи, гарантирани со Универзалната декларација на човекот, со Пактот за граѓански и политички права, со Европската конвенција за човековите права, потенцира Најчевска. 

 

Сексуалната работа е непринудна продажба на сексуални услуги за пари или други материјални добра меѓу согласни возрасни лица. Сексуалната работа вклучува улична проституција, ескорт услуги, сексуални услуги преку телефон, порнографија, егзотично танцување и друго. Сексуален работник може да биде маж, жена или трансродно лице.

 

 28 годишниот Бобан кој е сексуален работник, смета дека за да ја зголемат гледаноста медиумите не избираат зборови кога известуваат за сексуалните работници. Тој раскажува како известуваа медиумите за полициската рација  кога во 2008-мата година имаше големо апсење во Скопје.

 

„Веројатноста  дека новинарската елита кај нас не ги почитува основните етички стандарди за медиумско известување може да се забележи секојдневно низ печатените и електронски медиуми. На сметка на својот публицитет и гледаност многу новинари ниту бираат средства, ниту зборови, за да го омаловажат лицето за кое известуваат. Се сеќавам на полициската рација во 2008-та година кога се живо се апсеше пред Македонска телевизија, а кога меѓу приведените беше и еден сексуален работник од машки пол, за кого уредникот на вестите на телевизија Сител изјави, цитирам: "Меѓу приведените е и еден машки проститут". Јас имам познавање од македонската книжевност, литература и писмо, и зборот "проститут" ниту постои, ниту пак опишува некакво дејство“, објаснува Бобан.

  

Во Здружението СТАР кое работи на заштита, промовирање и унапредување на маргинализираните професии, особено на сексуалните работници, велат дека сензационализмот е појава која во последниве неколку години доживува значителен пораст на насловните страни на печатените медиуми или во најавата на телевизиските дневници.

 

„Сосема ни е јасно дека терминот "проститутка" ќе го задржи читателот да го исчита целиот текст или да го изгледа целиот прилог во телевизискиот дневник за разлика од терминот "сексуален работник/чка", но од друга страна нема да го потисне сензационализмот или неетичкото известување од страна на новинарот“вели претседателот на СТАР, Борче Божинов.

 

„Како организација, редовно ги следиме новинарските пишувања и известувања кои се однесуваат на сексуалната работа и мораме да нагласиме дека особено ја цениме професионалноста на медиумите и новинарите кои известуваа за минатогодишниот марш на сексуалните работници во Македонија, по повод 17-ти декември, Меѓународниот ден за борба против насилството врз сексуалните работници. Голем број на новинари со исклучок на неколкумина доследно известуваа за настанот и  со доследна терминологија ги опишуваа учесниците на маршот. СТАР како организатор на маршот, јавно го поздрави известувањето од страна на медиумите. Потсетуваме дека терминот "сексуален работник/чка" е меѓународно признаен термин и усвоен од самите сексуални работници кој што истиот го доживуваат за помалку стигматизирачки и навредлив за нив. Најчесто, текстовите за сексуалните работници се сместени во рубриките за црна хроника што уште повеќе го потврдува непрофесионализмот на уредникот или новинарот да најде соодветно место за пишаниот текст. Во Црна хроника се пишуваат текстови за криминал, трговија со луѓе и сообраќајни несреќи, а сексуалната работа не може и не смее  да биде поврзувана со овие теми бидејќи истата не се однесува на нив,“потенцира Божинов.

 

Ситуацијата не е многу поразлична и во останатите држави од поранешна Југославија. Најчесто медиумите сексуалните работници ги прикажуваат како губитници, како луѓе кои не се важни за општеството и за нив известуваат со предрасуди и сензационалистички.

 

Што се однесува до земјите од ЕУ, свеста за информирање за оваа проблематика е на повисоко ниво, но сепак зависи од политиките на државите, од законите и степенот на либерализација за оваа проблематика.  

 

 Но, постојат организации кои го следат  известувањето на медиумите поврзано со секс индустријата и сметаат дека негативните приказни на ударните вести на радио и телевизија, како и во весниците и натаму го привлекуваат вниманието на јавноста.  

 

„Сметаме дека сексуалните работници и нивната работа се слабо истражувани и нема позитивен пристап на веб порталите“, стои на веб страната на  Sex Worker Positive Media » nothing-about-us-without-us.com

 

Организацијата става линкови од новинарски текстови и прецизира кои од нив известувале правилно, а кои дискриминаторски и навредливо.

 

Овој тренд го следи и Македонија, па организациите кои активно се занимаваат со правата на сексуалните работници, како СТАР и ХОПС,постојано укажуваат и потсетуваат како работите треба да се сменат на подобро. 

 

Но, конзервативниот став и немањето на јасен нормативен систем на државата,  сексуалните работници ги вбројува во најмаргинализираните групи во општеството.

 „Креаторите на политики и властите повеќе ги сметаат за непријатна појава што треба да се игнорира или за неморални прекршители на законот отколку за индивидуи кои може и треба да бидат заштитени од насилство и кои треба да добиваат социјална и економска помош и поддршка“,сметаат во  ХОПС. 

 

Од сето ова,  произлегува дека целокупната атмосфера во државата влијае и на начинот на известување, а сето тоа го кочи и процесот на демократизацијата, негативно влијае на граѓанските права и слободи на сите, а особено на сексуалните работници.