МДМА

МДМА- 3,4-метилендиокси-Н-метиламфетамин е психостимулативна супстанца позната по своето еуфорично и ентактогено дејство. Синтетизирана е уште во 1912 година од страна на германскиот хемичар Антон Кулиш (Anton Köllisch) во лабораториите на германската фармацевтска компанија „Мерк' (Merck), а патентирана во 1914 година. До нејзино откривање доаѓа случајно, а нејзините психофармаколошки ефекти се актуелизираат од страна на психофармакологот Александер Шулгин (Alexander Shulgin) во седумдесетите години од минатиот век кога и започнува поголема рекреативна употреба на овој стимуланс. Како супстанца забранета е прво во Велика Британија во 1977 година, а потоа и во САД во 1984 година.
 
Најчеста форма во која се наоѓа МДМА е популарната таблета екстази, но и во чиста кристализирана форма. Делува еуфорично подига расположение, комуникативност, создава чувство на среќа, љубов, емпатија и зголемува либидо. Можни негативни дејства се збунетост, немир, параноја, панични напади, гадење, повраќање, дехидратација, покачена телесна температура. Кај хронична употреба на МДМА можна е појава на психолошка зависност и симптоми на навикнување како несоница, депресија, анксиозност. Постои и потенцијална опасност од предозирање и смрт при многу високи дози највеќе како резултат на дехидратација и кардиоваскуларни испади.

МДМА е контролирана супстанца во повеќето земји во светот. Во денешно време повтoрно се актуелизираат потенцијалните терапевтски бенефити од користењето на МДМА. Клинички испитувања кај пациенти со Пост Трауматско Стресно Растројство (ПТСД) се во трета фаза и се споведува од страна на МАПС – Мултидисциплинарна асоцијација за психоделични студии од Санта Круз, Калифорнија.  Проектот на МАПС е одобрен од Американската ФДА и се очекува да се потврдат потенцијалните бенефитите за медицинска употреба, а со тоа до 2021 година да стане лек кој ќе се препишува на рецепта.
 
СОВЕТИ:

 

  • Различни видови таблети се со различна јачина, а некои содржат екстремно високи дози, над 175 милиграми МДМА !!
  • Ако решиш да користиш ЕКСТАЗИ скрши ја на неколку дела и секогаш почни со помалку особено доколку не си доволно искусен или ја користиш за првпат.
  • Не секогаш таблетите содржат исклучиво МДМА, тие можат да содржат и други супстанции или воопшто да не содржат МДМА !!!
  • Внесувај доволно течности, но не премногу.
  • Доколку си во затворен простор или на топло место, разладувај се и периодично направи одмор од играње доколку си на забава.
  • Несаканите ефекти се поизразени при повисоки дози !!!
  • Внимавај на количината и колку често ја користиш !!
  • Мешање или користење и други супстанции не се препорачува, а особено со други стимуланси (амфетамин и/или кокаин, катинони) или депресанти како  алкохол поради потенцирање на несаканите ефекти.