Краток преглед на формите на самоорганизирање на корисниците на дроги

Овој технички преглед говори за бројните видови групи и мрежи формирани од луѓето кои употребуваат дроги, а кои се залагаат за промоција на нашето здравје и за заштита на нашите права. Краткиот преглед ќе помогне да се истакнат заедничките теми и да се создаде рамка за дискусија и за развој на организациите на корисниците на дроги. Повеќето групи корисници на дроги имаат многукратни функции и истовремено созреваат и се развиваат со што го зголемуваат, го развиваат и го збогатуваат кругот на дејствување.

Грасрут форма на организирање на корисниците на дроги

Во јануари 1981 година беше формирана Џанкибонд (Junkiebond), активистичка група за застапување составена од корисници на дроги во Ротердам, Холандија. Џанкибонд започна со тајна програма за размена на стерилна опрема за инјектирање уште во 1981 година за заштита од хепатит Б на луѓето кои инјектираат дроги. Со нивниот активистички пристап во кампањите за ефективни стратегии за корисници на дроги се бореа против дискриминација и се залагаа за заштита на човековите права.

Џанкибонд престана со работа при крајот на 80-тите, но нивното влијание сѐ уште значително се забележува кај групи како Почит (Respect) во Обединетото Кралство и Хемиска реакција (Chemical Reaction) во Единбург, Шкотска, кои исто така го прифатија ваквиот грасрут пристап. Овие групи главно работат преку врснички мрежи и често се интегрирани и се ангажирани со мрежите за набавка (трговија) со дроги при што нудат широк опсег на активности за заемна помош. Овде се подразбира застапување пред службите кои нудат третман за дроги, врсничко образование, секундарни програми или програми за размена на стерилен прибор од страна на заедницата, правно застапување и застапување за заштита од неетичките „дилери“.

Самите грасрут групи се прилично реактивни по природа и се справуваат со постојани проблеми на сцената со нелегални дроги. На пример, Хемиска реакција беше активно ангажирана во истрагата и во развојот на соодветна реакција на првата епидемија на антракс од контаминиран хероин, додека Почит помогна во истрагата и во развојот на реакцијата во заедницата за сериозните здравствени проблеми поврзани со кетаминот.

Ваквите примери посочуваат на реактивната, прагматична и крајно корисна природа на грасрут моделот на организирање на корисниците на дроги. Членовите на активната сцена на дроги се ангажирани, се организирани и се мобилизирани преку активните мрежи на корисници на дроги. Треба да се забележи дека лидерите на ваквите групи често се поинтензивно вклучени во активизмот во заедницата со што се стекнуваат со неопходни вештини и со самодоверба неопходна за подобрување на пристапот до мрежи за употреба на дроги и познавањето на дрогите и намалување на штетите. Со тоа ваквите групи стекнуваат силна независност за да се позиционираат во активните мрежи за употреба на дроги, додека притоа ги имаат на располагање неопходните средства од заедницата што им овозможува да одговорат соодветно на секоја задача. Овој тип групи не добиваат официјални финансиски средства и немаат вработени на платен список.

Застапување за третмани

Комитетот на засегнати пациенти на метадонска терапија и нивните пријатели (КЗПМТ) е организација на корисници на дроги основана од страна на пациенти на терапија на одржување со метадон (MMT) во Њујорк во 1973 година. Основната цел на организацијата беше да се спротивстави на погрешната претстава за терапијата на одржување со метадон и да се надминат предрасудите насочени кон „метадонските пациенти“. Комитетот се бореше за поширока достапност на третманот, за еманципирање на „метадонските пациенти“ и за елиминација на дискриминацијата против „метадонските пациенти“ во здравството, во образованието, на пазарот на труд, во живеалиштата и во осигурувањето.

Организацијата која го наследи Комитетот на засегнати метадонски пациенти и нивните пријатели беше Националниот сојуз на луѓе кои се застапуваат за метадон (НАМА), формиран во 1988 година. Денес групата го носи името НАМА Закрепнување (Национално друштво за медицинска заштита при лекување), кое ја отсликува променливата идеологија во изминативе години и влијанието на движењето за лекување на зависности во САД. Групите корисници на дроги кои се борат или се застапуваат за опоидна супституциска терапија (OСT) исто така се залагаат за клиентите кои го бараат своето право на самоопределување, на избор и на почит од страна на докторите во заедницата или специјализираните служби за OСT. Овие активности се одвиваат во рамките на организации специјализирани за застапување за третмани како што е Сојузот за метадон активен во Обединетото Кралство од 1999 до 2013 година или во рамките на групи корисници на дроги кои имаат поширок делокруг како што е данската група корисници на дроги Бругерфоренинген (BrugerForeningen). Формирањето на мрежи за застапување со учество на прогресивни доктори подготвени да пропишуваат рецепти исто така претставува стратешки и чест организациски модел во овој вид застапување. Ценетата награда на Бругерфоренинген за пријател на заедницата на корисници на дроги, која се доделува годишно, е доказ за моделот на застапување за третмани изграден преку соработка и учество, додека Сојузот за метадон со остриот начин на застапување ги промени тераписките практики и се избори за квалитет.

Во повеќето средини ОСТ сѐ уште се одвива во крајно медикализирани и рестриктивни услови со што во голема мера се ограничува способноста на клиентите што примаат ваков вид терапија да работат или да функционираат. Ова е особено често во Источна Европа и во Централна Азија со оглед на крајно медикализираниот систем во Советскиот Сојуз. Мрежата за опоидна супституциска терапија е особено силно развиена во Украина и ваквите асоцијации и организации кои се фокусираат на клиентите на оваа терапија сѐ уште претставуваат најпроминентен модел на организирање во Евроазискиот Регион.

Според Извештајот на Канцеларијата на ОН за дроги и криминал (ОНКДК) околу 10 % од луѓето кои употребуваат дроги се соочуваат со проблеми при употребата на дроги. Оваа заедница има право на пристап до третман кој нема да биде суров и понижувачки. Во услови каде што постои висок степен на дискриминација и криминализација сосема е разбирливо што луѓето со задоволство избираат идентитет на пациент наместо на криминалец. Сепак постои загриженост дека корисниците на дроги се „патологизираат“ – кај одредени лица идентитетот на пациентот се поврзува со несакани конотации на болести и на зарази. На тој начин се отвораат дискусии за идентитетот, за тактиките и за терминологијата која се користи.

Мобилизација од аспект на јавното здравје

       Појавата на ХИВ вирусот и на хепатитот меѓу луѓето кои користат дроги придонесува за поголемо организирање на корисниците на дроги, особено меѓу луѓето кои инјектираат дроги. Добар пример за организација чии зачетоци се наоѓаат во моделот на јавно здравје е Австралиската лига на интравенски корисници и корисници на незаконски дроги (AIVL), создадена при крајот на 80-тите години, а која во 1992 година премина во формално регистрирана организација. Во рамките на активностите, АИВЛ е насочена кон целокупниот опсег на здравствени, на правни и на социјални прашања што ги засегаат луѓето кои користат нелегални дроги. АИВЛ, заедно со регионалните организации, ги водат програмите за размена на стерилен прибор за инјектирање, водат кампањи за социјален маркетинг, издаваат списанија за корисниците на дроги и изработуваат програми за заедницата во знак на поддршка на крајните цели на јавното здравје. Во рамките на своите активности, организацијата има значајна улога во одржувањето на екстремно ниско ниво на ХИВ меѓу луѓето кои инјектираат дроги во Австралија и се борат за потребите на засегнатите од вирусен хепатит.

Групи корисници на дроги организирани според моделот на јавно здравје беа оформени и во Европа и во Северна Америка, во рамките на активностите преземени за спречување на ХИВ вирусот и неговото влијание врз луѓето кои инјектираат дроги. Голем број активисти во САД беа мобилизирани преку неформалните движења за размена на стерилен прибор за инјектирање поради ризикот од јавно признавање на статусот на лице кое користи дроги. Во последниве години, со промените во законите во САД, се забележува посебен пораст во јавните форми на организирање на корисниците на дроги, особено оние ангажирани во програмите за размена на стерилен прибор, во превенција на прекумерни дози и во застапување – како што се Унијата на корисници на Сан Франциско, Унијата на корисници на Нова Англија и Лис риг хаб (Lee’s Rig Hub).

Слични модели се присутни и во Азија и во Источна Европа каде што ХИВ епидемијата сѐ уште пустоши меѓу луѓето кои користат дроги. Групите луѓе кои инјектираат дроги и корисниците на опијати исто така се организираат според моделот на јавно здравје за да се одговори на предизвикот од другите вируси кои се пренесуваат преку крв како хепатитот Ц и се преземаат активности за превенција и за справување со прекумерните дози.

Овој јавноздравствен пристап се применува и во активностите со разни групи корисници на стимуланси. Всушност, голем дел од иновациите во поглед на проверката на дрогите, дистрибуцијата на лулиња за крек и „ајс“ и побезбедни стратегии за употреба на дроги потекнуваат од самата заедница на луѓето кои користат стимуланси при што добар пример за ова се групите како што се Крек бригада (Crack Squad) во Обединетото Кралство, Ледените кралици (the Ice Queens) во Австралија и бројни организации за безбедна забава кои потекнуваат од заедницата во светот.

Од големо значење за мобилизацијата од аспект на јавното здравје е теренската работа меѓу корисниците на дроги и заедницата. Групите корисници на дроги како што е Нов вектор во Грузија покажаа дека имаат капацитети да допрат до најугнетуваните средини каде што корисниците на дроги се особено внимателни при пристапувањето на формалните сервиси поради високото ниво на криминализација. Статусот на докажан член на заедницата обезбедува пристап до услуги и до знаење за луѓето кои не би биле контактирани во поинаков случај.

Активизам за човекови права

Докажано е дека правата и здравјето на луѓето кои користат дроги се неразделиво поврзани. Во заедничката програма на ОН за ХИВ/СИДА, заштитата на правата и борбата против стигмата и дискриминацијата имаат централна улога за да се стави крај на глобалната ХИВ епидемија. Моделот заснован на човекови права може да функционира на неколку различни нивоа:

  • Запознавање на корисниците на дроги со нивните законски права во случаи кога се запирани, се претресувани и се апсени.
  • Овозможување правен совет и застапување во рамките на мрежите во заедницата со пристап до бесплатен правен совет.
  • Покренување судски случаи со кои ќе се постави преседан во судската пракса за прекршоци на права од страна на владите и на граѓанските организации. Активистите поврзани со Евроазиската мрежа на луѓе кои користат дроги ја оспорија забраната за пристап до опоидна супституциска терапија од страна на Русија преку жалба до Европскиот суд за човекови права тврдејќи дека им е ускратено правото на здравје.
  • Пристапот заснован на права исто така им нуди можност на корисниците на дроги да побараат меѓународна солидарност. Потребата од ваквиот пристап беше нагласена во 2003 година кога Владата на Тајланд поведе војна против дрогите која резултираше со смрт на 2 800 луѓе во противзаконски погубувања. Мрежата на корисници на дроги на Тајланд направи особено храбар чекор со мобилизацијата на други водечки национални групи корисници на дроги во организирање настани во знак на солидарност пред амбасадите во Тајланд.   
  • Расте бројот на национални групи корисници на дроги и активисти кои се обучени да ги документираат и да ги пријавуваат прекршоците на човекови права на луѓето кои користат дроги. Ваквите активности сѐ уште се надградуваат, но се од големо значење бидејќи ова ги принудува владите да одговараат пред меѓународната јавност за прекршоци на човековите права извршени против луѓето кои користат дроги.
  • Неодамна Националната мрежа за корисници на дроги на Индонезија (ПКНИ) одигра клучна улога и се спротивстави на иницијативата на претседателот на Индонезија за зголемување на стапката на погубувања на луѓето фатени како пренесуваат дроги. ПКНИ зазема јавен став во рамките на националниот дијалог за смртната казна во случаи со дрога и ги предизвика ОН на национално и на глобално ниво да го одбранат правото на живот на луѓето кои користат дроги. Погубувањето на луѓе кои шверцуваат дроги во Индонезија и кампањата за нивните права продолжува.

Застапување на повисоко ниво

Во последниве пет години може да се забележи пробив на активистите кои се залагаат за правата на корисниците на дроги на глобалната и на регионалната сцена на политики. Еден пример за овој пристап беше формирањето на Меѓународната мрежа на луѓе кои користат дроги (INPUD) која се застапува за интересите на луѓето кои користат дроги на светско ниво, а вториот пример е Азиската мрежа на луѓе кои користат дроги (ANPUD) оформена како регионална група за застапување на луѓето кои користат дроги во Азија. Меѓународната мрежа беше формирана во 2006 година на Конференцијата за намалување на штети во Ванкувер кога активистите ја напишаа и ја поддржаа Декларацијата на Ванкувер, која пак беше преточена во актот за основање на Мрежата. Денес се формираат регионални мрежи низ светот, а жените од ИНПУД исто така се организираа во сопствена подмрежа – Меѓународна мрежа на жени кои користат дроги (INWUD). Новите мрежи сѐ уште се наоѓаат во фаза на развој и изнаоѓање финансиски средства. Во Источна Африка корисниците на дроги во Мрежите на луѓе кои користат дроги во Кенија и во Танзанија лобираат за опоидна супституциска терапија и за намалување на штетите заедно со пратениците од овие земји.

Овие примери илустрираат дека застапниците за правата на корисниците на дроги се вклучени во националната, во регионалната и во глобалната сцена и ги застапуваат интересите на луѓето кои користат дроги и сведочат за лошите политики и практики за дроги. Како што вели и самиот акт на основање на ИНПУД: „Ништо за нас, без нас!“.

Организации на жените

Постои долга и силна традиција на корисничките на дроги за заедничко организирање, со зачетоци во иницијативите за поддршка на мајки-кориснички на дроги предводени од АКТИВ во Канбера во партнерство со здравствени организации за грижа за мајката и за детето. Слична мотивација го инспирираше формирањето на Проектот на бубамарите (Ladybirds Project) во Лондон, кој ги обедини мајките-
-кориснички на дроги да создаваат уметнички дела со цел да ги промовираат интересите и правата на мајките кои користат дроги. Истото се рефлектира и во работата на ‪АЦЕСО – Меѓународната организација за жени во Грузија која се грижи за жените кои користат дроги и кои често служат екстремно долги затворски казни при што заедно изработуваат уметнички дела и креации што, од една страна, им помага во нивното осамостојување, а од друга страна помага во собирањето на средства за групата корисници на дроги. Проектот Астерија во Киргистан е уште една мрежа во Евроазија со посебен фокус на потребите на жените кои користат дроги, а кои се соочуваат со повисок степен на насилство од мажите-корисници, особено од државните чинители како што е Полицијата.

Локалното ниво на организирање се отсликува и на глобално ниво од страна на жените во ИНВУД (INWUD), кое придонесува овие жени да се зближат и да се фокусираат поконкретно на потребите и на агендите за застапување на корисничките на дроги.

Активизам за реформи на законите со кои се регулираат дрогите

Бројни групи корисници на дроги се фокусираат на реформи во законите за регулација на дрогите, поттикнати од глобалната криминализација на луѓето кои користат дроги, втемелена во генерализираното толкување на конвенциите за дроги на Обединетите нации. Правната средина со која се соочуваат луѓето кои користат дроги придонесува за ширење на ХИВ епидемијата и ги подрива активностите за ХИВ тестирање или за третман. Додека земјите во светот почнуваат да експериментираат и имаат позитивни резултати со пофлексибилното толкување на глобалните конвенции за контрола на дрогите, се развива и поголем дијалог за реформи во законите за дроги и улогата која активистите ја имаат во овој критичен домен.

Групите корисници на дроги имаат клучно влијание врз политиките за дроги, како што покажа работата на организацијата Самоподдршка на корисници на дроги (ASUD) во Франција, која успешно ја стимулираше националната дебата за просториите за безбедно користење дроги со најавата за отворање на вакви капацитети без дозвола на Владата. Како резултат на публицитетот, медиумите присуствуваа на „отворањето“ на просториите, со што организацијата успеа да ги истакне позитивните страни на просториите за безбедна употреба и правните бариери, отстранети со текот на времето. На глобално ниво, ИНПУД ја основа Мировната иницијатива на корисници на дроги која организираше протест пред Комисијата за наркотични дроги на Обединетите нации во 2010 година и е ангажирана во застапување во рамките на Обединетите нации за теми поврзани со политики за дроги. Со ширењето на дискурсот во самите Обединети нации за очигледните контрадикции меѓу конвенциите за контрола на дрогите на ОН и нивната примарна обврска за заштита на човековите права, од суштинско значење за застапниците за корисниците на дроги е да оперираат во процесите на граѓанските организации на ОН.

Заклучок

Луѓето кои користат дроги сѐ почесто се организираат и се мобилизираат меѓусебно. Во одредени места овој процес се одвива со поддршка и со посредство на професионални партнери, додека во други средини самите корисници на дроги придонесуваат за ширење, за техничка поддршка и за споделување на значајноста на организирањето на корисниците на дроги.

Прегледов можеби не е целосен, но претставува обид да се прикажат обемот и  можностите на овие активности и, уште поважно, ги истакнува клучните теми во знак на поддршка на луѓето кои се борат за промоција и за развој на организирањето на корисниците на дроги. Коакт планира да го лансира краткиот преглед како расположлив ресурс на нашата веб-страница при што ги покануваме корисниците на дроги да го споделат со нас нивното минато за да го дополниме и да го надградиме овој технички ресурс за организирањето на корисниците на дроги. Во следното издание следува опис на новиот модел на Коакт за основање група корисници на дроги.

Мет Соутвел и Лана Дурјава, Коакт (Coact)

Мет Соутвел работи во областа на дроги и ХИВ веќе 25 години како експерт, менаџер и активист во Англија и низ светот. Дел е од програмите за намалување на штети на самите почетоци во Обединетото Кралство, а во 1991 година го основа пионерскиот Тим за здрави опции (Healthy Options Team - HOT), агенција за намалување на штети која вработува лица од заедницата и применува стратегии за мобилизирање на заедницата на луѓето кои употребуваат дроги.

Лана е технички писател во Коакт. Таа е магистер по филозофија и работи како психолог. Истражува во областите на психотрауматологијата, студиите за зависности и Теоријата на приврзаност. Нејзиното работно искуство е во истражување и во новинарството.

Мет и Лана работат за Коакт, тим на експерти за техничка поддршка на луѓе кои користат дроги и стручњаци за дроги. Двојната заднина придонесува Коакт да гради мостови и да овозможува споделување на знаењето меѓу заедницата на корисници на дроги и главните стручни чинители ангажирани во активностите за справување со дроги.