Конопот за медицинска употреба во Македонија - здравје или бизнис?

Со измените на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции од февруари 2016 година, Македонија стана 14-та земја во Европа и 3-та во регионот што го легализира конопот за медицинска употреба. Но, долгоочекуваниот Закон не ја исполни целта за која е наменет бидејќи легално достапните форми на коноп не ги отсликуваат потребите за лекување различни болести, продажните цени се премногу високи, лекарите-специјалисти само спорадично и со скептицизам препишуваат препарати од коноп, а пациентите продолжуваат да ги набавуваат лековите од црниот пазар.

Овој документ утврдува пропустите во актуелното законско решение што резултираат со негова несоодветна примена. Освен тоа, документот ги сумира искуствата и ставовите на клучните засегнати страни и прави преглед на моделите за регулација на медицински коноп во Израел, Канада и во Шпанија, врз чија основа предлага алтернативни решенија за унапредување на пристапот до овие лекови за пациентите во Македонија. Во таа насока, неопходно е изготвување ново законско решение што ќе овозможи легален пристап до лекови од коноп во различни форми и со концентрации соодветни за третман на многу повеќе здравствени состојби од сега дозволените, но и со цени што ќе бидат во рамките на финансиските можности на граѓаните. Ова подразбира и укинување на строгите услови за одгледување коноп, додавање дел од лековите на позитивната листа, како и креирање простор за пациентите, или од нив назначени лица, да можат сами да ги подготвуваат препаратите од коноп за сопствена употреба.

Резимето од овој документ за јавни политики е достапно на МАКЕДОНСКИ и на АЛБАНСКИ јазик, додека целосната анализа може да ја прочитате ТУКА.