Кофеин

Кофеин (1,3,7-триметилпурин-2,6-дион) е стимуланс на Централниот нервен систем (ЦНС) од ксантинска класа алкалоиди. Кофеинот е легална, најраспространета, и најчесто употребувана психоактивна супстанција во светот. Кофеин природно се наоѓа во кафето, чајот, гуараната и во помала мерка во какаото и чоколадото. Кофеин содржат и газираните пијалоци (Кола и слични) и  енергетските пијалоци. Се наоѓа и во форма на прав како дел од некои лекарства, а присутен е и како додаток или средство за сечење на други супстанци како амфетамин и екстази.
Кофеинот има долга историја на користење кај луѓето. Првичните податоци датираат од пред 3000 г.п.н.е. во Кина во форма на чај. Користење на кафето  датира од 15-век првично во Арабија, од каде потоа се шири во Египет, а од таму во Италија на Европскиот континент и пошироко.

Кофеинот е изолиран во 1819 година од Германскиот хемичар Фридлиб Фердинанд Ранџ (Friedlieb Ferdinand Runge), а во 1821 година од страна на француски и шведски научници независно, додека во 1895 година е синтетизиран по хемиски пат.

Примарниот извор на кофеинот во светот доаѓа од зрното кафе, кое со варење се подготвува во форма на пијалок. Во просек една шоља кафе содржи помеѓу 60 и 140 милиграми кофеин. Друг поголем извор на кофеинот е чајот (црн, зелен), и во просек содржината на кофеинот во чајот изнесува помеѓу 10 и 80 милиграми на една шоља.


Во газираните пијалоци како „Кола” содржината на кофеинот варира од 0 до 60 милиграми кофеин во едно полнење од 330 мл, додека во енергетските пијалоци содржината на кофеинот е во просек 80 милиграми на еден пијалок. И чоколадото содржи кофеин, така што во млечното чоколадо од 100 грама има околу 20 милиграми кофеин, додека во темното чоколадо околу 40 милиграми.

Во однос на дејството во нормални дози кофеинот делува стимулативно,  намалува замор и поспаност, влијае позитивно на учењето и меморијата, го подобрува времето на реакција, будност, концентрација и моторната координација. Количина на кофеинот потребни за овие ефекти варира од личност до личност, во зависност од телесната маса и толеранција. 

При користење во повисоки дози (од 250 до 800 милиграми кофеин внесени наеднаш или во кратот временски период) можат да се појават симптоми на интоксикација или предозирање кои се споредуваат со симптомите на предозирање со други стимуланси (амфетамин, кокаин) а вклучуваат: немир, вознемиреност, нервоза, несоница, гадење, повраќање, црвенило на лицето, зголемено мокрење, нарушување на мисловниот процес и говорот, раздразливост, неправилна или забрзана работа на срцето и психомоторна агитација. Во потежок случај на предозирање можат да се јават симптоми како: манија, депресија, дезориентација, психоза и оштетување на мускулни ткива. Во екстремни случаи на предозираност од кофеин можен е и смртен исход. Смртоносна доза кај луѓето се движи помеѓу 3 до 20 грама кофеин, односно 150 до 200 милиграми кофеин на килограм телесна тежина, или 80 до 100 кафиња дневно за човек кој тежи 70 килограми.

Кај честа употреба на кофеин во високи дози и при нагол прекин можат да се јават симптоми на навикнување и психичка зависност кои траат од 3 до 12 дена, а се манифестира со главоболка, замор, раздразливост, депресивно расположение, пад на концентрација, поспаност, несоница, срцебиење, болки во стомакот и зглобовите. Главоболка како симптом на навикнување се јавува кај половина од корисниците по два дена прекин, а кои во претходниот период конзумирале по 235 милиграми кофеин дневно.

СОВЕТИ:

  • Доколку конзумираш кафе, црн чај, кола или енергетски пијалоци сведи ги количините на минимум.
  • Не се препорачува употреба на кофеин повеќе од 1000 мг (1 грам) или повеќе од 7 до 10 кафиња дневно.
  • Не се препорачува конзумирање на кафе, црн чај, кола и енергетски пијалоци во исто време. 
  • Кофеинот пречи во апсорбцијата на минералите, како на пример калциумот и железото, па не се препорачува прекумерна употреба на производи кои содржат кофеин.
  • Во однос на користењето кофеин за време на бременост, повеќето препораки се однесуваат на неупотребување или ограничена употреба  на кофеин на помалку од две кафиња дневно, или не повеќе од 200 милиграми.
 
Изјава за одрекување од одговорност !!
Инфографиките се од едукативна природа, базирани на докази и немаат за цел потикнување на употреба на психоактивни супстанции (ПАС). Користењето на ПАС секогаш со себе носи ризици, затоа најдобро е да не се користат, но доколку се решиш да ги користиш добро информирај се за нивното дејство и како безбедно да ги употребуваш. Најдобар начин да се заштитиш од можните ризици и штетни последици при употреба на психоактивни супстанции, а воедно да ги потенцираш бенефитите е информирањето за дејствата, дозирањето, траењето, начинот на безбедно користење како и мешањето и интеракција со други ПАС и лекови.