Канадскиот Сенат го легализираше канабисот

Канадскиот Сенат ја одобри легализацијата на канабисот за рекреативни цели. Всушност Канада е прва меѓу членките на Г-7 која го  легализира канабисот за рекреативна употреба.

Поседувањето канабис во Канада е криминал од 1923 година, но неговата употреба за медицински цели е одобрена од 2001 година.
 

Предлог-законот треба да добие кралско одобрение – указ, потпишан од генералниот гувернер кој ја претставува кралицата Елизабета Втора, по што Владата ќе треба да избере официјален датум за влегување во сила на законот. Се очекува локалните власти да добијат осум до дванаесет недели за да утврдат каде ќе се продава канабисот.


Многу е веројатно дека до средината на септември, канаѓаните да можат да купат масло од канабис и производи од канабис, одгледувани од лиценцирани производители на различни локации за малопродажба. Канаѓаните низ целата земја, исто така, ќе можат да нарачаат канабис онлајн од федерално лиценцирани производители и да одгледуваат до четири растенија дома.

Минималната возраст за купување и употреба на канабис на федерално ниво е 18 години, а провинциите имаат право да воведат праг од 19 години. Полнолетните ќе имаат право јавно да купат до 30 грама сушен канабис.

Што ќе остане нелегално?

Би било незаконски да поседуваат повеќе од 30 грама канабис, да се одгледуваат повеќе од четири стебла канабис и да се купува од дилери. Казните ќе бидат тешки. Некој кој е фатен за продажба на канабис на малолетник може да биде затворен дури 14 години. Некои критичари велат дека казните се премногу сурови и не се пропорционални со сличните закони, како оние околу продажбата на алкохол на малолетници.