КАНАБИС, 1000 ЗОШТО – 1001 ЗАТОА – РАЗБИВАЊЕ НА МИТОТ: РЕКРЕАТИВЕН ИЛИ МЕДИЦИНСКИ КАНАБИС?

Со цел на продолжување на континуираната едукација на полето на канабисот и споделување на точни информации за неговите својства и употреба, Граѓанското здружение “Зелена Алтернатива” го најавува седмиот по ред настан во своја организација, КАНАБИС, 1000 ЗОШТО – 1001 ЗАТОА – Разбивање на митот: рекреативен или медицински канабис?.

Настанот ќе биде изведен во два дела, првиот, семинар со предавања на професори, доктори и научници, признаени во светот за нивната посветеност, достигнувања и работа во областа на канабисот.

Свои предавања ќе имаат Д-р Пол Хорнби, доктор и научник од Канада, со повеќе од триесет годишно искуство во третирање на пациенти со канабис и екстракти од канабис и познат како човекот кој прв стандардизирал канабис екстракт со кој се таргетират специфични болести. Свое предавање ќе има научникот заслужен за откривањето на ендоканабиноидниот систем, Д-р Лумир Ондреј Хануш, кој по потекло е од Чешка, но својата работа ја врши во Израел и е носител на најважните откритија од полето на канабисот и ендоканабиноидниот систем.  Предавање ќе одржи и Д-р Роберт Меламед, доктор по молекуларна биологија чии истражувања се во полето на канабиноидите, канцерот и обновувањето на ДНК, кој освен искуство во своите истражувања, има и долгогодишно искуство во третирање на пациенти со канабис. Како четврт-ти предавач на овој настан, ќе настапи и Д-р Јонас Вандерсван, доктор од Канада кој подолго време препишува канабис и екстракти од канабис за огромен број на болести каде истите имаат примена и член на повеќе друштва и асоцијации за употребата на канабисот како медицинско средство.

Вториот дел од овој настан ќе претставува јавна дебата, која првично требала да се одржи во Јуни минатата година, но за жал, поради отсуството на македонските лекари, дебатата не била целосна и е сведена на дебатирање само помеѓу пациентите и странските доктори и научници.  Овој пат, после помината дополнителна година, со повеќе легални препарати од канабис на пазарот и се повеќе корисници, Зелена Алтернатива се надева дека ќе има и поголем број на македонски медицински лица кои ќе сакаат да ги споделат своите дилеми, позитивни и/или негативни искуства во препишувањето на канабис. Целта на дебатата е да се приближат ставовите помеѓу пациентите и докторите, да се чујат нивните барања, нивните дилеми, стравови и прашања во врска со користењето и третирањето на пациенти со канабис.

Овој настан ќе се одвива на 19 Мај, Сабота во Јавна Соба (Public Roo)  со почеток во 12 часот. За настанот ќе биде потребна регистрација и истата можете да ја извршите со најава преку email: contact@publicroom.org со испраќање на: Име, Презиме – регистрација за КАНАБИС, 1000 ЗОШТО – 1001 ЗАТОА – Разбивање на митот: рекреативен или медицински канабис?

Додека за вечерното училиште кое ќе се одвива на 13 мај можете да прочитате повеќе ОВДЕ

За повеќе информации можете да се обратите и на zelenaalternativamk@gmail.com. Следете ја нашата интерет страница zelenaalternativa.mk за дополнителни соопштенија во врска со настанот.