Канабис

Канабис (марихуана, коноп, трева) е растение кое содржи фитоканабиноиди, од кои се користат исушени цветови и/или листови за рекреативни цели или за подготовка на лекови за медицинска употреба. Има долга историја на медицинска, религиозна, рекреативна и индустриска употреба. Првите податоци за индустриска употреба (облека) на конопот датираат од пред 7000 години п.н.е., додека за медицинска употреба од пред 3000 години п.н.е. во Кина, а понатаму во Индија, Античка Грција и другите делови на светот.

Од почетокот на 20 век, канабисот е предмет на законски ограничувања за поседување, користење и продажба на препарати кои содржат психоактивни канабиноиди. Во моментов канабисот е илегален во повеќето земји на светот, но постои тренд на легализација или декриминализација на медицинската и рекреативната употреба. Според податоците на Обединетите нации од 2014 година канабисот е најкористена илегална ПАС во светот, а 4% на возрасно население на светско ниво користи канабис рекреативно на годишно ниво.

Фармаколошки, главната психоактивна состојка во канабисот е делта-9-тетрахидро- канабинол (ТХЦ), една од 750 соединенија во растението, вклучувајќи најмалку 104 канабиноиди како што се канабидиол (ЦБД), канабинол (ЦБН), тетрахидроканабиварин (ТХЦВ) и канабигерол (ЦБГ), кои имаат слабо психотропно дејство во споредба со ТХЦ, но играат важна улога во целокупното дејство на канабисот. Канабиноиди се класа на хемиски супстанци кои делуваат врз ендоканабиноидниот систем поточно врз ендоканабиноидните рецептори во човековото тело. Канабиноидите може да се поделат на ендоканабиноиди кои природно се продуцираат во телото на луѓето како анандамид и 2-АГ (2-арахидоноил глицерол), фитоканабиноиди кои постојат во канабисот и синтетските канабиноиди добиени по хемиски пат, структурно слични на ТХЦ, кои го имитираат дејството на природните канабиноиди.

Пред 1980 година се шпекулираше дека канабиноидите продуцираат физиолошки и бихевиорални ефекти преку неспецифични интеракции во телото и мозокот наместо директна интеракција со специфични рецептори. Откривањето на ендоканабиноидните рецептори во 80-ите години од минатиот век ја разоткрија мистеријата. Овие рецептори се присутни кај луѓето и животните. Денес се познати два типа на канабиноидни рецептори означени како ЦБ1 и ЦБ2. Сепак улогата и интеракцијата сè уште не е комплетно истражена.  
 
ЦБ1 – Канабиноиден рецептор тип 1. Пронајдени се примарно во мозокот, или поспецифично во базалните ганглии, лимбичкиот систем и хипокампусот. Ги има и во  малиот мозок и машките и женските репродуктивни органи. Се смета дека ЦБ1 рецепторите се одговорни за  еуфоричните и антиконвулзивните ефекти на канабисот. ЦБ2 - Канабиноиден рецептор тип 2. Овие рецептори се пронајдени предоминантно во имуниот систем и имуните клетки со најголема концентрација во слезината. ЦБ2 рецептори се застапени и во периферниот нервен систем и микроглијата на малиот мозок кај луѓето. Се смета дека ЦБ2 рецепторите се одговорни за против-воспалителното дејство.

Ендоканабиноидниот систем е вклучен во регулирање на многу базични телесни функции како: апетит, метаболизам, болка, сон, расположение, движење, температура, помнење и учење, имуни функции, воспаление, неурален развој, неуропротекција, кардиоваскуларни функции, дигестија и репродукција. Покрај улогата во оддржување на базични телесни функции, се смета дека ендоканабиноидиниот систем влијае и на одговорот на болест. 

На пример, туморските клетки имаат повеќе канабиниодни рецептори отколку здравите клетки. Студии покажале повисоко ниво на ендоканабиноиди кај пациентите  со различни заболувања како паркинсонова болест, анксиозност, хронична болка и артритис. Како резултат на ова научниците сметаат дека функција на ендоканабиноидниот систем во човековото тело е регулација на хомеостазата. Хомеостаза се опишува како оддржување на стабилни внатрешни услови неопходни за преживување. Заболувањата во голема мерка се резултат на нарушена хомеостаза или неможност за оддржување на истата, така што улогата на ендоканабиноидниот систем и канабиноидите во оддржувањето на хомеостазата ја прави уникатна и ветува широка примена во медицината.

Постојат 3 главни сорти на канабис: рудералис, сатива и индика, а од нив психоактивни својства имаат сатива и индика. Растенијата од сортата индика обично се ниски и широки во растот, во споредба со растенијата од сортата сатива кои се високи и тенки. Денес во светот се одгледуваат сорти на канабис кои се чисто сатива, чисто индика или хибридни сорти кои се комбинација од двете сорти во различен сооднос (на пример, 30% индика - 70% сатива, 50% индика - 50% сатива, или 80% индика - 20% сатива). Цветовите на сортите сатива, индика и нивните хибриди имаат различен спектар на физички и психички ефекти, па така различните видови канабис се применуваат за лекување на различни медицински состојби и заболувања.

Канабисот има комбинирано стимулативно, психоделично и депресантско дејство. Психоактивните ефекти на канабисот имаат повеќефазна природа. Примарниот психоактивен ефект е состојба на релаксација и еуфорија предизвикана од дејството на ТХЦ. Секундарните психоактивни ефекти кои се јавуваат се поизразен степен на самоанализа (интроспекција), повисоко ниво на сознавање (метакогниција), длабоко размислување, но и можни се ефекти како вознемиреност и параноја. Терцијалните ефекти вклучуваат зголемување на срцевиот ритам и зголемен апетит, и се смета дека се предизвикани од 11-хидрокси-ТХЦ, психоактивен метаболит на ТХЦ. Дејството кое се јавува со користење на индика е интензивнa "телеснa возбуда", пропратена со блага поспаност и седативно дејство кое обезбедува чувство на длабока релаксација и благосостојба, во споредба со дејството на сатива кое се опишува како постимулативно, подигачко и поенергично. Канабисот предизвикува еуфорија (подига расположение), релаксација и промени во перцепцијата. Канабисот кај луѓето делува на тој начин што ги прави поопуштени, посреќни и задоволни.

Несакани дејства кои можат да се појават се забрзана или неправилна работа на срцето, конфузија, параноја и панични напади. Кај некои луѓе кои претходно не користеле канабис, дејството понекогаш тешко може да се предвиди, или во одредени случаи може да биде непријатно искуство пропратено со напади на паника, параноја и страв. Се случува  некои луѓе само еднаш да користат канабис, и да немаат повторна желба за користење, бидејќи им создава чувство на нелагодоност, вознемиреност и несигурност.

Канабисот може да се конзумира на многу различни начини. Обично се користат суви цветови и листови кои иситнети се конзумираат со пушење во рачно завиткани цигари (џоинт), чисти или помешани со тутун, но и со луле и бонг. Вапоризер (vaporizer) е специјален електронски апарат кој се користи за инхалирање на испарувањата кои се ослободуваат од канабисот и честа практика за применување на медицински канабис како лек, при што се смета дека на овој начин се избегнува вдишување на чад и други потенцијално штетни состојки кои се ослободуваат со пушење на класичен начин. Канабисот може да се користи и со ингестија (подготвен како храна или чај) и дејството е поинтензивно и подолготрајно отколку кога се пуши. При користење со ингестија треба да се внимава на количината која се конзумира бидејќи со надминување на оптималната доза можат да се потенцираат несаканите ефекти. Смола од канабис или хашиш содржи повисок процент на канабиноиди од сувите цветови и исто така се конзумира најчесто со пушење.

Од канабисот низ процес на екстракција се добива масло со високо-концентрирано ниво на ТХЦ, ЦБД и други канабиноиди и соединенија, кое може да се користи: со пушење, со голтање орално, локално премачкување на кожата или ректално (со супозитории). Маслото од канабис во денешно време во некои земји во светот и во Македонија се користи во медицински цели, со различен сооднос на ТХЦ и ЦДБ и други соединенија кои се покажале ефективни за лекување на различни медицински состојби. 

Канабисот има исклучително ниска токсичност во однос на дозата и научните студии потврдуваат дека канабисот не предизвика оштетување на мозокот, напротив во новите студии покажуваат дека делува неуропротективно. Постојат релативно малку физички несакани ефекти поврзани при акутна изложеност на канабис. Разни истражувања потврдуваат дека во разумни дози и при внимателно користење, канабисот не предизвикува негативни когнитивни, психички или физички токсични последици од било кој вид. Сепак не е препорачливо користење на канабис и слични супстанци кај млади лица и лица со постоечко ментално растројство.

Досега не постојат евидентирани податоци за фатални предозирања поврзани со употребата на канабисот. ТХЦ, главната психоактивна состојка во растението канабис, има исклучително ниска токсичност и количината која се внесува во телото со консумирање на канабис на вообичаен начин не претставува закана за здравјето и животот на оние што го користат. Во лабораториските тестови спроведувани врз анимални примероци, научниците имале потешкотија за администрирање на доза кој е доволно висока за да биде смртоносна. Смртоносната доза на ТХЦ потребна да угинат 50% од тестираните глодари изнесува  815,7 грама ТХЦ на килограм телесна тежина, што е екстремно висока и недостижна количина за конзумација со вообичаените начини на примена. Се проценува дека кај луѓето LD50 за канабис е 1:20.000 или 1:40.000. Теоретски за да дојде до смртен исход со пушење потребно е да се исконзумираат речиси 680 килограми канабис во рок од околу 15 минути. Интоксикација со канабис е ралативно ретка, но возможна и може да вклучува слабост, гадење, повраќање, конфузија и губиток на свест.

Канабисот има умерен потенцијал за создавање навика и зависност. Истражувањата покажуваат дека потенцијалот за создавање зависност на канабисот е помал од оној на кофеин, тутун, алкохол, кокаин или хероин, но повисок од оној за псилоцибин, мескалин, или ЛСД. Честото и секојдневно користење канабис може да создаде навика и знаци на психичка зависност кај некои корисници (не сите) може да се појават потешкотии во одвикнувањето. Канабисот не создава физичка зависност, но при секојдневна употреба може да се појават симптоми на потешкотии од одвикнување кои најчесто траат една недела или во најлош случај до 6 недели. Психичката зависноста од канабис е почеста кај хроничната секојдневна употреба во големи количини. При секојдневно користење на канабис во некои случаи можат да се појават психички симптоми при прекин од користење како иритабилност, несоница и понекогаш во случај на доживеан стрес постои зголемена можност за појава на панична реакција поради покачено ниво на метаболитите на ТХЦ во телото. Сепак по прекин од користење симтомите се генерално благи по форма и не се животозагрозувачки. Кај продолжена и повторувачка употреба на канабис се јавува потреба од консумирање на поголеми дози на канабис за да се постигнат посакуваните ефекти (висока толеранција). Потребни се 1 до 2 недели за толеранција да се намали на половина и 2 до 3 недели да се врати на базично ниво.

Во денешно време актуелни се истражувањата за медицинска примена на канабис и екстракти од канабис за лекување на голем број медицински состојби и заболувања како канцер, ревматски, невролошки и автоимуни заболувања, нарушување на сонот, пост-трауматско стресно растројство (ПТСД), нарушување на крвниот притисок, деменции, третман на болка, дијабет и многу други. Студиите за примена на канабисот во медицински цели покажале дека е поволно да се користи за намалување на гадење, повраќање, при губење на телесна тежина и при намален апетит асоцирани со канцер, ХИВ/СИДА, анорексија, како и кај луѓе изложени на радио и хемотерапија. Добро потврдени ефекти се покажани за третман на зголемен спастицитет на мускулите, мултиплекс склероза, епилепсија, хронова болест, неурогена болка, нарушување на движење, астма и глауком. Помалку потврдени ефекти се користење на канабис за трeтман на алергии, воспаление, инфекции, астма, депресија, биполарни растројства, анксизоност и зависности.
Во Македонија употребата на маслото од канабис за медицински цели е регулирана со измените на закон за психотропни супстанции од 2016 година, а во продажба се препарати со релативно ниска концентрација на ТХЦ и ЦБД кои се достапни на лекарска рецепта која ја препишуваат исклучиво лекари-специјалисти (онколози, невролози и инфектолози) од јавните здравствени установи, а препаратите се купуваат приватно во аптеките по високи цени. Досега не е направена евалуација на лекувањето со овие препарати. Повеќе информации за политиките поврзани со употребата на канабисот во Македонија и во светот може да се најдат во истражувањето што го спроведе ХОПС во 2016 година.

СОВЕТИ:    
-    Доколку решиш да користиш канабис, користи го на безбеден начин и во безбедна околина со некој што го познаваш особено доколку си почетник;
-    Доколку решиш да користиш канабис, обиди се да го користиш поретко и во помали количини;
-    Не се препорачува управување на моторно возило, тешка машинерија или работа под дејство на канабис;
-    Не е препорачливо истовремено користење на канабис и депресанти (алкохол, опиоиди, ГХБ) поради потенцирање на несаканите ефекти;
-    Потребна е дополнителна претпазливост кога канабис се користи со други класи ПАС (стимуланси, психоделици, дисоцијактиви) поради тоа што во голем број случаи канабисот го потенцира и продолжува дејството на другите ПАС;
-    Избегнувај користење на канабис пред битни или предизвикувачки настани за кои е потребна сочувана когнитивна функција како нпр. учење, испити и сл. 
-    Прави редовни паузи од неколку денови или недели (најдобро еден месец) помеѓу периоди на користење за да го намалиш концентрирањето на ТХЦ во телото и толеранцијата.
-    Најдобро е канабисот да не се користи заедно со тутун иако тоа е многу честа практика. Тутунот е високо адиктивен што може да влијае на корисниците да имаат потешкотија со прекинување на користење. Мешање на тутун со канабис и користење со пушење го зголемува ризикот за рак на бели дробови, и други респираторни болести. 
-    Се препорачува користење на канабис со вапоризер или со ингестија (канабис подготвен за јадење или за пиење како чај), но внимателно со количината бидејќи дејството на канабисот со ингестија е поинтензивно и трае подолго; 

Изјава за одрекување од одговорност !!
Инфографиките се од едукативна природа, базирани на докази и немаат за цел потикнување на употреба на психоактивни супстанции (ПАС). Користењето на ПАС секогаш со себе носи ризици, затоа најдобро е да не се користат, но доколку се решиш да ги користиш добро информирај се за нивното дејство и како безбедно да ги употребуваш. Најдобар начин да се заштитиш од можните ризици и штетни последици при употреба на психоактивни супстанции, а воедно да ги потенцираш бенефитите е информирањето за дејствата, дозирањето, траењето, начинот на безбедно користење како и мешањето и интеракција со други ПАС и лекови.