ИЗЛЕГУВАЊЕ ОД ПЛАКАРОТ? Оцена и процена на застапувањето за подобрување на квалитетот на програмите за лекување зависности од дроги во Скопје

Во овој документ се изнесени оцените од активностите за мониторинг и застапување од/во заедницата за подобрување на квалитетот на програмите за лекување зависности од дроги во Скопје  кои се финансираат од државниот буџет. Оценувањето се однесува на периодот од почетокот на спроведувањето на мониторингот и застапувањето во декември 2011 година заклучно со јуни 2014 година. Активната вклученост на лицето кое ја спроведуваше евалуацијата во активностите за мониторинг и застапување претставува огромна предност, овозможува оценувањето да се прави низ призмата на поширокиот општествено-политички контекст со што се олеснува разбирањето на слабостите и се потенцира успешноста.

Имајќи го предвид постоечкиот општествено-политички контекст, активностите за застапување можат да се оценат како успешни. Според плановите беше формиран тим за застапување од кој се издвоија неколкумина помотивирани поединци подготвени да продолжат со застапување на правата и на интересите на луѓето кои се лекуваат во програмите за зависности во Скопје. Иако со променлива динамика и со чести падови на мотивацијата, овој тим спроведе повеќе активности за застапување насочени истовремено и кон подобрување на квалитетот на програмите за лекување зависности од дроги и кон анимирање на заедницата за поактивно самозастапување.

Иако во Македонија не постои поддржувачка околина за развој на „грас рут“ (grass root) активизам меѓу луѓето кои се лекуваат од зависности од дроги, мониторингот и застапувањето создадоа плодна основа за развој на граѓанската свест во оваа заедница и за поттикнување на активистичкиот дух. Почетната основа може и треба да се искористи за понатамошен развој на активистичкиот дух и за создавање критична маса која ќе може да предизвика поголеми промени за подобрување на квалитетот на програмите за лекување зависности од дроги.