ИТНО: Повик за поддршка на реакцијата на ХОПС по повод владиниот предлог за регулација на медицинската употреба на канабис

 

На крајот на минатата година Министерството за здравство бомбастично најави ,,легализација на марихуаната за медицинска употреба. Кратко потоа, со предлог закон за измени и дополнување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции предложи регулирање на медицинската употреба на канабис.

Ваквиот начин на регулирање на ова прашање нема да придонесе за поголема достапност на канабисот и неговите деривати до оние на кои им е најмногу потребен, а тоа се луѓето со одредени медицински состојби.

Здружението ХОПС Опции за здрав живот Скопје иако не беше повикано да се вклучи во јавните расправи и да даде свој придонес како експертска организација која 20 години работи на полето на политки на дроги, во јавноста укажа на недоследностите на кое предлагачите на овие законски измени останаа глуви. Поради тоа ХОПС изготви Анализа на предложените измени и дополнувања на закон за измени и дополнување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции . 

Поради оваа причина Ве покануваме на прес конференција која Здружението „ХОПС - Опции за здрав живот Скопје„ ја организира на 10 февруари во 11 часот пред Собранието на РМ. 

Од оваа Анализа произлегоа следните заклучоци:

-    Иако  цел на предложените измени на Законот за контрола на дроги и психотропни супстанции е регулирање на медицинската употреба на конопот, произлезе дека предложените одредби не и служат на најавената цел, туку напротив фаворизираат финансиски моќни правни лица кои ќе го контролираат пазарот со канабис и неговите деривати;
-    Поради предложените одредби со кои се уредува начинот на производство, чување и преработка на канабисот, со кои се става голем финасиски товар на правните лица кои би ја работеле оваа дејност, ОЧЕКУВАНО Е крајниот производ да биде со висока цена, а со тоа недостапен за најголемиот дел од луѓето на кои им е потребен;
-    Со предложените законски одредби се ограничува листата на болести односно состојби за кои би можело да се користи конопот во медицински цели, воведувајќи премногу строги критериуми за лекови за кои и самиот предлагач во образложението наведува дека е еден од најбезбедните лекови достапни денес;
-    Алармантен е предлогот за воведување на казнени одредби во овој закон, со кои се криминализира личната употреба на канабисот, што претставува дополнително регулирање на материја која веќе е регулирана со Кривичниот Законик на РМ, што е спротивно на Уставот на РМ и предизвикува правна несигурност на граѓаните на РМ;
-    Несоодветно е регулирање на медицинска употреба на канабисот како лек во Законот за дроги чии цели се контрола и производство на опојни дроги и психотропни супстанции, мерки за превентива на употребата и злоупотребата на опојни дроги, класификација на опојни дроги услови и надзор за одгледување и производство на опојни дроги и мерки за сузбивање на злоупотребата.
Од овие причини бараме овој предлог Закон за измени и  дополнување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции да се повлече од собраниска процедура, и во најбрз можен рок да се изработи посебен закон со кој ќе се регулира медицинската употреба на канабис, каде правата на пациентите и достапноста до сите на кои им е потребен ќе биде главна цел на истиот.  

На овој линк ви ја доставуваме целата анализа и ставот на ХОПС за медицинска употреба на канабис, 

а на овој линк е Предлог - закон за изменување и дополнување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции.