Интервју за програмите за намалување на штети од дроги со Ана Јаковлева

Направивме интервју со Ана Јаковлева која работи на програмите за намалување на штети во ХОПС веќе со години. 


Која е улогата на програмите за намалување на штети од дроги?


Ана: Програмите за намалување на штети од дроги се насочени кон сеопфатна интервенција на проблемите на зависност, со оглед на тоа дека зависноста  не претставува само медицински проблем и не може единствено фармаколошки да биде решен. Она што овие програми го нудат надвор од медицинскиот третман на зависноста е и психо-социјална поддршка на клиентите и нивните семејства, што всушност може да се забележи и од самата внатрешна организација на програмите со постоење на медицински сервис, сервис за размена на опрема, социјален сервис, правен сервис, поддршка од психолог и психијатар.


Дали програмите за намалување на штетите прават разлика во животот на високо маргинализираните, ризични корисници на дрога?

Постоењето на програмите за намалување на штети од употреба на дроги, има направено голема разлика во животот на високо маргинализираните односно ризични корисници на дрога. Како причина е тоа што постоењето на програмите од ваков тип им даваат чувство на прирадност, односно во овој случај корисниците на дрога се чувствуваат како дел од секојдневието на ова општество. Овие програми им даваат чувство на еднаков третман, чувство на безбедност и чувство дека и овие луѓе како и сите останати се важни за ова општество. Постоењето на овие програми е еден вид на “ среќа “ за маргинализираните групи. 

Ана: Преку средбите кои ги остваруваме секојдневно со различни луѓе, се добива впечаток дека сите тие луѓе покрај зависноста, она што им е заедничко е тоа дека се отфрлени од ова општество и единствено за да нивниот глас и нивните основни потреби како примарен медицински третман, поддршка за остварување на правата од социјална заштита, комплетирање на документација за лична идентификација, остварување на правото на здравствена заштита, правна поддршка, можат да се обезбедат токму со постоењето на ваквите програми.


Каква е перцепцијата за програмите за намалување на штети во нашето општетсво?

Ана: Уште од самите почетоци сме добивале најразлични коментари. Целта е да се намалат штетите од употреба на дрога, одржување ниска ХИВ преваленца. Луѓето без да го знаат ова, остро осудуваат дека всушност ние со делењето на стерилни игли и шприцеви ги охрабруваме и ја поддржуваме нивната зависност. Но, како одминува времето и како ХОПС почнува да биде погласен за неговата работа, така луѓето почнуваат да имаат поинакво мислење за она што ние го правиме. Секако, негативни коментари секогаш ќе има и тоа е добро бидејќи ќе ни користат за да видиме каде ние како ХОПС правиме грешки во спроведувањето на овие програми, а со тоа и да ги унапредиме активностите кои ги спроведуваме, односно да воведеме и нови ако за тоа има потреба.


Кои се придобивките на програмите за намалување на штети за пошироката заедница?

Ана: Постоењето на овие програми има позитивно влијание не само на лицата кои што употребуваат дрога и нивните семејства, туку и на пошироката заедница. Мораме да запомниме дека програмите за намалување на штети како и превенцијата од ХИВ и други крвно и сексуално преносливи инфекции се прашање на јавно здравство. Ова се постигнува преку континуираното едуцирање за користење на кондом при секој сексуален однос и безбедно и совесно однесување кое што подразбира постојано користење на стерилен прибор, како и правилно складирање на употребената опрема и нејзино враќање во центрите и правилно уништување.

Една од најголемите бариери за програмите за намалување на штетите е недостатокот на одржливо финансирање, со што се принудуваат програмите да се намалат или да работат со многу намалена стапка или затворат. Зошто е тоа така?

Ана: Концептот на здраво општество многу поинаку е дефинирано на овие простори. Мое лично мислење е дека сеуште пошироката јавност и што е најважно донесувачите на одлуки немаат јасна слика за функционирањето на ваквиот тип на програми, иако статистиките и те како го потврдуваат тоа.  Доколку се направи компаративна анализа на стапката на ХИВ и ХЦВ во земји каде постојат програми за намалување на штети и онаму каде ги нема или  по укинувањето на ваквите програми во регионот, може да се видат резултатите кои се добиваат со постоењето на овие програми за намалување на штети. За имплементација на ваков тип на програми во системите на државата и нивно прифаќање веројатно ќе треба повеќе време, но и постојана едукација и информирање на пошироката јавност, но и на институциите кои се директно вклучени.
 

Кои ќе бидат последиците од затворањето на програмите за намалување на штети?

Ана: Затворањето на овие програми би било подеднакво лошо и за лицата кои што употребуваат дроги, но и за оние кои што не употребуваат. Она што прво ми паѓа на памет е ширењето на крвно и сексуално преносливи инфекции. Единствено место каде што може да се добие бесплатно стерилна опрема за инјектирање е ХОПС. Дел од аптеките не им ни даваат опрема на лицата кои што употребуваат дроги. Дискриминација. Во овој случај, овие луѓе ќе бидат оставени сами на себе за да се изборат со нашиот нефункцианален систем. 

Ана препорачува да ја потпишеме петицијата за поддршка на програмите за намалување на штети од употреба на дроги и превенција на ХИВ  во Македонија. #СпасиЖивоти