Имплементација на поинакви политики за намалување на штети во Република Македонија – Простории за безбедна употреба на дроги

Во нормалните, развиени земји кои водат реална, а не само декларативна грижа за корисниците на наркотици и за нивната рехабилитација, како и кај оние земји кои суштински, а не „шминкерски“ работат на издржани програми за превенција и заштита од последиците од користењето наркотици кај оние граѓани кои одлучиле да консумираат наркотици, воопшто не е непознаница да се имплементираат програми за отворање простории за безбедна употреба на дроги, и тоа започнувајќи од т.н. лесни дроги (канабис, хашиш), па сè до оние наркотици кои имаат најголем импакт на животот и на здравјето по луѓето и најголем потенцијал да креираат адикција, пред сè тука мислам на опијати.

Најекспониран и најпопуларен пример за простории за безбедна употреба на дроги секако се познатите кофи шопови во Амстердам, Холандија. Секако зборот „безбедна“ во овој контекст е помалку излишен бидејќи веќе е и ноторен фактот за безопасноста на канабисот да предизвика штетни последици по здравјето и животот на луѓето, но е нужна неговата употреба од чисто правен аспект. Секако интенцијата на зададената тема е, презумирам, да ја таргетира безбедната употреба на потешки дроги, конкретно инjектирање на хероин.

Во 21 век глобално постојат повеќе позитивни примери како државите го регулираат ова прашање. Овие простории на англиски јазик познати како „Safe Injection Sites“ (SIS) претставуваат легално дозволени простории каде што под медицински надзор, во хигиенски услови, без стигма од пошироката популација, индивидуи интравенозно консумираат наркотици, а кои, онаму каде што се дозволени, се дел од програмите за намалување на штети и обезбедуваат стерилни игли, третман, советувања и основна лекарска грижа. Притоа мора да се прави дистинкција дека овие простории НЕ продаваат или обезбедуваат наркотици ниту некого го потикнуваат да консумира наркотици, туку се солуција кога проблемот веќе постои.

Дополнително пошироката јавност не треба да стравува од ваквите простории бидејќи токму пошироката јавност е таа која покрај корисникот ќе има најголем бенефит и тоа од повеќе аспекти. Првенствено значително се намалува ризикот за пренесување болести преку нехигиенско интравенозно инјектирање дроги. Дополнително ваквите простории кои се под стручна супервизија значително ќе ги намалат ризиците кај консументите да дојде до предозирање и крајно овозможува соодветен третман на корисниците на наркотици во смисла на здравствен и социјален третман.

Како што нè информира Европскиот центар за дроги и зависности (European Center for Drugs and Drugs Addiction), во февруари 2017 година постојат 31 ваква просторија во 25 градови во Холандија, 24 простории во 15 градови во Германија, пет простории во четири градови во Данска, 13 простории во 7 градови во Шпанија, две простории во два града во Норвешка, две простории во два града во Франција, една просторија во Луксембург и 12 простории во 8 града во Швајцарија. Дополнително во Словенија веќе постои проект со простории за употреба на наркотици, додека во тек се планирања за отворање такви простории во Глазгов, Шкотска и во Даблин, Ирска. Надвор од Европа постојат вакви простории во Ванкувер, Канада и во Сиднеј, Австралија.

Како граѓанин и како адвокат кој силно верува во суверенитетот на граѓанитe по малку сум алергичен на флоскулата „така прават на Запад”. Не секој пример е позитивен, а историјата нè учи и дека не секоја добра намера за контролирана и супервизирана употреба на наркотици завршува со добри резултати. Најноторен негативен пример секако е примерот со Пластшпиц парк во Цирих, Швајцарија. Локалните власти во Цирих соочени со хероинска епидемија се обидоа да го таргетираат проблемот на начин што допуштија во ограничена зона слободно интравенозно да се користат наркотици без страв од легални репрекусии. Овој проект им се врати како бумеранг на локалните власти бидејќи привлече наркодилери од цела Европа кои намирисаа профит, а изостанаа медицинската супервизија и социјалниот третман. Како резултат на тоа и неможноста да се постигне она што и беше намерата – да се намали употребата на интравенозно користење хероин и спречување на ширење болести, овој несреќен проект набрзо беше прекинат.

Од тие причини Република Македонија, доколку нејзините заложби не се само декларативни, мора да се впушти во сериозна анализа и реевалуација на постоечките законски решенија и програми кои ги нуди државава за своите граѓани кои консумираат наркотици, но и за заштита на плебсот од ширење на заразни болести кои неселективното и нехигиенското интравенозно користење наркотици секако ги носи како ризик.

За во Република Македонија да се преслика некој од постоечките модели кои се практикуваат или за да се воспостави хибриден или сосема нов модел за третирање на ова прашање постојат правни пречки. Овозможување простории за употреба на дроги, безбедно или не, е забрането и се пенализира со член 216 од Кривичниот законик на Република Македонија кој одредил дека ќе се казни со казна затвор од една до пет години секој оној кој ќе стави на располагање простории заради уживање наркотични дроги и психотропни супстанции. Квалификуван (потежок) облик на делото постои ако тоа е сторено спрема малолетник или спрема повеќе лица или предизвикало особено тешки последици, сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години. Ако делото пак го стори правно лице, ќе се казни со парична казна, а наркотичните дроги, како и подвижните или недвижните предмети употребени за нивно пренесување или растурање, или посебно наменети, или ставени за употреба, ќе се одземат.
Ваквата правна поставеност на нашиот кривично-правен систем е последица на меѓународно-правните обврски кои ги преземала нашава држава со Единствената конвенција за наркотични дроги од 1961 година, како и Конвенцијата против илегалната трговија со наркотични дроги и психотропни супстанци од 1988 година, обете на Обединетите нации каде што се оди дотаму што им се дава правна рамка на земјите потписнички дури и да ги одземат таквите простории. Секако конвенциите оставаат простор за исклучок, но во строго контролирани простории кои задолжително треба да се под лиценца и да се има дозвола за работа.

Република Македонија, за жал, не одвојува ни приближно доволно средства и политичка волја за воведување вакви програми со кои ќе им помогне на зависниците од наркотици да ги намалат штетните последици од користење наркотици, како и ќе ги заштити и самите корисници, но и пошироката јавност од ширење несакани болести. Бидејќи за воведување ваков тип програми се клучни два момента – финансиски и политички, со леснотија можеме да утврдиме дека пречката е, пред сè, недостигот на политичка волја бидејќи нашите политичари се крајно неодговорни по ова прашање, а воедно и од политичко-лукративни причини (губење на гласови) не се решаваат на вакви демек радикални чекори. Проблемот го детектирам кај политиката бидејќи средства секогаш ќе се најдат, што преку буџетот што преку невладини организации, донори или преку програми на Обединетите нации.

За тоа да се случи првенствено е нужна измена на член 216 од Кривичниот законик или негово дополнување каде што ќе се воведе исклучок во смисла на тоа овозможување на простории што е казниво, ОСВЕН во услови на лиценцирани простории. По ова би се јавила потребата и на дополнување на член 122 од Кривичниот законик кој ги појаснува користените поими во Законот за да се појасни што претставува лиценцирана институција или просторија.

Тоа е интервенцијата во Законот која треба да се преземе за да се исклучи кривичната одговорност. Посериозна интервенција е секако потребна во Законот за здравствена заштита на Република Македонија за кој закон ваквиот тип третман и програми за намалување на штетни последици од консумација на наркотици е непознаница. Но, во овој дел проблемот и не е само нормативен. Ако можам да имам разбирање за граѓани-лаици кои имаат негативно мнение за ваков тип третман, тогаш никако не можам да имам разбирање за медицински лица кои се противат на воведување простории за безбедна употреба на дроги. За жал, голем дел од нашите лекари недопустливо имаат предрасуди кон зависниците и во иднина Министерството за здравство мора интензивно да работи на тоа поле.
Како граѓанин кој силно верува во самоповредување како пенализирачки пристап, но и како одговорен човек кој смета дека државниот апарат е тој кој треба да гарантира здравствена благосостојба и да спречи ширење на заразни болести, апсолутно сум на став дека Република Македонија во блиска иднина, барем за почеток како пилот-проект, треба да имплементира една ваква програма за обезбедување простории за безбедна употреба на дроги од што здравствен бенефит ќе имаат и зависниците, но и граѓаните.

Јанаки Митровски

Авторот работи како адвокат од 2012 година. Има магистерска теза со наслов Легализацијата како начин на сузбивање на трговијата со наркотици на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој е жесток поддржувач на легализацијата / декриминализацијата на сите наркотици за лична употреба. Автор е во правните списанија Правник и Правоматика. Еден е од основачите на Здружението за канабис и зелени политики БИЛКА Скопје.