Иднината на програмите за намалување на штети од употреба на дроги во Македонија. Анализа на активностите и на буџетите на програмите за намалување на штети

Програмите за намалување на штети од употреба на дроги во Македонија датираат од 1996 година кога Асоцијацијата за социокултурни активности МАСКА ја отвори првата Програма за размена на прибор за инјектирање, што следната година ја продолжи ХОПС – Опции за здрав живот Скопје. Оттогаш до денес во Македонија се развиени вкупно 16 програми за намалување на штети, од кои четири се во Скопје и по една програма во други 13 градови. Програмите за намалување на штети од употреба на дроги во Македонија се карактеризираат со нивната комплементарност, односно тие нудат повеќе услуги на едно место – стерилен прибор за инјектирање, кондоми, услуги од медицинско лице, социјален работник, теренска работа, тестирање за ХИВ и за хепатит Ц, а во 6 градови и бесплатна правна помош. Токму поради оваa карактеристика овие програми се препознаени како добра пракса не само во регионот туку и пошироко, и голем број на студиски посети се реализирани во Македонија каде што учесници од разни земји ги посетиле програмите на ХОПС во Скопје и стекнувале знаење за тоа како да се развива успешна програма за намалување на штети од употреба на дроги.

Освен Град Скопје, што учествува во кофинансирање на еден центар за намалување на штети (финансирање на 2 ангажирани лица – координатор и социјален работник, како и трошоци за кирија и за спалување на медицинскиот отпад), сите други програми и активности се финансирани од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, чија поддршка завршува во декември 2016 година. Во овој момент, континуитетот на овие програми е неизвесен поради необезбедената финансиска поддршка по завршувањето на проектот поддржан од Глобалниот фонд. Затоа оваа Студија има цел да даде придонес во изнаоѓањето на начини за континуирано финансирање на програмите за намалување на штети и нивна одржливост преку предлагање на два модела за нивно продолжување – минимален модел со минимален број на услуги и минимални финансиски средства и оптимален модел со оптимален број на услуги и во согласност со нив оптимални финансиски средства. Извршното резиме со резултатите од студијата може да го преземете тука, а целосниот текст од студијата тука.