ХОПС беше дел од јавна дебата за новиот закон за спречување и заштита од дискриминација

Во организација на Министерството за труд и социјална политика и Мисијата на ОБСЕ на 20 октомври во Скопје се одржа јавна дебата за измените и дополнувањата на Законот за спречување и заштита од дискриминација, во присуство на десетици претставници на невладините организации меѓу кои адвокатките Хајди Штерјова Симонович, Наташа Бошкова и социјалниот работник Билјана Страмшaк Ѓуровска од ХОПС.

Со овој закон се уредува општата забрана за дискриминација, формите и видовите на дискриминација, постапките за заштита од дискриминација и составот и работата на Комисијата за заштита од дискриминација. Целта на законот за спречување и заштита од дискриминација е да се обезбеди принципот на еднаквост, спречување и заштита од дискриминација во остварувањето на правата и слободите гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите, и во ратификацијата на меѓународните договори. Во законот ќе се додаде и родовиот идентитет, каде ќе се признае на некој начин постоењето на лицата кои се тангирани од прашањето за родовиот идентитет. 


Од Министерството за труд и социјална политика сметаат дека во законското решение се значајни промените во однос на дефинирањето кое е усогласено со меѓународните стандарди.

Како новина во Законот се предвидува и тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес. Во таа насока во измените на Законот за  спречување и заштита од дискриминација, се пропишува дека Здруженија, фондации, или други организации од граѓанското општество, кои имаат оправдан интерес за заштита на интересите на одредена група или во рамките на својата дејност се занимаваат со заштита од дискриминација, можат да поднесат тужба.