Хероин

Хероин - Диацетилморфин (хорс, роба) е моќeн полу-синтетски опиоид добиен по хемиски пат од морфиумот. Англискиот хемичар Алдер Врајт (C. R. Alder Wright) прв го синтетизираше хероинот во 1874 година во обид за пронаоѓање на помалку зависна алтернатива за морфиумот. Комерцијална вредност на хероинот била препознаена во 1897 година од страна на Хајнрих Дресер (Heinrich Dreser) и Феликс Хофман (Felix Hoffman) во фармацевтската компанија Bayer.

Уличниот хероин се наоѓа во форма на прав со кафеава боја. Во чиста форма (фармацевтски) хероинот е бел прав активен во дози од 5 милиграми. Уличниот хероин може да соддржи додатоци или нечистотија, како на пример средство за сечење и добивање на поголема количина, нечистотија која се јавува при нелегалното производство или поопасни силни аналози како фентанил, што е пракса во некои земји од светот.

Хероинот се користи рекреативно поради интензивната физичка и когнитивна еуфорија која ја предизвикува, релаксацијата, ослободувањето од болка и вознемиреност. Синтетските опиоиди како хероинот структурно ги имитираат ендогените ендорфини, кои природно се создаваат во телото и делуваат врз μ-опиоидните рецептори во мозокот. Ендогените ендорфини во телото се ослободуваат во одговор на болка, при физичко вежбање, оргазам, или кај возбуда.

Како и многу други опиоиди, чист хероин во соодветни дози не предизвикува многу долгорочни компликации освен физичка и психичка зависност. Покрај исклучително тешката физичка и психичка зависност која може да се развие, штетните или токсични аспекти на користењето хероин се поврзани со непреземање на неопходните мерки на претпазливост во однос на начинот на примена, дозирање и честотата на користење.

Хероинот на уличниот пазар варира во својот состав, чистота и јачина. Поради тоа не може со сигурност да се знае точната доза која може да доведе до предозирање. Фатална доза за хероинот се движи помеѓу 70 и 600 милиграми и зависи од толеранцијата, телесната тежина, начинот на примена и индивидуалната издржливост. Користење хероин во високи дози може да резултира со прекин на дишењето кое води кон недостиг на кислород во мозокот и ткивата што може да биде фатално. Хероинот може да предизвика гадење и повраќање. Значителен број на смртни случаи кај предозирање од опиоиди се предизвикани од аспирација на повратена маса од лицето кое е во бессознание. Тоа може да се спречи доколку лицето кое е во бессознание се помести во безбедна странична позиција додека лежи. При сомнеж за предозирање, се користи налоксон кој е антидот кај предозирање со опиоиди и може да спаси живот. Во случај на сомнеж за предозирање од опиоиди веднаш треба да се повика службата за итна помош.

Хероинот е ПАС која често се користи со инјектирање. Поради формата, при интравенска употреба постои зголемен ризик за оштетување или инфицирање на вените и околното ткиво. Доколку хероин се користи со инјектирање се препорачува да се применуваат практики за намалување на штети и упатства и постапки за безбедно инјектирање, особено поради ризикот од предозирање и заразување со крвно преносливи инфекции (ХИВ, хепатит Б и Ц).

Како и кај другите опиоиди, хронична употреба на хероин се смета за крајно ризична поради исклучитено високиот потенцијал за предизвикување психичка и физичка зависност. Кога психичка или физичка зависност ќе се развие, може да се јави силна желба за повторно користење, знаци на ментално и физичко повлекување доколку лицето наеднаш прекине со користењето како и апстиненцијални кризи.

Толеранција на ефектите на хероинот се развива со продолжена и повторна употреба во различни етапи за различни ефекти. Ова резултира со потреба од внесување на поголеми дози за да се постигне истиот психоактивен ефект. Ризикот од предозирање со хероин расте по период на прекин и во голема мерка поради намалување на толеранцијата. Кога корисниците по период на прекин користат хероин во дози користени пред прекинот, тие ја немаат физичката толеранција од претходно поради што може да дојде до фатално предозирање. За оние кои ќе решат повторно да користат хероин побезбедно е после подолг период на прекин или трезвеност да се користат најмали можни дози.

Хероин под генеричкото име диаморфин во Велика Британија се користи како средство против силни болки. Во некои европски земји како Швајцарија, Германија, Данска, Холандија и Велика Британија хероинот е достапен како супституциска терапија за хроничните зависниците кои неможат да престанат да инјектираат хероин.  
 
СОВЕТИ:

  • Доколку решиш да користиш хероин внимавај на количините и честотата на користење;
  • Ризично е користење на хероин заедно со други депресанти како бензодијазепини, барбитурати, метадон, ГАБАергици (алкохол, ГБХ) поради зголемен ризик за настанување на фатално  предозирање;
  • Инјектирање ПАС секогаш носи дополнителни ризици како опасност од предозирање, пренесување на крвнопреносливи инфекции (ХИВ, хепатит Б и Ц) и други здравствени проблеми;
  • Во случаи на инјектирање на хероин  се препорачува примена на практики за намалување на штети и упатства и постапки за безбедно инјектирање на ПАС.
  • Најдобро е да се прават паузи помеѓу две користење (денови, недели) поради намалување на можноста за создавање толеранција, навика на користење и потенцијална психичка зависност.
 
Изјава за одрекување од одговорност !!
Инфографиките се од едукативна природа, базирани на докази и немаат за цел потикнување на употреба на психоактивни супстанции (ПАС). Користењето на ПАС секогаш со себе носи ризици, затоа најдобро е да не се користат, но доколку се решиш да ги користиш добро информирај се за нивното дејство и како безбедно да ги употребуваш. Најдобар начин да се заштитиш од можните ризици и штетни последици при употреба на психоактивни супстанции, а воедно да ги потенцираш бенефитите е информирањето за дејствата, дозирањето, траењето, начинот на безбедно користење како и мешањето и интеракција со други ПАС и лекови.